Зошто поткупот на порно ѕвезда може да e опасен за Трамп?
21 март 2023Мала група приврзеници на поранешниот американски претседател протестира со знамиња со ликот на Трамп пред зградата на Судот во јужен Менхетен. Бројот на камерманските екипи уште е бројно многу поголем од нив.
Поставените железни огради пред сивата зграда се сигнал: наскоро претстои обвинението, вели Хари Литман, екс-асистент во американското Министерство за правда во изјава за ТВ Ем-Ес-Ен-Би-Си, без оглед на трескавичните напори на адвокатите на Трамп да го премислат њујоршкиот обвинител Алвин Браг.
Поранешниот адвокат на Трамп го зголемува притисокот
Ако биде подигнатокривично обвинение против Трамп, би било прв пат во американската историја да биде уапсен еден екс-претседател.
Не поради погрешен чекор, туку поради обид за заташкување. Во времето додека Трамп сѐуште беше телевизиска риалити ѕвезда, во 2006 година имал афера со порно актерката со уметничко име Сторми Даниелс. Така барем тврди таа, а Трамп негира. Десет години подоцна, кога Трамп се кандидираше за претседателската функција, тој ја замолчил Даниелс плаќајќи ѝ 130.000 долари, пари кои ѝ ги предал неговиот тогашен адвокат и денешен критичар, Мајкл Коен. Вистинитоста на својата изјава тој ја потврди под заклетва пред поротата на њујоршкиот суд: „Сѐ што кажав, е точно и поткрепено од другите, потврда се и постоечки документи.“
Клучна точка: Како било прокнижено митото?
Плаќањето поткуп заради нечие замолчување во САД во принцип е легално. Но, наводниот прекршок се состои во тоа што парите во финансиската евиденција на Трамп не се декларирани како мито, истакнува екс-истражителот во бирото на Њујоршкото обвинителство, Метју Галузо за радио Ен-Пи-Ер:
„Најважен аспект за истрагата е погрешното декларирање на исплатената сума, не како поткуп заради молк, туку во форма на други издатоци за организацијата на Трамп. Во зависност од неговите причини, тоа би можело да биде помал деликт, но и кривично дело.“
И тоа такво за кое Трамп би можел да заврши во затвор на неколку години, сметаат правни експерти од весникот „Њујорк тајмс“. Зашто, обвинението веројатно ќе се потпира на тоа дека исплатениот поткуп Трамп го користел како недозволена изборна донација, со што влегува во колизија со законите за финансирање на изборна кампања.
Како и обично, Трамп преминува во офанзива
Можната аргументација на обвинителите би била дека парите за поткуп директно ѝ користеле на кандидатурата на Трамп, зашто оженетиот претседателски кандидат на тој начин го прикрил односот со порно-ѕвездата за да не ги разлути и одврати своите гласачи. Вака конструирано обвинение досега немало никогаш, потенцира Галузо:
„Не е невообичаено обвинение поради фалсификување на деловни документи, но е невообичаено обвинение за фалсификување на исплатени пари за поткуп.“
Трамп во меѓувреме ги продолжува нападите против обвинителството во Менхетен. Неговиот изборен тим го нарече Алвин Браг „тиранин ангажиран за политизација на правниот систем," дека Браг е левичарски активист и од пред повеќе години го има Трамп на око. Портпарол на младите Републиканци пред судската зграда ги предупреди луѓето да не се собираат во текот на денешниот ден, зашто во спротивно таму се заканува хаос.