1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамЕвропа

Концертите во визир на терористите

Инес Ајзеле
9 август 2024

Откажаните концерти на Тејлор Свифт се горко разочарување за фановите. Но, заканата од тероризам на музичките настани во Европа е реална. Примери за напади и планови за напади од последниве години.

https://p.dw.com/p/4jH6l
Полска I Тејлор Свифт концерт Варшава
Поп ѕвездата Тејлор Свифт на концерт во Варшава на 1 август 2024 годинаФотографија: Antonio Byszewski/Fotonews/Forum/IMAGO

Август 2024: Откажување на три концерти на Тејлор Свифт во Виена

Поради планиран исламистички напад, организаторот ги откажа концертите на американската поп пејачка на 8-ми, 9-ти и 10-ти август на стадионот Ернст Хапел. Полицијата очекуваше околу 65.000 посетители по концерт, од кои многумина веќе пристигнаа. Набргу по апсењето, 19-годишниот главен осомничен, според австриските безбедносни власти, признал дека сакал да убие „голем број луѓе“ со самоубиствен напад. Од симпатизерот на џихадистичката милиција „Исламска држава“ (ИД) се запленети и хемиски супстанции и технички средства. Уапсен е и еден 17-годишник. Со двете апсења, како што се вели, е минимизирана конкретната закана, но апстрактна закана со зголемен ризик од тероризам постои со месеци.

Март 2024: Напад на ИД врз московскиот Крокус Хол

Русија I Изгорениот објект Крокус Хол во Москва
Изгорениот објект Крокус Хол во Москва набргу по нападотФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/picture alliance

Повеќе од 140 луѓе беа убиени во напад на Крокус Хол, во предградието на Москва, во март годинава. Четворица вооружени напаѓачи отвориле оган врз посетителите, а потоа го запалиле комплексот згради. ИД, која се бори против Русија во Сирија и е активна и во рускиот регион Кавказ, ја презеде одговорноста за нападот. Сепак, тоа не ја спречи руската влада да се сомнева дека нарачателите се во Украина. Нападот започна непосредно пред рок групата Пикник да го отпее својот хит „Nothing to Fear".

Јуни 2017: Аларм за терор на „Рок ам Ринг“

Рок ам Ринг фестивал
На 3 јуни 2017 година посетителите повторно беа пуштени на „Рок ам Ринг“Фотографија: picture alliance/dpa/T. Frey

На 2 јуни 2017 година околу 86.000 љубители на рокот мораа да ја напуштат локацијата на фестивалот бидејќи полицијата добила информации за можна терористичка закана. По интензивното пребарување на областа и понатамошни истраги, не беше најден конкретен материјал и непосредна закана што би укажувала на планиран напад. Затоа фестивалот продолжи следниот ден. Зголемената будност на „Рок ам Ринг“ во 2017 година ја одразуваше напнатата безбедносна ситуација во Европа, особено по нападите во Париз и Манчестер.

Мај 2017: Бомбашки напад во Манчестер

терористички напад Манчестер
Сеќавање на жртвите неколку дена по нападот во МанчестерФотографија: Jonathan Nicholson/NurPhoto/picture alliance

Во напад во мај 2017 година, во Манчестер Арената во Велика Британија, загинаа 22 лица, а стотици беа повредени. 22-годишник активираше рачно изработена бомба додека гледачите ја напуштаа арената по концертот на американската пејачка Аријана Гранде, а многу родители беа таму за да ги земат своите деца. Одговорноста за злосторството ја презеде терористичката милиција „Исламска држава“. Аријана Гранде организираше добротворен концерт за да собере пари за жртвите и нивните семејства.

Јануари 2017: Напад во ноќниот клуб Реина во Истанбул

Турција I терористички напад во Истанбул - ноќен клуб Реина
Фотографии и цвеќиња пред ноќниот клуб Реина една година по нападотФотографија: Serhat Cagdas/AA/picture alliance

Малку по 1 часот по полноќ, маж вооружен со автоматска пушка отвори оган во ноќниот клуб Реина во Истанбул за време на новогодишната забава на 1-ви јануари 2017 година. Уби 39 луѓе. Напаѓачот првично успеа да побегне, но две недели подоцна беше уапсен во турската метропола. ИД ја презеде одговорноста за нападот, кој требаше да биде одмазда за турската воена интервенција против ИД во Сирија. Нападот ја шокираше Турција, која во тоа време веќе страдаше од серија терористички напади и политички тензии.

Јули 2016: Самоубиствен напад на музички фестивал во Ансбах

Германија I Безбедносни сили на местото на нападот во Ансбах
Безбедносни сили на местото на нападот во Ансбах, БаваријаФотографија: Matthias Schrader/AP Photo/picture alliance

Вечерта на 24 јули 2016 година, бомбаш самоубиец се разнесе на фестивалот на отворено „Ансбах опен“. Освен самиот 27-годишен напаѓач, немаше други загинати, но 15 лица беа повредени, од кои многумина потешко. Сторителот, кој очигледно припаѓал на исламистичкиот спектар, ја активирал експлозивната направа во својот ранец пред вински бар во малиот баварски град Ансбах, во близина на местото на фестивалот. Непосредно пред тоа, тој бил вратен од влезот бидејќи немал влезница.

Ноември 2015: Напад на ИД во Батаклан во Париз

Франција I терористички напади во Париз
Затворениот Батаклан во Париз на 14 ноември 2015 годинаФотографија: Sébastien Muylaert/Wostok Pre/picture alliance

Вечерта на 13-ти ноември, тројца тешко вооружени терористи упаднаа во Батаклан за време на концертот на американската рок група „Eagles of Death Metal". Напаѓачите отворија оган врз околу 1.500 луѓе во салата, а потоа зедоа заложници. Полицијата интервенирше по околу два и пол часа и уби двајца од напаѓачите; третиот се разнесе самиот. Нападот беше дел од серијата координирани напади на терористичката организација Исламска држава (ИД) таа вечер во француската престолнина. Загинаа вкупно 130 луѓе, од кои 90 во Батаклан. Тој напад останува еден од најлошите терористички напади во поновата историја на Европа и трајно ја промени перцепцијата за безбедноста и заканите.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик