1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер во Турција: Се работи за повеќе од донер

Еркан Арикан
23 април 2024

Еден германски претседател е во посета на Турција по повеќе од 10 години. Пред посетата многу се зборуваше за „донер тежок 60 килограми“. Но за турската заедница во Германија патувањето на Штајнмајер има поинакво значење

https://p.dw.com/p/4f557
Германскиот претседател Штајнмајер во Турција
Германскиот претседател Штајнмајер и турскиот гастроном Келеш со раженот донер во летната резиденција на германскиот амбасадор во ТурцијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/picture alliance/dpa

Сончев ден во Истанбул. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер оди по перонот на железничката станица Сиркеџи, каде што пред повеќе од 60 години 100.000 турски гастарбајтери тргнуваа во потрага по својата среќа и надеж во Германија. „Не случајно денеска го започнавме патувањето со посета на оваа железничка станица. Ме радува што првата станица од посетата е оваа железничка станица, која е место од големо значење за судбината на многу луѓе од Турција кои патуваат во Германија, ова е место на големи емоции.“ Штајнмајер, видно трогнат од историјата, нагласи дека во Германија живеат повеќе од 3 милиони луѓе со турско потекло: „Луѓето од Турција станаа дел од нашето општество. Нивните приказни се и наши приказни, не приказни на луѓе со мигрантско потекло, туку приказни на земја со мигрантска позадина“.

Програмата беше нарушена од про-Хамас група, која гласно извикуваше: „Германија е злосторник во Газа, Германија е убиец на деца“, пред полицијата да интервенира и да се обиде да ги спречи протестите.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во железничката станица Сиркеџи во Истанбул
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во железничката станица СиркеџиФотографија: IBB

Пријателството меѓу Германија и Турција е важно

Во германската делегација е и потпретседателката на Бундестагот, Ајдан Озогуз. Нејзините родители исто така доаѓаат од Турција. За неа тоа е „значајно патување на Сојузниот претседател“ бидејќи „гледаме во минатото и во сегашноста и сакаме да откриеме дали проблемите меѓу Германија и Турција се исти“, рече таа и продолжи: „Јас мислам дека не, направивме многу чекори напред и мислам дека овие чекори ќе нѐ доведат до позитивна иднина“. Но, Озогуз е и реалист. Таа додава дека за односите да бидат пријателски, неопходно е повеќе од „едно“ патување од сојузниот претседател.

Односите меѓу Берлин и Анкара се студени со години. Берлин не само што ги критикува масовните прекршувања на човековите права, недостатокот на владеење на правото и демократските дефицити, туку и зголеменото влијание на турската влада врз германските Турци, што често доведува до тензии меѓу двете земји. Заканите на Ердоган со бегалците или обидите за уцена, како неодамна во врска со приемот на Шведска во НАТО, уште повеќе ги затегнуваат релациите. И неговите изјави за Израел - дека Израел е терористичка држава, а Хамас ослободителна организација - исто така предизвикаа бурни реакции во Берлин. Ердоган и за време на викендот, додека го примаше лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во Истанбул, повторно го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху .

Но, Ердоган е на функција до 2028 година, иако неговиот сојуз претрпе пораз на локалните избори на 31 март. Поради тоа, потребен е акт на балансирање, и германскиот претседател сака да го постигне тоа. На почетокот на патувањето се сретна со политичката ѕвезда на опозицијата, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Денеска Штајнмајер патува во регионот погоден од земјотресот, а потоа лета за Анкара, каде утре (24.04) ќе биде примен од турскиот претседател во неговата палата.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во Турција
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер (д.) со градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу (во средина)Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Линднер: Турција има голем потенцијал

Покрај пратеници, државни секретари и гости од светот на уметноста, литературата и бизнисот, дел од делегацијата е и германскиот министер за финансии Кристијан Линдер. Тој денеска ќе се сретне со својот турски колега Мехмет Шимшек, кој се обидува да донесе нови инвестиции во економски загрозената Турција, но исто така и не успева да ја стави под контрола неконтролираната инфлација. На прашањето на ДВ каков економски совет би му дал Линднер на својот колега Шимшек, германскиот министер одговара: „Ние не сме тука да даваме совети, но многу ги поддржуваме напорите на турската влада да го стабилизира економскиот развој. Тоа значи борба против инфлацијата. Она што овде го видовме, покажува напор да се постигне поголема сигурност.“

За Линднер е јасно дека Турција има голем потенцијал, особено со нејзиниот пазар на труд. Доколку се надминат проблемите во економската и монетарната сфера во Турција, германскиот министер за финансии претпоставува дека и германските и меѓународните инвеститори повторно ќе дојдат во земјата.

Германскиот претседател Штајнмајер воТурција
Германскиот министер за финансии Кристијан Линдер (л.) оценува дека Турција има голем потенцијалФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Чест е да се биде таму

Во германската делегација има и многумина со турско потекло. Несомнено најинтервјуираниот меѓу нив е гастрономот Ариф Келеш, кој има  ресторан за донер во Берлин. Сојузниот претседател вчеравечер, на прием во летната резиденција на германскиот амбасадор рече дека донерот е еден од вкусовите што ги поврзува Турција и Германија и дека и самиот сака да јаде донер. Така и се случило, вели Келеш за ДВ, да добие барање од кабинетот на германскиот претседател: „Ми се јавија по телефон и ми рекоа дека сум поканет да го придружувам сојузниот претседател во Турција. Се разбира, тоа е чест за мене и горд сум што сум овде.“

И така тој во авионот за Истанбул понел ражен со замрзнато месо за донер, тежок цели 60 килограми, заедно со сосови и други состојки. За Штајнмајер, Келеш ја симболизира успешната приказна што тој ја спомна на железничката станица Сиркеџи. Луѓето со турско потекло се составен дел на културата, економијата и особено угостителството во Германија.