1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден-Трамп: Референдумски избори?

28 април 2023

Доколку кандидати бидат Бајден и Трамп, до 5 ноември 2024 година ќе бидеме сведоци на рововска битка - американските гласачи ќе бидат повикани референдумски да се изјаснат за една од опциите. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4QeIG
Џо Бајден и Доналд Трамп
Џо Бајден и Доналд ТрампФотографија: Jim Watson/Brendan Smialowski/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Џо Бајден најави повторна кандидатура и со тоа еден вид на референдум против популизмот на Трамп. Според последните анкети, 43% од граѓаните го гледаат како фаворит за реизбор, додека дури 70% не би сакале повторно да се кандидира. Тоа што тука натежнува се секако неговите поодминати години: Бајден би имал 82 години во 2024 година.

Од друга страна пак, 60% од избирачите не посакуваат нов мандат на Доналд Трамп, кандидатот кој има најголема поддршка во републиканскиот кампус. Генерално, американските гласачи испраќаат јасна порака: во 2024-та не сакаат нов дуел Бајден-Трамп, туку нови кандидати за кои би ги гласале.

Но, таа опција засега не делува како реална. Доколку избирачите бидат приморани да гласаат за еден од овие кандидати, тогаш Бајден би бил во комотна предност. Политичката харизма на актуелниот претседател е поврзана токму со фактот што се наметнува како единствена алтернатива на Доналд Трамп. Политичка карта за која Бајден се надева дека повторно може да биде победничка.

Жилавиот Бајден

Идеолошки поделена и зафатена од досега невидена политичка поларизација, старата американска демократија тргнува во нови претседателски избори, без научени лекции од пост Трамп трагедијата .Џо Бајден  пак, во повеќе наврати успеа да се покаже како жилав политичар кој знае да ги преврти предвидувањата. Зимата 2020-та беше сметан за готов, па сепак успеа да победи. Минатиот ноември се најавуваше дека ќе биде збришан од „Црвениот бран“ на републиканците на мидтерм изборите, па сепак успеа да го одбрани Сенатот и да го изгуби Парламентот за само неколку гласови.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Бајден ќе се фокусира на економските реформи одобрени од Конгресот, на инвестициите направени во одбрана на американската индустрија и мануфактура, кои го чинеа обвинување од Европа дека носи протекционистички мерки. Па сепак, Бајден се надева дека токму благодарение на тие одлуки ќе ги задржи гласовите на синдикатите, дека ќе освои нови помеѓу работниците и белата попупација без високо образование, кои досега беа гласачката база на Доналд Трамп. Секако ќе ја спомене пресудата против прекинување на бременоста донесена од Врховниот суд, како и законите против слободата на избор на жените, донесени од републиканците во државите под нивна контрола, во надеж дека ќе ги освои гласовите на жените од урбаните средини. Конечно, Бајден ќе потсети на одбраната на демократијата во Украина, контрирана од страна на републиканците, но високо ценета од центристите и либералите.

Нехаризматичната Харис

Не знаеме дали тоа ќе биде доволно против широко распространетото незадоволство околу економијата која не брилира, стравот од инфлацијата, скапите кирии, урбаниот криминал, но и со успешниот пад на невработеноста и заузданата рецесија. Демократските милитанти се надеваа на освежување и обновување, дали преку министерот Питер Бутиџиџ, демократскиот пратеник Џеред Полис од американската сојузна држава Колорадо, демократскиот гувернер Гевин Њусом од Калифорнија или популарната Гречен Витмер, гувернер на сојузната држава Мичиген. Единствениот аутсајдер во редовите на тимот на Бајден останува актуелната и потврдена кандидатка за потпретседател Камала Харис, која сепак се покажа како нехаризматична и прилично неподготвена на големите политички теми и прашања.

А токму позицијата на потпретседателот, имајќи ја предвид поодминатата возраст на двајцата кандидати, на овие избори би требало да одигра клучна улога. Бајден со 82 и Трамп со 78 години во 2024-та, гарантираат дека кој и да влезе во Белата куќа, ќе биде најстариот претседател во историјата на САД. Бајден и онака веќе го држи тој рекорд. Од таа гледна точка ќе биде есенцијално да се види кој би можел да ги замени, доколку, не дај боже, нешто му се случи на претседателот.

Причината зошто Америка се има претворено во геронтократија е тема за расправа помеѓу социолозите, политиколозите, филозофите и докторите во Америка. Но, тој одговор нема брзо да дојде, додека претседателската кампања полека почнува да кулминира. Оттука, изборната судбина на Бајден ќе зависи и од неговиот потпретседател Камала Харис, која досега не се покажа како лидер од доверба или способна да се носи со поголем дел од темите. Тоа мора нужно да се промени кај демократите, доколку не сакаат Трамп да се врати во Белата куќа. Но, истиот резон донекаде важи и за Трамп, кој пак јасно ја препознава оваа Ахилова пета на противникот, па се најавува дека е можно како потпретседател да кандидира друга жена, цврстата и енергична Ники Хејли.

Што ако Трамп не биде кандидат?

Кампањата на Бајден и на демократите главно ќе се базира на противникот, односно, на Доналд Трамп. И доколку Трамп биде противкандидатот, логиката на демократите ќе издржи, и покрај сите сомнежи и резерви кои постојат. Но, доколку Трамп биде поразен во напорите да биде претседателски кандидат, дали поради неговите судски процеси, дали поради здравјето, или пак од енергијата и младоста на неговите републикански противкандидати и заморот на избирачите од уште 4 години хаос со него, тогаш изборната логика би можела радикално да се промени.

Противниците на Трамп досега не покажаа голема енергија или силен капацитет и волја да го нападнат, пред сѐ поради фактот што знаат дека Трамп и понатаму ужива поддршка од изборната база. Дури и гувернерот од Флорида, ДеСантис, кој делуваше како најдобра алтернатива, не делува убедливо и изгуби многу терен на анкетите.

Од тие причини и евентуалните противкандидати на Бајден засега не преземаат никакви чекори. И доколку Доналд Трамп биде навистина кандидатот на републиканците, тие ќе останат мирни. Но, доколку републиканците се одлучат за некаква помлада алтернатива, тогаш логиката Бајден да му се спротивстави може нагло да исчезне. Проблемот е што во една таква ситуација, може да биде предоцна за демократите да се обложат на поинаков коњ.

Од друга страна, на демократите им останува надежта дека покрај кандидатурата на Трамп која нема да биде одобрена од сите во републиканските кругови, ќе настане внатрешен судир, по кој поранешниот потпретседател Пенс или ДеСантис би се одлучиле за независна кандидатура која би го минирала изборот на Трамп. Нешто како настапот на магнатот Рос Перот во 1992 година, кога му откина речиси 19% од гласовите на Буш постариот, и така ја обезбеди победата на Бил Клинтон.

Како и да е, на овие следни американски избори не треба да се очекуваат големи идеи, визии или брилијантни слогани во стилот на „New Frontier“ на Кенеди, или „It’s Morning in America“ на Реган во 1984 година. Ништо од тоа, доколку работите останат вакви и кандидатите бидат Бајден и Трамп. Тогаш ќе бидеме сведоци на рововска битка до 5 ноември 2024, кога американските гласачи - повеќе од избори - ќе бидат повикани референдумски да се изјаснат за една од опциите.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема