Русија посегнува по украинските природни богатства
2 септември 2023Рудата со над 60% железо, која се вади во Дњепрорудне, во јужноукраинскиот регион Запорожје, од длабочина од околу еден километар, е многу барана. Најголемиот дел од 4,5 милиони тони годишно од стратешки важната суровина пред војната се извезуваше во европски држави - од Словачка, преку Чешка и Австрија. Рудниците од регионот на Украина ѝ носеа девизи во висина од 200 милиони евра годишно. Околу третина од железото се преработуваше во регионалниот главен град Запорожје и се извезуваше и во форма на челик. Од летото 2022 година со тоа е завршено. Дњепрорудне, работнички град лоциран јужно од исушеното вештачко езеро кај Нова Каховка, е окупиран од руските сили. Стратешки важните ресурси сега се носат во Русија. На украинските, чешките и словачките инвеститори де факто им беше одземен имотот од страна на руските власти.
Без суровини нема девизи
Извозот на метална руда, според информации на украинските погранични власти, во 2022 година во споредба со годината пред тоа се намали за речиси 60 проценти - на помалку од три милијарди долари. Таквиот пад делумно се должи на руската окупација на регионите во кои се копа рудата. Експерти на канадскиот тинк-тенк „СецДев” вкупната вредност на украинските природни богатсва под руска контрола ја проценува на околу 12 милијарди американски долари. Покрај железна руда, станува збор пред сѐ за други важни суровини за металургијата како јаглен, титан и манган, но и злато, гас, нафта, каолин, сол, гипс, циркониум и уран.
Најголемото наоѓалиште на железна руда и комбинатите за нејзина преработка и натаму се под контрола на Киев, но се постојана мета на систематски напади од околните региони на југоистокот на земјата кои се под руска окупација. „Политичката калкулација на Москва се состои во тоа да го уништи економскиот потенцијал на Украина. За таквата цел не е важно дали ресурсите ќе бидат уништени, или одземени“, вели Јарослав Шалило од Националниот институт за стратешки студии во Киев. Економскиот експерт зборува за драматични последици за украинското производство на челик поради помалата расположливост на ресурси. Украина во 2021 година извезуваше околу 20 милиони тони металуршки производи, а во првото полугодие на 2023 година само уште 2,5 милиони тони, што на годишно ниво е намалување од 80 проценти. Големи украински металопреработувачки постројки во Мариупол беа уништени од страна на Русите. Преостанатите се борат за преживување.
Руска блокада: Тешко се доаѓа до суровини
До 80 проценти од наоѓалиштата на украински јаглен се наоѓа во окупираните региони на истокот на земјата. Енергетски вредните руди со антрацит се под стопостотна руска контрола и мора да се увезува од земји како САД и Јужна Африка.
Таквиот увоз, поради руската блокада на украинските пристаништа на Црно Море,е особено скап. Суровините мора да се увезуваат преку пристаништата во соседна Полска или Романија, а потоа со помош на железницата. Со истиот проблем украинската индустрија се соочува кога е во прашање извозот, поради што е ставена под прашање конкурентноста на украинските индустриски производи. „Русија сака Украина економски да искрвари и земјата во пропагандата да ја претстави како ‘пропадната држава’ која без Русија е немоќна да преживее”, вели експертот Шалило.
Конкуренција за суровините на иднината
Оливија Лазард од бриселскиот тинк-тенк „Карнеги Европа” посегањето по украинските природни богатства го смета за еден од најважните мотиви за руската инвазија. Да се обезбедат стратешки ресурси преку примена на сила за политикологот Лазард е шаблон на руската политика. „Со помош на платениците на Вагнер, Москва во Африка со години си обезбедува не само злато и дијаманти, туку и суровини кои се потребни за зелената трансформација, како литиум, кобалт и други ретки метали”, вели Лазард во разговор со ДВ.украина
Само неколку месеци пред рускиот напад врз Украина - во јули 2021 година - ЕУ склучи стратешко партнерство за суровини со Киев. На листата на ЕУ на суровини потребни за нејзината „зелена трансформација“ стојат 30 материјали. Две третини од нив може да се најдат во Украина, велат експертите. Со оглед на ризиците поврзани со климатските промени, пораснаа и апетитите на Москва. „Русија се гледа како клучен чинител и во снабдувањето со енергетски ресурси, како и во обезбедувањето прехранбени производи и снабдувањето со вода. Со завршувањето на договорот за житни култури видовме како глобалната сигурност во снабдувањето станува заложник на руските амбиции за моќ. За Русија сите ресурси се и инструмент да се предизвикаат ЕУ и НАТО”, вели Лазард.
Борба за литиум
Едно од најбараните природни богатства на светот е литиумот, кој се користи за батерии за мобилни телефони и автомобили. Украина кај странски инвеститори се рекламира со „најголемите резерви на литиум во Европа”. Но, конкретните бројки очигледно се премногу бризантни за јавноста. „Тоа е државна тајна, тоа никој нема да ви го каже”, вели за ДВ Димитро Кашчук од украинската Геолошка инвестициска група. Факт е дека по две од четири познати наоѓалишта на литиум Москва веќе пушти рака. Едното е Крута Балка во Запорожје, кое уште од пролетта 2022 година е окупирано од Русија, а другото е Шевченково, во регионот Доњецк, на само неколку километри од линијата на фронтот. Инвеститор од Австралија, кој пред војната бараше лиценца за ископување, го стави проектот под мраз. „Ископувањето на литиум во Украина, со оглед на геолошките услови, ќе биде веројатно поскапо отколку во Јужна Америка или други делови на светот. Ако дополнително се појават други ризик-фактори, работата од економски аспект е дискутабилна”, вели Кашчук.
Покрај наоѓалиште на литиум, руските окупатори контролираат и три за ретки метали, тврди експертот. Од клучните суровини, Кашчук гледа потенцијал за циркониум, уран, но пред сѐ за графит и титан. „Графитот се користи за производство на батерии и е барана суровина”, вели експертот. Две наоѓалишта на графит се под руска контрола, од другите четири веќе успешно се ископува руда, нагласува Димитро Кашчук. Најдобри изгледи земјата според него има со титанот, бидејќи Украина со 7 проценти удел припаѓа во топ 5 производителите, а тенденцијата е растечка.