1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција и БРИКС: Каква игра игра Ердоган?

Анчал Вохра
18 септември 2024

Дали апликацијата на Турција за членство во БРИКС е знак дека земјата се оддалечува од ЕУ или само начин да се изврши притисок врз ЕУ? Соговорниците на ДВ сметаат дека може да биде и едното и другото.

https://p.dw.com/p/4kiVf
Реџеп Таип Ердоган Турција БРИКС
Реџеп Таип Ердоган при пристигнување на самитот на БРИКС во Јужна Африка во 2018 Фотографија: Gokhan Balci/AA/picture alliance

Турција одлучи официјално да аплицира за приклучување кон БРИКС, група на земји во забрзан развој, првично составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка - но во која во голема мера доминираат Москва и Пекинг.

Омер Челик, портпарол на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потврди дека Анкара го поднела барањето и рече дека барањето сега „е на чекање".

„Нашиот претседател веќе неколку пати кажа дека сакаме да станеме членка на БРИКС“, изјави Челик на почетокот на септември. „Нашето барање по ова прашање е јасно и процесот се одвива во тие рамки."

Рускиот претседател Владимир Путин ги поздрави напорите на Анкара, јавуваат турските медиуми. Тој рече дека „целосно ќе го поддржи“ приклучувањето на Турција.

Ако Турција навистина стане членка на  БРИКС, група  која често се опишува како противтежа на глобалниот поредок предводен од Западот, би можела уште повеќе да се оддалечи од Европската унија - а со тоа и од придобивките од тој единствен пазар од 27 членки.

Што очекува ЕУ од кандидатката?

Турција има право да одлучува за своите меѓународни партнерства, но ЕУ очекува земјата-кандидат да ги поддржува вредностите на ЕУ, изјави Петер Стано, портпарол на дипломатската служба на ЕУ.

„Очекуваме од сите земји-кандидатки цврсто и недвосмислено да ги поддржат вредностите на ЕУ, да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од релевантните трговски договори и да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика“, изјави Стано за ДВ.

„Тоа се важни сигнали за заедничките вредности и интереси, односно стратешката ориентација на земјите“, додаде тој.

Некои ја гледаат желбата на Турција да се приклучи на БРИКС како реакција на деценискиот недостаток на напредок во преговорите за пристап во ЕУ.

Реџеп Таип Ердоган Турција
Што се надева Ердоган дека ќе донесе прием на Турција во Брикс? Фотографија: MIKE HUTCHINGS/AFP/Getty Images

Во минатогодишниот извештај за напредокот, европските парламентарци заклучија дека „стапката на усогласеност на Турција со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ падна на историски најниско ниво од седум проценти, убедливо најнизок процент од сите земји кандидати“.

Начо Санчез Амор, член на шпанските социјалдемократи во Европскиот парламент, укажува дека патот на Турција кон ЕУ води преку реформи.

„Неодамна видовме обновен интерес на турската влада за заживување на процесот на пристапување во ЕУ“,изјави тој своевремено.

„До тоа нема да дојде врз основа на геополитичко пазарење, туку само кога турските власти ќе покажат вистински интерес да го запрат континуираниот пад на основните слободи и владеењето на правото во земјата“, истакна Санчез Амор.

Процесот на пристапување на Турција започна во 2005 година, но закочи во 2018 година поради неколку прашања, вклучително и загриженоста на ЕУ за ограничувањата на слободата на медиумите, извршната контрола на судството и недостатокот на цивилен надзор над турските безбедносни сили.

Знак на фрустрација од Европската унија?

Озгур Унлухисарчикли, турски експерт од германскиот Маршалов фонд, смета дека интересот на Турција за членство во БРИКС е знак на нејзината фрустрација од Европската унија.

Турција не е само лута на ЕУ поради одложување на процесот на пристапување, туку и за непридвижувањето на модернизација на царината или трговскиот договор, ниту во врска со временската рамка за визна либерализација, што ќе им овозможи на турските граѓани да патуваат без визи во ЕУ земји.

