1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Светот тагува со Манчестер

СН /дпа,афп,ртр
23 мај 2017

Лидерите на земјите ширум светот денеска изразуваат остра осуда за нападот на концертот во Манчестер и сочувство на семејствата на жртвите во терористичкиот напад, кој однесе 22 живота.

https://p.dw.com/p/2dQRY
Großbritannien Tag nach dem Anschlag in Manchester
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Scarff

Светските државници ѝ изразија сочуство на Велика Британија и на семејствата на жртвите од бомбашкиот напад на концертот на Аријана Гранде во Манчестер. Во нападот загинаа 22 лица и се ранети околу 60. Меѓу жртвите има и деца.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги осуди „злите губитници“ кои стојат зад терористичкиот напад во Манчестер. „Нема да ги наречам терористите монструми, ним би им се допаднало тоа име. Ќе ги наречам губитници, бидејќи тие и тоа се“, рече Трамп по разговорот со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Витлеем на Западниот Брег.

Тој порача дека „терористите мораат да бидат исфрлени од нашето општество засекогаш и оти невините животи мораат да бидат заштитени“. И првата дама на САД, Меланија Трамп, на Твитер напиша оти е „во мислите и во молитвите со семејствата на жртвите“. Абас го осуди нападот во Манчестар и додаде дека е посветн во борбата против тероризмот.

 Германската канцеларка Ангела Меркел изрази длабоко жалење поради нападот. Таа соопшти дека е ужасната од нападот додавајќи оти „Германија е со Британија“.

Врисоци и масовна паника по експлозијата во Манчестер

И германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, порача дека во „ мислите е со британските пријатели“.

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ изрази искрено сочуство на британската премиерка Тереза Меј и „најостро го осуди нечовечниот и циничен напад“. Кремљ соопшти оти Путин изразил подготвеност да соработува во борбата против тероризмот со британските партнери на билатерално ниво во рамки на меѓународна соработка

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека е „згрозен“ од нападот и ѝ изрази сочуство на Велика Британија и на семејствата на жртвите. „Претседателот на Републиката ќе продолжи со владата и со британските сили во борба против тероризмот“, се наведува во пораката на француското претседателство и се додава дека Макрон телефонски подоцна ќе разговара со британската премиерка.

Канадскиот премиер Џастин Трудо на Твитер напиша оти „Канаѓаните се ужаснати по вестите за нападот во Манчестер“ и дека во мислите се со жртвите и со нивните семејства.

Австралискиот премиер Малком Турнбул изјави денеска пред парламентот дека нападот во Манчестер е „брутален напад на младите луѓе насекаде во светот“.

На Твитер нападите ги осудија и изразија сочуство премиерите на Италија, Паоло Џентилони, и на Шпанија, Маријано Рахој, а соопштение со осуда и изрази на сочувство по повод нападот издаде и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Großbritannien Anschlag in Manchester
Фотографија: Getty Images/C. Furlong

Јункер наведе оти „заедно ќе се бори со Велика Британија против оние кои сакаат да го уништат нашиот начин на живот“.

Нападот остро го осуди и јапонската влада, како и шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу кој на Твитер упати сочуство до британскиот народ и до британската влада.

Кинескиот претседател Си Џинпинг изрази длабоко сочуство во пораката до британската кралица Елизабета Втора. „Кинескиот народ цврсто стои до британскиот во овој тежок момент“, се наведува во пораката.

Џихадистите од Исламска држава објавија на социјалните мрежи видео снимка во која ја презедоа одговорноста за нападот во Манчестер, јави порталот Акхбар Ирак.