1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција: Загрозено наследството на Ататурк?

Елмас Топчу
28 октомври 2023

Визијата на основачот Мустафа Кемал Ататурк беше прозападна, модерна, секуларна и мирољубива Турција. Денес многу Турци мислат дека неговата оставина е во голема опасност.

https://p.dw.com/p/4Y6cO
Ердоган сака да се поистовети со Ататурк, гласат критиките во Турција
Ердоган сака да се поистовети со Ататурк, гласат критиките во ТурцијаФотографија: picture alliance/dpa/AP Images/K. Ozer

Има ли голема државна прослава или не? Со недели, првенствено секуларните Турци нагаѓаа како конзервативно исламската влада на претседателот Реџеп Таип  Ердоган ќе ја прослави 100-годишнината  од основањето на Републиката. Имено, до пред неколку дена на дневен ред немаше ни официјална програма. Наводно и странските дипломати меѓусебно разменувале информации за тоа дали некој воопшто добил покана.

Уште минатиот петок, службата на комуникации на Ердоган најави низа настани со кои доминантно се истакнува ерата на Ердоган. Секуларните Турци сега чувствуваат потврда на нивните стравувања, кои гласат: Ердоган се обидува да го избрише наследството на втемелувачот Ататурк, да го заземе неговото место, да створи свој култ и исламистичка држава.

Ердоган сака да го заземе местото на Ататурк

„Турско столетие“, беше предизборниот  слоган на Ердоган со кој во мај повторно победи на изборите  и ја осигура власта за уште пет години.  На власт е веќе 20 години.  Сега сака да влезе во историјата како државник кој ја воведе Републиката во втор век. 

Беате Апел, раководителка на турското биро на Фондацијата Фридрих Нојман, во очи на одбележувањето на важниот јубилеј гледа  многу симболика со која Ердоган се става на ист ранг на важност како Ататурк. Покрај изразот „турско столетие“ и прикажувањето на еднакви портрети на двајцата водачи еден покрај друг, сугерира дека Ататурк е иницијатор, а Ердоган довршувач на големиот проект на векот, вели Апелт. 

Религија Турција
Таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, воведе јасно раздвојување на државата и религијата, за разлика од ЕрдоганФотографија: Aris Messins/AFP/Getty Images

Таа исто така забележува растечко незадоволство кај бројни Турци што стогодишнината од основањето не се одбележува со поголема помпа. Освен тоа, вели таа, бројни фестивалски манифестации се поврзани со верски елементи. „Секако не во духот на Ататурк“, додава таа.

Таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, воведе јасно раздвојување на државата и религијата. Со принципот на секуларност ги укина и верските братства и калифати, поради што исламистите и денес му се лути.

Ердоган од друга страна, ги поддржува тие групи откако дојде на власт и им дава бројни привилегии. Тој никогаш не го изговара полното име на Мустафа Кемал Ататурк, за него тој секогаш е „ветеранот Мустафа Кемал“. Ататурк, имено, значи прататко на Турците. „Се чини дека тој не го прифаќа тоа“, гласи широко распространетата критика. Либералниот приватен живот на Ататурк и неговото консумирање алкохол исто така се презрени во круговите на партијата АКП на Ердоган.

Турција на Ататурк е ноќна мора за Ердоган

Основачот на модерна Турција, Ататурк, сонувал за западна, модерна и секуларна република. Во рок од неколку години наредил бројни реформи. Арапското писмо е заменето со латинично, преземени се западни закони, а жените добиле право на глас. Постоел дури и закон за шешири кој требало да осигура луѓето да се простат од османските верски фесови или турбани и да се облекуваат на модерен начин, како во Лондон, Берлин и Париз.

Ердоган се става на ист ранг на важност како Ататурк
Ердоган се става на ист ранг на важност како АтатуркФотографија: Arif Hudaverdi Yaman/AA/picture alliance

Долгорочна цел била создавање турска нација од урнатините на мултиетничката структура на Османското Царство.

