1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамАвстрија

Планиран напад на концертите на Тејлор Свифт: трет уапсен

ЖА
9 август 2024

Откако во Виена беа откажани концертите на Тејлор Свифт поради откриени планови за напад, уште еден осомничен исламист е уапсен во Австрија.

https://p.dw.com/p/4jHur
Виена: Трет уапсен во врска со плановите за напад на концертите на Тејлор Свифт
Виена: Трет уапсен во врска со плановите за напад на концертите на Тејлор Свифт Фотографија: Klaus Titzer/APA/dpa/picture alliance

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави во петокот дека станува збор за 18-годишен Ирачанец кој бил во контакт со  19-годишниот главен осомничен  и кој исто така се заколнал на лојалност на џихадистичката милиција Исламска држава (ИД). Сепак, нема докази дека 18-годишниот бил директно вмешан во плановите за напад на концерт на Тејлор Свифт.

Во меѓувреме, на двајцата осомничени кои беа уапсени во средата им е одреден истражен притвор. 19-годишниот наводен главен сторител признал дека сакал да го забие својот автомобил во толпата навивачи на Тејлор Свифт пред стадионот Ернст Хапел во Виена во четврток или петок. Негова цел биле навивачите кои не можеле да набават билети и чекаа пред стадионот.

Австриските безбедносни власти претходно соопштија дека  Австриецот со корени од Северна Македонија  признал намера да убие „голем број луѓе“ со самоубиствен напад. Тој имал на ум напад со експлозив, како и убодно оружје.

19-годишникот и 17-годишникот се наоѓаат во притвор во затворот Винер Нојштад. Според јавното обвинителство, двајцата поради сомневање за нивна поврзаност со ИД се под истрага поради делото припадност на терористичка организација и криминална организација.

17-годишниот наводен соучесник со турско-хрватски корени и понатаму одбива да сведочи. Според новинската агенција АПА, тој веќе ѝ бил познат на австриската служба за државна безбедност, а  од пред неколку дена бил вработен во компанија одговорна за услуги во рамките на стадионот Ернст Хапел. Друго 15-годишно момче не се смета за осомничено и било испрашувано само како сведок.

Според шефот на австриската тајна служба Омар Хаијави-Пирчнер, 17-годишникот работел за компанија која, меѓу другото, требало да понуди пијалоци и храна за време на концертот на Тејлор Свифт во четвртокот. Кај него бил пронајден пропаганден материјал од терористичката милиција ИД и терористичката мрежа Ал Каеда.

Во средата, организаторот на концертите на Тејлор Свифт во Виена, планирани од четврток до сабота,  ги откажа сите три настапи   во австриската престолнина откако беа објавени апсењата. Министерот за внатрешни работи Карнер истакна дека е спречена „трагедија“ и дека е потврдена  „терористичката закана за цела Европа“.  Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД), исто така, зборуваше за континуираниот висок ризик од тероризам во Европа, а со тоа и во Германија.