Групата БРИКС е двојно зголемена откако беше формирана пред 15 години. Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати станаа членки, а групата доби апликации од речиси 20 други земји, вклучително и Турција.

Реџеп Таип Ердоган Владимир Путин
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин Фотографија: Alexei Druzhinin/Russian Presidential Press and Information Office/ITAR-TASS/IMAGO

Членките не стремат кон формирање заедничка безбедносна или надворешна политика. Наместо тоа,  земјите од БРИКС  имаат за цел да соработуваат на трговската и економската експанзија и да создадат она што тие го гледаат како  политичка противтежа на меѓународните институции во кои доминираат САД и ЕУ.

Да се направи Западот љубоморен

Некои турски експерти проценуваат дека напорите на Ердоган да се приклучи на БРИКС се всушност желба да се здобие со лост за да се помогне во напорите на Турција за пристапување во ЕУ.

Асли Ајдинташбаш, соработник во институцијата Брукингс со седиште во Вашингтон, специјализирана за Турција, вели дека процесот на пристапување на Турција во ЕУ „е во кома долго време“, а турските креатори на политиката или се обидуваат да го оживеат или веруваат дека немаат што да изгубат со  приклучување кон БРИКС.

„Европејците практично го замрзнаа пристапниот процес на Турција и додека Балканот оди напред, тие се подготвуваат целосно да ја исфрлат Турција од програмата за проширување“, укажува  Ајдинташбаш за ДВ.

„Мислам дека турските носители на одлуки не гледаат на БРИКС како намалување на важноста на Турција, туку како нејзино зголемување со тоа што го прават љубоморен Западот и ѝ даваат поголема шанса на Турција да го привлече нивното внимание."

Озгур Унлухисарџикли, сепак, верува дека оваа стратегија би можела да има контраефект, бидејќи влезот на Турција во БРИКС може да ги натера земјите од ЕУ да станат сомничави кон Анкара.

„Ако Турција стане членка на БРИКС, нејзиниот кредибилитет или доверливост во трансатлантската алијанса дополнително ќе се намали“, вели тој.

Незаменлив сојузник кому не му се верува

Потезите на турската надворешна и безбедносна политика веќе го нарушија имиџот на земјата во западните престолнини.

Турција одби да ги поддржи санкциите против Русија и наместо тоа стана најголемиот купувач на руска сурова нафта.  Турција, исто така, го поддржува Хамас,  милитантната палестинска група која изврши терористички напади врз Израел на 7 октомври и е класифицирана како терористичка организација од Европската унија, како и од САД, Германија и неколку други земји.

САД и другите сојузници на НАТО  беа исто така лути поради купувањето на противвоздушни системи С400 од страна на Турција од Русија во 2017 година. Исто така, имаше тензии во 2022 година, кога  Турција две години го блокираше членството на Шведска и Финска во НАТО, пред да се откаже од своето противење оваа година.

Меѓутоа, локацијата на Турција меѓу Западот и Истокот ја прави стратешки важна земја за мисиите на НАТО и САД во регионот. Покрај тоа, во 2016 година, Анкара потпиша договор побаран од ЕУ, со кој се овозможува враќање на некои илегални мигранти кои пристигнуваат во ЕУ од Турција.

И покрај важната улога на Турција, нема знаци дека недовербата меѓу Анкара и нејзините сојузници се намалува.

Студијата на германскиот Маршалов фонд за односите на Турција со нејзините западни сојузници вели дека „Турција е најмалку доверливата партнерска нација, според испитаниците во секоја анкетирана земја. Во исто време, анкетираните во Турција ги оценуваат сојузниците како најмалку доверливи“.

Сепак, турските експерти сметаат дека балансирањето на надворешната политика на земјата, која се протега и на запад и на исток, има смисла.

„Нема сомнеж дека односите со ЕУ се бескрајно поважни, но Ердоган навистина верува дека може да игра против Западот на сметка на незападните нации“, предупредува Асли Ајдинташбаш.