Орбан ја блокираше помошта за Украина
15 декември 2023Унгарија ја блокираше исплатата на натамошната помош од ЕУ за Украина во висина од 50 милијарди евра. „Вето против дополнителните средства за Украина“, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан во текот на изминатата ноќ на мрежата Х. Поради тоа, како што соопшти холандскиот премиер Марк Руте, сега шефовите на држави или влади на ЕУ се договориле за помошта да разговараат повторно во јануари.
„Постигнавме договор со 26-те земји. Виктор Орбан, Унгарија, не беше во состојба за тоа. Прилично сум уверен дека можеме да постигнеме договор на почетокот на следната година, размислуваме за крајот на јануари“, рече Руте, додавајќи дека има уште време и дека Украина нема да остане без пари во текот на следната недела.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, рече: „Ќе се вратиме на ова прашање на почетокот на следната година и ќе се обидеме да постигнеме едногласност“.
Нема 50 милијарди за Украина
На самитот на ЕУ требаше да се донесе одлука за поддршка на Украина во наредните години во висина од вкупно 50 милијарди евра. Од нив 17 милијарди евра треба да се слеат како грантови, а 33 милијарди евра како кредити. Исто така, се планира прилагодување на други области од долгорочниот буџет на ЕУ од 2021 до 2027 година. На барање на земји како Италија, треба да има и дополнителни пари за конкурентноста на индустријата и миграциската политика, но и овие планови засега се погодени од ветото на Унгарија. Орбан пред самитот веќе ги критикуваше предлозите на Европската комисија за ревизија на долгорочниот буџет како „неосновани, неурамнотежени и нереални“.