Инфлација - од Варшава до Истанбул
28 мај 2022Кружниот тек треба да го намали бројот на сообраќајни несреќи на една крстосница кај Милано, позната по многу несреќи. Но, работата е во застој, бидејќи асфалтот, цевките и бетонот станаа прескапи. Изведувачот на работите, Едоардо Ронвони е очаен. „Се плашиме дека оваа година воопшто нема да можеме да работиме“, вели италијанскиот претприемач. „Ги затвораме сите наши градилишта“.
Компанијата ја прекина работата на полуизградениот кружен тек уште во март, а оттогаш војната во Украина дополнително го поттикна зголемувањето на цените. Ронкони се жали дека неговата компанија веќе ги загубила најдобрите три месеци од годината во однос на договорите за нови работни ангажмани. А најлошото, вели, веројатно допрва доаѓа.
Цените на нафтата и гасот - главните двигатели на инфлацијата
Војната дополнително ги притисна ресурсите и ја забрза инфлацијата. Цените на енергијата, храната и градежните материјали растат побрзо од кога било во последните децении. Шокот поради цените е најголем на бензинските пумпи, но и кога се гледа сметката за струја или цените во супермаркетите. Исто како на градилиштата. Веќе се стопирани првите јавни градежни проекти во Италија.
Зголемените цени на нафтата и гасот се главните двигатели на инфлацијата во Европа, која во голема мера се потпира на руската енергија за производство на електрична енергија и за снабдување на индустријата. Се очекува оваа година инфлацијата на ниво на Европската Унија да порасне на речиси седум проценти.
Овошје и зеленчук само за деца
Високите трошоци на бензините го загрозуваат и транспортот на стоки, а оние кои живеат од земјоделство и рибарство се принудени да наплаќаат астрономски цени за своите производи поради горивото. Промените ги чувствуваат и оние на кои за живот им е потребно многу малку.
Една од нив е Алина Черник од Полска. Продавачката од Варшава чува кокошки за да не мора да купува јајца. Зашто, вели, храната веќе е зголемена за 150 отсто.
Чувството на безнадежност се шири првенствено кај оние кои и онака малку заработуваат. „Отсекогаш сум била позитивна личност, но во моментов не ја гледам светлината на крајот од тунелот“, вели Ева Фухсова од Чешка, која живее со своите три деца во градот Тушков во близина на Плзен. „Морам да го затегнам ременот. Купувам овошје и зеленчук за да не им недостига ништо на децата, но јас не го јадам“, вели оваа мајка.
Потрошувачите се воздржани
Инфлацијата особено се чувствува во земјите од Централна и Источна Европа кои се блиску до воената зона. Чешка забележа пораст на цените од 14,2 отсто во април, а Полска 12,3 отсто. Но, и во Грција инфлацијата тој месец беше 10,8 отсто.
Посебен случај е Турција, чија валута минатата година загуби 44 отсто од вредноста во однос на доларот, а инфлацијата се искачи на драматични 61 отсто.
Сите продавници од Варшава до Истанбул бележат пад на продажбата. Потрошувачите се воздржани, бараат најевтина алтернатива, велат продавачите. За работи кои се помалку неопходни, како облека, купувањето се одложува, а стоката која се смета за луксуз, како што е цвеќето, речиси воопшто не се продава.
Бајрам Коза, месар од Истанбул, вели дека продажбата е намалена за една петтина. „Дури и во богатата населба Чанкаи луѓето веќе не го купуваат она што им треба, туку она што можат да си го дозволат“, вели месарот и додава: „Оние што досега купуваа два килограми мелено месо сега земаат најмногу килограм“.
„Се плашам дека нема да издржиме“
Инфлацијата, се разбира, ги погодува и туристичките работници, кои едвај се опоравија од двегодишната пауза поради пандемијата. Парис Парасос, сопственик на рибен ресторан на грчкиот остров Родос, сега сам оди на риболов во раните утрински часови за да ги намали трошоците. Но, вели дека мора да ги покачи цените на менито бидејќи значително се зголемени маслото за јадење и трошоците за струја.
Во Полска потрошувачите се жалат дека цените на лебот поскапеле за една третина. Дури и од Белгија известуваат дека некои пекари таму веќе не можат да ги платат своите работници. „Познавам пекари кои работат по 13 или 14 часа на ден за да преживеат и да ги платат долговите“, вели Алберт Денонсин, претседател на здружението на пекари од француско говорно подрачје во Белгија. „Можеме да издржиме некое време, но кога ќе слушнам од централата на Светска банка дека вака треба да продолжи о 2024 година, тогаш се плашам дека нема да успееме“.