1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Не е на повидок развод меѓу Турција и НАТО

Бурак Унверен
27 април 2024

Турција е втора по големина армија на НАТО. Често е критикувана затоа што работи на своја рака. Но, експертите велат дека Турција и НАТО се неразделни и имаат потреба еден од друг - и покрај многуте разлики.

https://p.dw.com/p/4f2c9
Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Турција во рамките на НАТО ја има втората по големина армија, по САД. Го обезбедува југоисточното крило на Европа и во неа се сместени две главни воздушни бази на НАТО: Инџирлик и Коња. 

Турција рано се приклучи на НАТО, уште во 1952 година. Претходно, таа побара заштита од САД и НАТО во граничниот спор со Советскиот Сојуз, кој на Потсдамската мировна конференција во 1945 година побара делови од територијата на брегот на Црното Море и кон границата со Иран. Спорот заврши со повлекување на СССР од барањата, по смртта на Сталин во 1953 година. 

Анкара е позната по тоа што често работи на своја рака. Фактот дека Турција има добри односи со Русија и Кина, дури резултираше со тоа што лојалноста на Анкара кон НАТО беше доведена во прашање последниве години. 

Многу од самостојните потези на Турција - како воената интервенција во северна Сирија во 2018 година или блокирањето на пристапот на Финска и Шведска во НАТО, предизвикаа дебати на Запад за тоа - колку Турција навистина припаѓа во Алијансата. Според експертите: Да, тоа е во рамките на светскиот тренд. 

„Односот меѓу Турција и НАТО не е црно-бел, туку, може да се каже дека е во сива зона“, смета политикологот Селин Наси од Лондонската школа за економија. 

Селин Наси
Селин Наси, политиколог, Лондонска школа за економијаФотографија: privat

„Турција е земја од невидено значење за Алијансата“, вели Заур Гасимов од Универзитетот во Мајнц. „Вооружените сили на Турција се една од ретките армии во НАТО кои имаат големо борбено искуство. Турција, исто така, станува посилен партнер преку своите воено-научни технологии. Ова е нешто што сега многу интензивно го перцепираат западните земји на НАТО“, вели Гасимов. 

Стратешка автономија на сојузниците на САД 

„Стратешката автономија е термин кој Анкара многу го сака. Реалноста е дека Турција води сè понезависна надворешна политика во последните години и тоа ќе продолжи“, вели Наси.

„Турција не е единствената земја која сè повеќе носи свои одлуки. Тоа е резултат на глобалните промени и поместувањето на моќта од Запад кон Исток. Затоа, овој факт важи за сите сојузници на САД“, објаснува таа.

Гасимов веќе две децении ја набљудува „еманципацијата“ на турската надворешна политика. 

Заур Гасимов
Заур ГасимовФотографија: Privat

„Динамиката во меѓународните односи покажува дека постои тенденција да се размислува во хибридни категории. Турција може да биде активна членка на НАТО и дополнително да продолжи да ја продлабочува соработката со Русија. Не гледам никакви индикации дека тоа не функционира“. 

Наси нагласува дека Западот всушност има корист од добрите односи на Турција со Русија, иако тоа го критикува. „Морате да комуницирате со оние што не ви се допаѓаат. За тоа ви требаат посредници. Договорот за жито, кој е важен и за Европа, е постигнат благодарение на Турција“, посочува Наси. 

Улогата на Ердоган 

Сепак, стилот и начинот на комуникација на Анкара одиграа важна улога во перцепцијата на Турција како сојузник.

„На пример, турската страна имаше многу проблематична дебата за влезот на Шведска и Финска во НАТО. На крајот, добив впечаток дека Турција е земја која сака да го искористи секое надворешнополитичко прашање за да добие нешто за себе “, вели Наси, сметајќи дека тоа е еден од најголемите проблеми во соработката и додава: „Ова е една непредвидлива влада“.

Овој проблем е поврзан со концентрацијата на моќ во Турција. „Одлуките за надворешна политика се сведени на Ердоган и неколку советници. Стигнавме до точка каде што Ердоган одлучува за сè “, објаснува таа. 

Не е на повидок развод на Турција и НАТО 

Последните години се погласни стануваат оние кои - не само на социјалните мрежи - велеа дека Турција треба да биде исклучена од НАТО.

Дури и во самата Турција, членството во НАТО веќе не се гледа како нешто за кое нема алтернатива. Ердоган неколку пати размислуваше да се приклучи на „Шангајската организација за соработка“ предводена од Кина и Русија. Според експертите, една од целите на оваа организација е да го намали влијанието на НАТО. 

Самит на конференцијата во Шангај во Узбекистан
Самит на конференцијата во Шангај во Самарканд, Узбекистан, 2022 година.Фотографија: Sergei Bobylev/AP/picture alliance

„Не би било во интерес ниту на НАТО, ниту на Турција доколку оваа земја излезе од Алијансата. Во пракса, Турција воопшто не се дистанцира од НАТО. Таа како сојузник ги исполнува сите свои задачи“, вели Наси и додава уште една важна причина: 

„Сите одбранбени системи на Турција се компатибилни исклучиво со НАТО. Сето оружје, материјали, авиони... Турција е целосно интегрирана во НАТО. Ние луѓето веќе имаме проблеми кога го менуваме системот на мобилниот телефон, андроид или ајфон. Замислете како е кога станува збор за одбранбен систем, не можете преку ноќ да го промените целиот тој систем“.