Шведска- чекор поблиску до НАТО
24 октомври 2023Брзото членство на Шведска во НАТО станува сѐ поизвесно. На големо задоволство на властите во Стокхолм и на раководстото на Алијансата. Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја поздрави одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да го достави до турскиот парламент нацрт-закон за ратификација на влезот на Шведска во НАТО.
„Сега останува на парламентот да го реши тоа прашање“, напиша тој на социјалната мрежа X.(поранешен Твитер) „Со нетрпение очекуваме да бидеме членка на НАТО.“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, го поздрави потегот. Столтенберг во изјава за новинската агенција АП рече дека со нетрпение очекува наскоро да ја пречека Шведска како полноправна членка. „Како што му кажав на претседателот Ердоган за време на разговорите викендов, тоа ќе ја направи целата Алијанса посилна и побезбедна.“
Ердоган, кој во саботата разговараше со Столтенберг, во понеделникот (23 октомври, 2023), по 17 месеци блокада, изненадувачки и официјално го проследи до турскиот парламент барањето за прием на Шведска во НАТО.
„Претседателот Реџеп Таип Ердоган го потпиша Протоколот за пристапување на Шведска во НАТО на 23 октомври 2023 година и го испрати до Големото национално собрание на Турција“, објави неговиот кабинет на платформата X.
Во јули, Ердоган го укина ветото за прием на Шведска во НАТО, додавајќи дека ратификацијата ќе зависи од турскиот парламент, кој продолжи со работа на 1 октомври по летната пауза.
Анкара ги критикуваше шведските власти за нивната попустливост кон курдските милитанти од тероистичката организација ПКК, кои живеат на нејзина територија и бараше десетици од нив да бидат екстрадирани во Турција.
Шведска, како и соседна Финска, аплицираше за членство во НАТО како одговор на руската агресорска војна против Украина во мај 2022 година. Додека Финска беше примена во одбранбениот сојуз во април годинава, Турција и Унгарија го блокираа приемот на Шведска.
Будимпешта претходно соопшти дека ќе го одобри шведското членство откако Турција ќе го стори тоа.