1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Внукот на Кенеди сака да стане американски претседател

ЕМФ | Тагесшау
6 април 2023

Роберт Ф. Кенеди, внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, влегува во трката за кандидат за американски претседател од Демократската партија.

https://p.dw.com/p/4PllX
Роберт Ф. Кенеди
Роберт Ф. Кенеди зборува на антиваксерки собир во Вашингтон (23.01.2022)Фотографија: Jemal Countess/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Внукот на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, Роберт Ф. Кенеди, сака да стане кандидат на Демократската партија за американски претседател. Тој веќе ја поднесе кандидатурата. Роберт Ф. Кенеди е син на поранешниот сенатор Роберт „Боби“ Кенеди,кој беше убиен во 1968 година. Во времето на неговиот атентат и тој се стремеше да биде претседател на САД. Чичкото на Кенеди, поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди, беше убиен во Далас, во 1963 година.

Од адвокат за екологија до антиваксер

Роберт Ф. Кенеди беше бестселер-автор и адвокат кој се занимаваше со еколошки прашања. Пред повеќе од 15 години тој се приклучи на антиваксерското движење во САД и стана негов водечки глас.

Здравствените експерти, па дури и членови на неговото семејство, ги опишуваат неговите активности како опасни. Во текот на пандемијата на корона, 69-годишникот беше мета на критики поради лажни тврдења за вакцинирањето против Ковид.

Кенеди е вториот кој сака да стане кандидат на Демократската партија за американски претседател. На почетокот на март, 70-годишната авторка Маријана Вилијамсон официјално го најави своето влегување во трката.

Кандидатурата на Бајден сѐ уште не е официјална

Бајден сѐ уште официјално не ја објавил својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година. Сепак, овој чекор е генерално очекуван. Доколку повторно влезе во трка за највисоката државна функција, неговите предизвикувачи ќе треба прво да го победат на внатрепартиските прелиминарни избори. На двајцата претходни апликанти им се даваат мали шанси да го сторат тоа.

Кај Републиканците, покрај поранешниот претседател Доналд Трамп, досега желба да станат кандидати за претседател покажаа поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, претприемачот Вивек Рамасвами и поранешниот гувернер на сојузната држава Арканзас, Аса Хачинсон.