1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто германските Турци мнозински гласаат за Ердоган?

Бурак Унверен
26 април 2023

На претстојните избори во Турција ќе биде многу тесно за актуелниот претседател Ердоган. Но, ако се прашаат германските Турци, Ердоган би победил. Што се крие зад популарноста на Ердоган меѓу германските Турци?

https://p.dw.com/p/4QYrC
Приврзеници на Ердоган во Германија за време на отворањето на Централната џамија во Келн во 2018 година
Приврзеници на Ердоган во Германија за време на отворањето на Централната џамија во Келн во 2018 годинаФотографија: Reuters/T. Schmuelgen

На 14 мај не само Турците во Турција, туку и турските граѓани ширум светот ќе избираат нов претседател и парламент на Турција. Исто така и во Германија, каде што живее најголемата турска заедница надвор од матичната земја. Според официјалните податоци на Германската канцеларија за миграција и бегалци, пред пет години во Германија живееле 2,8 милиони луѓе со турско миграциско потекло. Околу половина од нив сѐ уште имаат турско државјанство. Веќе од 27 април до 9 мај, тие можат да го дадат својот изборен глас во едно од 14-те турски дипломатски претставништва во Германија. Генералниот конзул Турхан Каја во интервју за ДВ вели дека се уште не може да зборува за поединостите од изборниот процес, бидејќи процесот на одобрување од страна на германските власти е сѐ уште во тек.

На овие избори, долгогодишниот владетел Реџеп Таип Ердоган навистина може да загуби. Негов најсилен противкандидат е Кемал Киличдароглу, политичар на кемалистичко-секуларистичката ЦХП, кој е поддржан од широк спектар на политиката и општеството.

Силната база на Ердоган во Германија

Кога станува збор за гласовите на германските Турци, Ердоган и неговата партија АКП, меѓутоа, можат да сметаат на чиста победа.

Метин Сирин живее во Келн веќе 43 години. Работел во фабриката Форд четири децении и бил активен синдикалец. Сирин претходно му го давал својот глас на Ердоган и има намера повторно да го стори тоа: „Во текот на изминатите 20 години, моите симпатии за АКП стануваа сѐ поголеми“, вели тој за ДВ.

Метин Сирин, кој веќе 43 години живее во Германија, непоколебливо го поддржува Ердоган
Метин Сирин, кој веќе 43 години живее во Германија, непоколебливо го поддржува ЕрдоганФотографија: privat

„Луѓето со турско потекло во Германија мнозинството од своите гласови му го даваат на Ердоган. Тоа е реалноста“, објаснува Јунус Улусој од Центарот за турски студии и истражување за интеграција (ЗФТИ) на Универзитетот во Дуизбург-Есен. Како пример, тој наведува дека 64,8 отсто од германските Турци гласале за Ердоган на претседателските избори во 2018 година, додека на изборите во самата Турција за него гласале 52,6 отсто.

Но, целата турска дијаспора не гласа олку јасно во полза на Ердоган. Така, на изборите во 2018 година во САД тој доби само 17 отсто од гласовите на тамошните Турци, 21 отсто на оние во Обединетото Кралство, 35 отсто во Иран и 29 проценти во Катар.

Изборна шпага на германските Турци

Во Германија, изборното однесување на Турците во земјата, наиде на критики. Во прв ред им се забележува за контрадикторноста: како можат да гласаат за социјалдемократите и за Зелените во Германија, а од друга стрна за исламско-конзервативната АКП во Турција? За Метин Сирин тоа е сосема рационална изборна одлука. Тој посочува дека тоа е дури и знак за тоа колку конзервативните турски гласачи во Германија се отворени за промени и колку малку се фанатични: „Се разбира, луѓето ја избираат партијата што ги застапува нивните интереси. Треба да се гледа позитивно“.

На сличен начин гледаат и политичките аналитичари. „Секако дека и како странец гледаш која партија ти е блиска. Порано прашањето гласеше: ЦДУ или СПД? Во тоа време Турците во Германија беа претежно работници, а социјалдемократите со нивната меѓународна ориентација беа поблиски до Турците отколку конзервативните демохристијани“, анализира експертот за интеграција Улусој.

Фасцинацијата Турција

Првите Турци кои дошле во Германија како гастарбајтери во шеесеттите години на минатиот век биле главно од рурално-конзервативна Анадолија. „Кога луѓето ќе се иселат од некаде, тие дополнително ги развиваат вредностите што ги донеле со себе. Нивните конзервативно-верски определби се конзервираат токму во дијаспората“, објаснува Улусој.

