Чекор поблиску до приклучување на Шведска во НАТО
27 декември 2023По неколку месеци одложување, Комисијата за надворешни работи на турскиот парламент гласаше за ратификација на приклучувањето на Шведска во НАТО, со што е отстранета важна пречка за проширување на одбранбената алијанса. Сега целиот парламент сега треба да гласа за пристапувањето на Шведска во НАТО. Кога ќе се гласа засега не е познато.
Турција го блокира пристапувањето на Шведска
Со оглед на руската агресивна војна против Украина, Шведска, заедно со Финска, поднесе барање за членство во НАТО во мај 2022 година. Финска беше примена во Алијансата како 31-ва членка на почетокот на април годинава. За да се приклучи Шведска и натаму е потребно одобрение од Турција и Унгарија. Двете земји се последните две членки на НАТО чии парламенти сѐ уште не ги ратификувале пристапните протоколи за Шведска.
Турција ја одложи ратификацијата и ја обвини Шведска за недостаток на акција против „терористички организации“ како што е Курдската работничка партија (ПКК) - и поради оваа причина одби да даде согласност. По отстапките од страна на Шведска, претседателот Реџеп Таип Ердоган на крајот од октомври објави дека ратификацијата ќе биде овозможена од турскиот парламент, но таа оттогаш е заглавена во комисијата. Неодамна Ердоган го услови своето одобрување со тоа САД да ѝ доставуваат модерни борбени авиони Ф-16 на Турција.
Столтенберг ја поздрави одлуката
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на комисијата во турскиот парламент. „Сметам дека Турција и Унгарија ќе ја завршат ратификацијата што е можно поскоро. Членството на Шведска ќе го направи НАТО посилен“, рече Столтенберг.