Иако овие реформи сега првенствено се поврзуваат со Ататурк, во тоа време тие биле од секундарно значење, смета Салим Чевик, турски експерт во берлинската Фондација за наука и политика. Според него, по поразот во Првата светска војна, пропаста на Османското Царство и исцрпувачката ослободителна војна против победничките сили, Ататурк и неговите следбеници имале само една цел: да се спаси преостанатата државна структура од целосно пропаѓање и да се основа силна република која би можела да се спротистави на секој напад, како однадвор така и одвнатре. „И во најголем дел во тоа успеале“, вели експертот за Турција Чевик. Во изминатите 100 години, Турција како држава израсна во силна регионална сила, чие постоење не е доведено во прашање, ниту е загрозено однадвор. Преку членството во НАТО или други сојузи, вели Чевик, таа е цврст дел од меѓународниот политички систем.

Величина меѓу Европа и Блискиот Исток

„Турција е важен играч, посебно на подрачјето меѓу Европа и Блискиот Исток“, истакнува Беате Апелт од Фондацијата Фридрих Нојман. Тоа произлегува од нејзината геостратешка положба  како држава на НАТО  меѓу Црно Море и Средоземјето со контрола на поморски рути низ Босфор и Дарданели, но и меѓу ЕУ и Русија, која граничи со Црно Море и изразито проблематичното соседство на југоисток.

Апелт укажува и на улогата на Ердоган во последните години. Тој се нуди како посредник меѓу страните во регионални судири, на пример меѓу Украина и Русија и моментално меѓу Израел и Хамас. Според нејзино мислење, Ердоган тука би можел да одигра конструктивна улога, како и во случајот со  договорот за житото за Украина.

Истовремено таа укажува на Ердогановата трансакциска политика со која од секоја констелација се обидува да извлече максимална корист за себе и Турција. Последен пример, вели таа, е  Ердоганото блокирање на приемот на Шведска во НАТО,  кое летоска го условуваше со продолжение на  преговорите на Турција за пристап во ЕУ. 

Во поглед на илегалните миграции, Апелт смета дека земјата игра важна улога без оглед на спорниот договор за бегалци од 2016 година, при што таа гледа тешка иднина за спогодбата. Зашто, прифаќањето бегалци од Сирија и други земји во економско погодената Турција осетно се намали во последните години, додека дискриминацијата и омразата кон нив брзо растат.

Турски војници на границата кон Ирак
Турски војници на границата кон ИракФотографија: Ozkan Bilgin/AA/picture alliance
Турски војници на границата кон Ирак
Турски војници на границата кон ИракФотографија: Ozkan Bilgin/AA/picture alliance

Мир на земјата?

По основањето на Републиката пред сто години, Ататурк започнал мирољубива надворешна политика. Политикологот Чевик вели дека цел му била заштита на уште многу младата Република од меѓународни кризи. Со исклучок на кипарскиот конфликт во средината на 70-те години, Турција остана верна на тој курс. И Ердоган, смета Чевик, исто така избегнуваше судири во надворешната политика во првите години на власт. Во текот на Арапската пролет, вели Чевик, конфронтацијата со арапскиот свет ја прифати како нужно зло и застана на страната на бунтовниците. Но и тогаш, вели Чевик, неговата надворешна политика беше мирољубива.

Чевик истакнува дека во последните години забележува агресивен тон и сѐ поголема милитаризација. Причина за тоа, вели, е што инструментите за мека моќ на Анкара во последните години стануваат сѐ помалку важни, така што во покажувањето воена сила Ердоган гледа преостанато средство.

На меѓународна критика наидоа посебно  турските воздушни напади во северен Ирак  и Сирија.  Но, и вооружувањето на џихадистички групи во Сирија и испраќање платеници во Либија и Нагорно Карабах исто така предизвика незадоволство кај Западот.