1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ планира плафон за цената на рускиот гас, Путин со закани

ЖА /АФП
7 септември 2022

Цените на енергијата непрекинато растат, а Русија ги полни воените каси со милијарди. ЕУ предлага стопирање на овој механизам, на што од Кремљ стигнуваат закани за запирање на испораката на гас и нафта

https://p.dw.com/p/4GWjB
Europa Commissionspräsidentin Ursula von der Leyen
Фотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

Европската комисија ќе предложи воведување горна граница на цената на увезениот руски гас, како што изјави денеска нејзината претседателка, Урсула фон дер Лајен во Брисел.

„Целта при ваквите  експлодирачки цени  е сосем јасна – мораме да ги редуцираме руските приходи кои (рускиот претседател Владимир) Путин ги користи за финансирање на неговата свирепа војна против Украина", истакна Урсула фон дер Лајен, според која упорната подготвителна работа во овој аспект вродува плод. Имено, уделот на  руски гас  во целокупниот увоз во ЕУ на почетокот на војната во Украина изнесувал 40 проценти, за во меѓувреме да биде намален на само девет насто.

Освен тоа, Европската комисија има намера да воведе ограничување на профитот на претпријатијата кои се во можност да вршат поволно производство на електрична енергија, на тој начин од солидарниот фонд би можеле да се компензираат високите оптоварувања на граѓаните.

Предлозите ќе бидат доставени до министрите за енергетика на членките на ЕУ, кои се состануваат в петок.

Рускиот претседател Владимир Путин пак се закани со  запирање на испораката на нафта и гас  во случај на ограничување на цената на енергенсите.

Плафонирањето на цените „би била целосно глупава одлука“, изјави Путин денеска на Економскиот форум во Владивосток. Русија во таков случај нема воопшто да врши испорака: „Нема да лиферуваме ни гас, ни нафта, ни јаглен, доколку нивната испорака не е во согласност со економските интереси на Русија“, рече Путин. Тој директо се обрати до европските држави, повикувајќи ги „да се вразумат“ и да ги испочитуваат договорите.