1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Што ако Русија го сопре извозот на суровини?

Олег Коклов
21 октомври 2024

Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе го ограничи извозот на важни суровини како одговор на западните санкции. Тоа би било болно за САД и Европа, бидејќи тие се делумно зависни од увозот од Русија.

https://p.dw.com/p/4lPiZ
Ураниум
Путин ги отстранува елементите ураниум, титаниум и никел од периодниот системФотографија: DW

„Испораката на голем број стоки за нас е ограничена, така што можеби треба да размислуваме и за одредени ограничувања, на пример кај ураниумот, титаниумот и никелот“, рече рускиот претседател Владимир Путин во септември. Тој и наложи на Владата да ги разгледа можните ограничувања за извозот. 

Во 2022 година, Кремљ се обиде да ја притисне Европа со испораки на гас. Целта беше да се поткопа помошта на Западот за Украина, која се брани од руската инвазија. Новите закани не се залудни, бидејќи споменатите суровини САД и Европа во големи количини ги увезуваат од Русија.

Која е улогата на рускиот ураниум? 

Не е случајно тоа што Путин прв го спомена ураниумот. Државниот концерн Росатом има удел од 40 отсто од светскиот пазар во трговијата со збогатен ураниум. Никој не нуди производ со таков квалитет за реактори од новата генерација. Американската компанија „Центрус енерџи“ дури на крајот на минатата година започна со збогатување ураниум, но количините уште долго ќе останат скромни. Главната работа на компанијата е испорака на ураниум, кој го набавува од Росатом. 

Во вкупното количество испорачан ураниум во САД, Росатом учествува со повеќе од 20 отсто, а во Европа тој удел е 30 отсто. Извозниот бизнис на Росатом во САД изнесува две милијарди долари годишно. Ова е приближно половина од вкупниот извоз на рускиот концерн. Извозниот бизнис во Европската Унија изнесува околу 500 милиони долари. Покрај тоа, Росатом извезува готово гориво за реактори од советско и руско производство и нуди придружни услуги. Според сопствените податоци, концернот лани во западните земји остварил промет од над четири милијарди долари. Во светот вкупниот промет  вреди 16,4 милијарди американски долари. 

Росатом
Во ЕУ има нуклеарни централи кои бараат гориво од РосатомФотографија: Maksim Konstantinov/Russian Look/picture alliance

Како се заобиколуваат санкциите? 

Раскинувањето на деловниот однос би било болно за двете страни. Затоа Росатом до неодамна беше една од ретките руски компании кои не беа под санкции. Во исто време, на Западот му е јасно дека мора да ја намали зависноста од увозот од Русија. Само унгарскиот премиер Виктор Орбан гледа поинаку. 

Освен Росатом, големи количини ураниум збогатуваат и две европски компании - Уренко и Орано Уран. И двете го прошируваат капацитетот за да го зголемат извозот во САД. Дмитриј Горчаков, експерт за атомска енергија во Фондацијата Белона, вели дека ако успеат, САД би можеле да се откажат од увозот од Русија за пет години, додека на Европа ќе и треба малку подолго.

Во последно време американските компании увезуваат се повеќе ураниум од Кина. Ова е веројатно препродажба на руски ураниум, бидејќи руските испораки во Кина се значително зголемени од 2022 година. Тоа покажува дека и покрај санкциите, руските суровини можат да го најдат патот до американскиот пазар. 

А, што е со титаниумот? 

Речиси целата експлоатација на титаниум во Русија ја контролира компанијата ВСМПО-Ависма, со седиште во уралскиот град Верхнаја Салда. Уделот во светското производство на титаниумскиот сунѓер е 15 проценти. А, повеќе од половина од вкупното расположливо количество титаниумски сунѓер во светот се произведува во Кина. Во Јапонија се произведува нешто помалку од една четвртина. На Казахстан отпаѓаат десет проценти.

ВСМПО-Ависма е под американски санкции, но не и под санкции на Европската Унија. Пред војната, главни клиенти беа американскиот концерн Боинг како и европскиот производител на авиони Ербас. Американците најавија прекин на соработката веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина, а Европејците во декември истата година. Пред тоа, против санкциите се изјасни шефот на групацијата „Ербас“, Гијом Фори, бидејќи според него тоа би биле санкции што самите Европејци ќе си ги воведат. Комплексните производни процеси и мрежите на зависности од добавувачи во индустријата не оставаат можност за промена на добавувачи преку ноќ.

И Американците и Канаѓаните предвидоа исклучоци во нивните санкции против руската компанија ВСМПО-Ависма. Од ова имаат корист компании како што се производителите на авиони Момбардер и Ербас, како и бројни добавувачи на Боинг, како француската компанија Сафран и и британскиот Ролс-Ројс. Сите тие продолжуваат да набавуваат титаниум во Русија. Извозот во Европа што го имаше ВСМПО-Ависма лани изнесува 345 милиони долари, а лани 370 милиони долари.

Експертот за метали, Енди Хом, вели дека на САД им е полесно да ја намалат зависноста од титаниум од Русија, бидејќи побрзо го развиваат својот капацитет, но ЕУ се повеќе гледа кон САД на ова поле. И тоа е во спротивност со законот на Европската Унија за критични суровини, кој беше усвоен оваа година. Во моментов ЕУ нема избор. 

Ербас
Рускиот титаниум се користи во изградбата на европски и американски авиониФотографија: Hans Lucas/imago images

Кому му треба руски никел? 

Еден од најголемите светски производители на никел е руската компанија Норилск Никел. Долго време не е под санкции, но САД и Велика Британија воведоа рестрикции пред еден месец, додека Европската Унија се уште не го стори тоа. Сепак, војната ја промени структурата на извозот. Пред војната, повеќе од половина од извозот на оваа компанија одел во Европа, а 16 проценти во двете Америки. Исто така, 27 отсто од производството отиде во Азија. Минатата година извозот во Европа се намали на 24 отсто, а извозот во Северна и Јужна Америка се намали на десет отсто. Уделот на Азија се зголеми на 54 отсто.

Ова пренасочување на извозот од Запад кон Исток не е единствениот предизвик за руската компанија. Имаше флуктуации во цената, но денес е пониска отколку пред руската инвазија на Украина. Причината е неочекуваното појавување на Индонезија на пазарот на никел, а таа земја има многу поголеми резерви на овој метал од Русија. Енди Хом, кој пишува и за Ројтерс, вели дека поради сето ова неизвесна е судбината на руската компанија на овие простори.

Путин ја предупреди својата влада да не прави ништо што ќе им наштети на руските компании при разгледувањето на можните ограничувања за извозот на руски суровини. Што се однесува до никелот, барем оваа суровина нема да може да ја користи Русија како геополитичко оружје.


 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи