Германија не е зависна само од увозот на гас
19 ноември 2022Прашањето беше јасно формулирано: „Како го проценувате ризикот од прекин на извозот на критичните минерални суровини од Кина во следните пет години?“. Од околу 400 учесници на Конгресот посветен на тема суровини, кој го организираше Сојузот на германските индустријалци, БДИ, 73% од нив одоворија со „многу висок“ или „висок“. Во германската економија има узбуна. По руската инвазија на Украина станаа очигледни последиците од зависноста од увоз и недоволна диверзификација во набавката на гас. Цените на енергенсите експлодиаа и тие ниту на краток, па ни на среден рок нема да се вратат на нивото кое со децении беше само по себе разбирливо благодарејќи на евтиниот гас од Русија.
Ретките метали покритични од гасот
Исто подразбирливо е и во однос на снабдувањето со метали и индустриски минерали. „Во однос на критичните минерални суровини како што се ретките метали, зависноста, особено од Кина е многу поголема отколку претходната зависност на Германија од руските извори на енергија,“ предупреди претседателот на БДИ, Зигфрид Русвурм на Когресот за суровини. Запирање на испораката, како што рече, моментално и далекусежно би ја погодило германската индустрија.
Ретките метали се наоѓаат во рудните наслаги и вклучуваат различни хемиски елементи. Главните наоѓалишта се во Кина, САД, Русија и Австралија, но и во Канада, Индија, Јужна Африка и југоисточна Азија. Се викаат ретки бидејќи не се појавуваат често во количини и комбинации во кои нивното ископување би било исплатливо. Освен ова процесите на растворање и одвојување на поединечните елементи се компликувани и еколошки проблематични поради употреба на одредни хемикалии.
Огромна зависност
Со оглед дека во многу земји ископувањето на ретки метали се смета за прескапо и валкано, Кина создаде монопол и тоа станува проблем. „Без овие суровини нема да има енергетска транзиција, е-мобилнист, дигитализација, индустрија 4.0 – но исто така нема да има ниту ширење на инфраструктурата ниту силна одбрамбена индустрија,“ предупредува претседателот на БДИ.
Анализа на Европската комисија од 2020 покажува дека на пример, 65% од суровините за електромотори се увезуваат од Кина. Со уддел од над 50%, Кина исто така е лидер и во снабдувањето со суровини за турбини на ветер и фотоволтаични системи.
Уште колку долго ќе извезува Кина?
Што би се случило ако Кина престане да извезува суровини и почне да си ги троши сама? Што ако Кина го нападне Тајван, Западот одговори со санкции, а Пекинг потоа го намали или го прекине извозот на метали и индустриски минерали. „Кога станува збор за суровини, Германија може да биде уценета,“ заклучува претседателот на БДИ. Тоа е „горчливата вистина“ и мора да има последици, вели тој. Слично на пресвртницата за која зборуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц по рускиот напад на Украина како што вели и претседателот на БДИ, и снабдувањето со суровини е стратешки важно за националната безбедност.
Владата и индустријата во основа се согласуваат
Германскиот министер за економија Роберт Хабек се согласува со анализата на Конгресот за суровини. Зигфрид Русвурм вели дека на овој проблем мора заедно да работат претставниците на политиката и стопанството. Тој вели дека притисокот е многу голем и тоа јасно го покажуваат анализите. Но, стратешкото прашање за обезбедување на суровини не играше улога со децении, бидејќи „економијата не го бараше тоа, не изгледаше неопходно“, вели Хабек.
Но, Германија, како и останатите европски земји е сиромашна со суровини. Дури и кога би се зголемиле квотите за рециклирање, земјата сепак би останала зависна од увозот. „Мораме да ја интензивираме соработката со земјите богати со суровини кои имаат високи стандарди, како на пример Австралија,“ вели Русвурм. Тој додава дека критичките суровини би требале да бидат главно прашање во договорите за трговија, инвестициска и развојна политика.
Повторно повеќе ископување во Германија?
Германија во 2019 година увезла суровини во вредност од 175 милијарди евра. За споредба, вредноста на суровините произведени во земјата изнесуваше само 11,4 милијарди евра. Покрај лигнитот и градежните суровини како песок и чакал, се експлоатираат и индустриски минерали, особено камената сол и калиумовата сол. Критичните минерални суровини како што се индиум, кој се користи за полупроводници, волфрам, кобалт или платински елементи ги има и во Германија, но не се ископуваат.
БДИ смета дека тоа треба да се промени.
„Секој тон домашни суровини ја намалува зависноста од увоз и безбедноста на снабдувањето на Германија“, се вели во документот од пет точки за безбедност на суровините на Германската индустрија. Рударството мора да се овозможи преку просторно планирање, да се забрзаат процедурите за планирање и одобрување, а рударството како такво повторно да стане општествено прифатливо, се наведува во документот.
Природен гас од Германија
Во тој документ е опфатено и крајно контроверзното прашање за фракинг. Домашното производство на гас од карпести минерали „со користење на најсовремени процеси на фракинг со највисоки стандарди“ треба да даде важен придонес во намалувањето на зависноста од увоз и да обезбеди подобро снабдување во Германија.
Министерот за економија поинаку гледа на работите. Фракингот не е профитабилен, иднината е во производството на водород, рече Хабек. Тој, исто така, во рударството гледа повеќе проблеми отколку можности. „Тука радо зборуваме дека треба да ископуваме локални минерали, иако во некои региони не сме во можност да инсталираме ниту соларни системи“, вели Хабек.
Германија е многу добра во кажувањето на тоа што не го сака, но не е многу добра во спроведувањето на она што е неопходно наместо тоа, рече Хабек. Тој се жали дека, како што вели, многу граѓани немаат разбирање за тоа што ја промовира идната одржливост на оваа земја. За нешто да се протурка, вели Хабек, тоа мора да го сака мнозинството во земјата и да биде прифатено од граѓаните во погодениот регион.
Бело злато во областа Горна Рајна
Што значи ова може да се види во развојот на наоѓалишта на литиум во Германија. Во југозападна Германија се пронајдени до 15 милиони тони литиум, кој е основна суровина за сите батерии со високи перформанси. За да се дојде до оваа суровина, би требало да се испумпува термалната вода со температура до 200 степени на длабочина до четири километри, а литиумот да се филтрира.
Но, со години има значителен отпор во општините каде треба да се врши длабоко дупчење. Граѓаните се плашат од загадување и земјотреси, а стравуваат и од оштетување на куќите. Сè уште е отворено прашањето дали огромното наоѓалиште на литиум ќе биде експлоатирано.