1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Трамп по обвинението: „Ова е многу тажен ден за Америка“

ЖА / агенции
4 август 2023

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп обвиненијата за обид за изборна измама и нападот на неговите приврзаници врз Капитол ги смета за полититички прогон и се изјасни за невин.

https://p.dw.com/p/4UlSz
Доналд Трамп САД
Доналд Трамп по појавувањето на суд во ВашингтонФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Откако му беа прочитани обвиненијата во врска со обидот да ги поништи изборните резултати, поранешниот американски претседател Доналд Трамп повторно се пожали дека е жртва на политички мотивиран кривичен прогон. „Ова е прогон на политички противник. Ова е многу тажен ден за Америка“, изјави Трамп во четвртокот по неговото појавување пред суд во Вашингтон.

Против него се врши кривичен прогон само затоа што со големо отстојание предничи на полето на републиканската конкуренција за претседателска кандидатска номинација, смета тој.

Трамп има желба повторно да ја застапува Републиканската партија на претседателксите избори, но претходно мора да го помине ситото на партиските интерни предибори. Според анкетите на јавното мислење, во однос на интерните партиски конкуренти, Трамп стои јасно на врвот.

Вашингтон САД протест Доналд Трамп
Во Вашингтон пред појавувањето на Доналд Трамп на суд се собраа и негови поддржувачиФотографија: Joshua Roberts/REUTERS

Трамп се изјасни за невин

Претходно, откако во судот во Вашингтон ги чул новите обвиненија против него, Трамп се изјаснил за невин. Станува збор за неговите обиди својот пораз на претседателските избори во 2020 година против ривалот од Демократската партија, Џо Бајден, отпосле да го поништи и да се прогласи за победник. Трамп е обвинет за заговор за измама на САД, за одземање на избирачкото право на бирачите и за спречување на официјалната постапка за мирен трансфер на власта по изборите. Во обвинението на 45 страници на товар му се ставени дела содржани во четири точки. Првото сослушување по читањето на обвинението против Трамп ќе биде одржано на 28 август, датум кој го утврди судијката Моксила Упадхаја, а присуството на Трамп не е неопходно. 

Вашингтон САД протест Доналд Трамп
Демонстранти во Вашингтон бараат Трамп да одговара за своите делаФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

На Трамп му се заканува повеќегодишна затворска казна

Доналд Трамп е првиот екс претседателво историјата на САД кој е изведен пред суд поради сомнение за извршено кривично дело и тоа во повеќе случаи. Новото обвинение е веќе вторно на федерално ниво против Трамп, а вкупно ги има три. Трамп во изминатите месеци веќе беше обвинет во два други случаи: во врска со плаќање мито на порно ѕвезда пред повеќе години и поради земање и илегално чување на тајни државни документи по крајот на неговиот мандат и заминувањето од Белата куќа.

Но, сега Трамп е конфронтиран со обвинение со најголема тежина, во случај да биде осуден, на 77-годишниот поранешен претседател му се заканува повеќегодишна затворска казна. Експертите сметаат дека осуда правно не би го спречила Трамп да учествува на претседателските избори во 2024 година, дотолку повеќе што е прашање дали дотогаш воопшто ќе има правосилна пресуда.

Обвинение за шестмина соучесници

Надлежниот специјален обвинител Џек Смит во вторникот го соопшти историското обвинение против поранешниот американски претседател, според кое на Трамп му се става на товар оркестрација на заговор за измама на САД, обид да им го одземе избирачкото право на гласачите и спречување на официјална потврда на новиот претседател. Во обвинението стои дека Трамп свесно ширел лажни тврдења за изборите и притоа инструментализирал и лица во Министерството за правда. „Без оглед на неговиот пораз, обвинетиот бил решен да остане на власт. Трамп притоа знаел дека неговите тврдења за изборна измама против него не се вистинити и се ставил на чело на заговор против САД“, се вели во обвинението.

На поранешниот претседател во извршувањето на делата му помагале шест соработници, чии имиња не се соопштени. Станува збор за четворица адвокати, еден соработник од Министерството за правда и еден политички советник.