Обвинение против Трамп за упадот во Капитол
2 август 2023Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој планира да се врати во Белата куќа во 2024 година, треба да одговара пред суд во врска со упадот на неговите поддржувачи во Капитол и обидот да се спречи мирен трансфер на власта. Според објавените судски документи, републиканецот се товари за вина во четири точки при обидот да го анулира резултатот од претседателските избори во 2020 година: заговор за измама на САД, заговор заради спречување на формалната потврда на изборната победа на Џо Бајден на 6 јануари 2021 година, попречување и заговор против изборното право. Во обвинението Трамп фигурира како единствен обвинет, но се споменуваат и шест лица во улога на помагачи, без нивно именување. Трамп треба да се појави пред федерален суд во Вашингтон во четврток во 16 часот по локално време (22 часот по средноевропско време).
Смит планира брза постапка
Специјалниот обвинител Џек Смит кратко по одлуката се појави пред новинарите со кратка изјава: „Во овој случај моето биро ќе направи напори за брза постапка, со цел нашите докази да бидат проверени од судот. Упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година беше напад без преседан врз седиштето на американската демократија. Како што стои во обвинението, тој беше поттикнат од лаги - лаги од обвинетиот, насочени кон попречување на основната функција на Владата на САД“, рече Смит. Тој најави дека истрагата против дриги лица во врска со овој случај продолжува, изразувајќи признание за полицајците кои се обидеа да го одбранат Капитол од толпата поттикната од Трамп: „Тие се патриоти и најдобрите меѓу нас."
Oбвинението беше очекувано
Обвинението се наѕираше, самиот Трамп во јули на својата социјална мрежа „Truth Social“ соопшти дека добил писмо од Смит во кое го информира дека Големата порота го разгледува ова прашање. Таа добила изјави од поранешниот адвокат на претседателското биро Пат Циполоне и потпретседателот на Трамп, Мајк Пенс. Вкупно, повеќе од 1.000 лица се обвинети во врска со упадот во Капитол. Инаку, ова е второ обвинение на федерално ниво против 77-годишниот Трамп и трето кривично обвинение севкупно. Трамп сака повторно да се кандидира за Републиканската партија на претседателските избори следната година. Тој ги негира сите обвинувањаи во каква било правна постапка против него гледа обид на неговите противници да го спречат да се врати во Белата куќа.
Избориот тим на Трамп реагира со нацистичка споредба
Тимот на изборната кампања на Трамп остро реагира и во обвиненијата гледа уште еден обид на администрацијата на претседателот Бајден за мешање во претседателските избори во 2024 година. Ова потсетува на она што се случи во нацистичка Германија и другите авторитарни режими, Трамп отсекогаш го следел законот, велат од неговиот изборен тим.
Републиканецот Трамп загуби на претседателските избори во 2020 година од демократот Бајден, но тој никогаш не го призна својот пораз и оттогаш тврдоглаво шири неосновани тврдења според кои голема изборна измама му ја украла победата. Во тоа време, Трамп и оние околу него се обидоа да користат различни канали за последователно поништување на резултатот - вклучително и со тужби, но и со политички притисок врз носителите на одлуки во федералната влада и во различни држави.
Пет лица загинаа во упадот во Капитол
Кампањата на Трамп против исходот од изборите конечно кулминираше со невиден изблик на насилство на 6 јануари 2021 година: тој ден, приврзаниците на републиканецот упаднаа во седиштето на американскиот Конгрес, каде што во тоа време требаше формално да се потврди изборната победа на Џо Бајден.Трамп уште еднаш ги поттикна своите поддржувачи во говор непосредно пред тоа, тврдејќи дека бил лишен од победата поради масивни изборни измами. Насилна толпа потоа го нападна Капитол. Пет лица загинаа во текот на безредијата. Американското Министерство за правда го назначи специјалниот обвинител Смит во ноември за да ја води политички чувствителната истрага против Трамп во случајот. Тимот на Смит со месеци собирал докази против Трамп и ги презентирал на поротата. Сега таканаречената Голема порота гласаше за обвинение против Трамп.