Што се менува со влезот на Финска во НАТО?
4 април 2023Чисто математички гледано, копнената граница меѓу земјите на НАТО и Русија денеска ќе се удвои на 2.600 километри. 31-та членка на НАТО, Финска, дели 1.300 километри граница со Русија. Од Баренцовото Море на север до Финскиот залив на југ, границата претежно минува низ шуми, и речиси и да нема поголеми населби во близина.
Според експертите од седиштето на НАТО, финската армија во моментов може сама да ја обезбеди оваа граница. Се верува дека вооружените сили на новото североисточно крило на Алијансата се добро образовани, обучени и мотивирани. Финска никогаш не ја укина воената обврска за мажи и има 24.000 активни војници и над 900.000 обучени резервисти. Во случај на одбрана, копнената војска, морнарицата и воздушните сили би можеле да се зголемат на 280.000 жени и мажи.
За население од 5,5 милиони, тоа е релативно голема армија, вели Јакоб Вестберг, професор на Универзитетот за одбрана во Стокхолм. За споредба: германскиот Бундесвер има само 183.000 активни војници и 30.000 резервисти, со население од над 82 милиони. Пред неколку години беше укината и задолжителната воена служба.
„Силни вооружени сили“
„За разлика од другите земји, Финска не ги намали своите инвестиции во војската по Студената војна“, ја пофали најновата земја-членка на НАТО, Јенс Столтенберг. Се разбира, рече тој, Финска сега добива загарантирана помош од сите партнери во НАТО, но „Финска, исто така, го прави НАТО посилен“, рече Столтенберг. На пример, финската авијација со 60 модерни борбени авиони во голема мера придонесува во одбраната на териториите на НАТО.
„Постои исклучително високо ниво на поддршка од населението кога станува збор за отпорноста и одбранбената готовност“, изјави генералниот секретар на НАТО за Финците. Според експертот за одбрана Јакоб Вестберг, дури и како неутрална земја со децении, Финска одамна има силни вооружени сили, кои се обликувани преку искуствата на таканаречената Зимска војна 1939/1940 година, кога Финска загуби десет отсто од својата територија во полза на советските окупатори.
Москва најавува контрамерки поради влезот на Финска во НАТО
Финските вооружени сили целосно се на ниво на НАТО и можат без потешкотии да се интегрираат во сите процеси, повторуваат од седиштето на НАТО во Брисел. Но, генералниот секретар Столтенберг на својата прес-конференција сè уште не одговори на прашањето во кои единици на НАТО, борбени групи на источното крило, Финска сака да учествува и кои објекти на НАТО би можеле да бидат преместени во Финска.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, во Москва најави дека неговата земја ќе го зголеми своето воено присуство на северозападот како одговор на влезот на Финска во НАТО. Финска веќе најави испорака на модерни тенкови во Украина.
Но, има ли промени по политичката промена во Хелсинки? „Промената на владата, која треба да следи по парламентарните избори во неделата, нема да го промени курсот на Финска кон НАТО“, изјави експертот за безбедност Мина Аландер од Финскиот институт за меѓународни односи во интервју за медиумската куќа Редакција Германија. Постои меѓупартиски консензус по ова прашање. „Политиката на финската влада кон Русија сè повеќе ќе се заснова на дистанцирање наместо на дијалог со Москва“, рече Мина Аландер.
Кога следува Шведска?
Влезот на Финска беше најбрзиот процес за приклучување на нова членка во 74-годишната историја на Атлантската алијанса. И Финска и Шведскаго поднесоа барањето во мај минатата година. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се надева дека Шведска, западниот сосед на Финска, ќе може наскоро да се приклучи. Тој уште еднаш го повика турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, да се откаже од ветото за шведското членство.
Според зборовите на Столтенберг, Шведска ги исполнила сите ветувања кон Турција. Турција пак, сѐ уште инсистира на екстрадиција на курдските дисиденти кои Анкара ги класифицира како „терористи“, а кои Шведска не сака да ги екстрадира. Влегувањето на Шведска во алијансата нема да биде од корист само за безбедносната политика, туку и воено, вели воениот експерт Џејкоб Вестберг за ДВ. „На Русија би ѝ било потешко да оперира на Балтичкото Море. Шведска има и пет многу модерни подморници кои би ги надополниле флотите од Полска и од Германија.“
Американскиот претседател Џо Бајден, кој е на чело на најважната земја во НАТО, повеќепати нагласи дека рускиот агресор и осомничен воен злосторник Владимир Путин целосно се пресметал. „Тој сакаше финизација на НАТО“, рече Бајден за време на посетата на Варшава во февруари, алудирајќи на неутралната позиција на Финска. „Наместо тоа, тој добива интеграција на Финска во НАТО.“ НАТО станува сѐ поголем и не е неутрален како што беше Финска со децении.
Погледот на картата покажува дека со пристапувањето на Финска, трансатлантската одбранбена Алијанса е многу поблиску до вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург. Досега Естонија, која се наоѓа југозападно од Санкт Петерсбург, беше единствената членка на НАТО блиску до руската северна метропола.