Повеќето турски гастарбајтери дојдоа од руралните области на Анадолија како оваа
Повеќето турски гастарбајтери дојдоа од руралните области на Анадолија како овааФотографија: Felat Bozarslan/DW

Важен фактор за одлуката да гласа за АКП, за Метин Сирин од Келн е развојот на Турција под водство на Ердоган. Во многу различни области, како здравството, транспортот или одбраната, развојот на неговата татковина го прави многу среќен, истакнува тој. Тој ја споредува Турција со тогашната Германија: „Кога дојдовме овде, бевме фасцинирани од Германија. Владините служби, болниците, автопатите беа навистина неверојатни. Постојано ни беше жал што не можевме да видиме нешто слично во Турција. Меѓутоа, во изминатите 20 години, гледаме дека нашите болници и автопати се на ниво на светските стандарди“.

И конзуларните служби и правата на Турците во дијаспората значително се подобрени за време на Ердоган, објаснува Сирин, а го наведува и примерот со служењето воен рок, што може да се „откупи“: „Порано мораше да платиш многу пари, но и да одиш во војска. Денес веќе не мораш да одиш во војска и плаќаш многу помалку. Тоа е големо достигнување за кое можеме да ѝ се заблагодариме на АКП. Затоа тие ја имаат мојата поддршка“. Дополнително, од 2014 година турските граѓани можат да гласаат во турските дипломатски претставништва во странство, што претходно не беше возможно.

Демонизирање наспроти припадност

Многу Германци не се ни обидуваат да ја разберат изборната одлука на конзервативните германски Турци, критикува Улусој. Ваквото изборно однесување може да биде „идеолошки оценето или скандализирано“, но и да се направи обид да се разбере зошто гласаат така. Освен тоа, според него, фокусот на германската јавност е на Турците. Но, тие не се единствените странци кои живеат во Германија, истакнува Улусој, посочувајќи го примерот на големата италијанска заедница со право на глас: „Во Италија на власт дојде десничарска популистичка влада, но никој во германската јавност, не знае како гласале Италијанците во Германија. Никој не се интересираше за тоа“.

Ердоган, се чини, ја пополнува дупката што ја остава германската држава меѓу германските Турци. На германската политика, вели Улусој, сѐ уште ѝ е „тешко да ги признае овие луѓе и да им каже: 'Вие сте дел од оваа земја, без разлика дали сте основач на Бајонтек или можеби како млад човек сте започнале некои безредија на новогодишната ноќ. Дури и ако сте згрешиле, вие сте дел од нас.'“ Токму тоа го вели Ердоган: „Каде и да сте, без разлика какво државјанство имате, вие сте дел од нас“.

Ердоган им порача на турските гласачи во Германија „Вие сте дел од нас“ - нешто што германската политика пропушта да го стори со децении
Ердоган им порача на турските гласачи во Германија „Вие сте дел од нас“ - нешто што германската политика пропушта да го стори со деценииФотографија: Emin Sansar/AA/picture alliance

Слично мислење има и социологот Сабрина Мајер. „На Ердоган му беше лесно да се обрати до дел од луѓето со турско потекло кои сакаа да бидат ценети поради нивното турско потекло“, вели професорката на Универзитетот во Бамберг во интервју за ДВ. Поради политиката на германската влада кај тие Турци не можеше да се „создаде чувство дека се дел од германското општество“. Мајер истакнува дека долго време на Турците не им било поедноставено добивањето на германско државјанство, за разлика од другите доселенички групи, на пример на луѓето со германско потекло од Русија.

Изборно однесување и пркос

„Таквите фактори доведуваат до тоа луѓето кои живеат овде во трета генерација да го избираат Ердоган од пркос“, вели Улусој. Гласачот на АКП од Келн, Метин Сирин, го потврдува тоа.

Сепак, каков и да е исходот од изборите на 14 мај, Сирин ќе го искористи своето право на глас и фактот оти е политички претставен: „Иако живеам во Германија 43 години, не ми е дозволено да го дадам својот глас ниту на општински избори овде. Ова за мене значи исклучување и ме растажува. Турција, сепак, ни дава право на глас. Горд сум што можам да соодлучам за нашите граѓани“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи