Макрон игра на картата на економијата, но дојде инфлацијата
9 април 2022Претседателските избори во Франција се закажани за 10 април. Актуелниот претседател, Емануел Макрон има силен аргумент дека реформите во неговиот прв мандат вродуваат со плод - а тоа е силна економија.
Француската економија закрепна побрзо од очекуваното од пандемиската криза, со раст од седум отсто, што е рекорд во последните 52 години. Дополнително, невработеноста падна на најниско ниво во последните десет години, се зголеми куповната моќ и пристигнуваат странски инвестиции.
Откако дојде на власт во 2017 година на центристичка платформа, Макрон, поранешен инвестициски банкар и министер за економија, започна со реформи - либерализација на работните правила за да се олесни ангажирањето и отпуштањето работници, намалувањето на бенефициите за невработеност и даноците на добивката и приходите, и за домаќинствата и за бизнисите.
„Политиката на Макрон беше прилично во полза на бизнисот, иако тој мораше да приспособи некои од мерките поради кризата, како што беа протестите на Жолтите елеци и пандемијата“, изјави за ДВ Метју План од Француската економска опсерваторија (ОФЦЕ) со седиште во Париз. Генерално, економската привлечност на Франција на меѓународно ниво дефинитивно е подобрена.
Еден показател за тоа е бумот на француската стартап сцена. Оваа година, Макрон, облечен во ролка во стилот на Стив Џобс, го прослави дваесет и петтиот стартап вреден повеќе од милијарда долари - далеку пред крајниот рок во 2025 година.
„Најголемата позитивна страна на мандатот на Макрон е динамиката на француските компании ако се погледнат нивните биланси, профитабилноста и иновативноста“, изјави за ДВ Патрик Артус, главен економист во Натиксис, банка со седиште во Париз. „Огромна сума на пари се слева во корпоративниот сектор“.
Минатата година беше рекордна за француските технолошки компании, кои собраа 11,6 милијарди евра, што е зголемување од 115 отсто во споредба со 2020 година.
Стратегијата на Макрон
Експертите велат дека стратегијата на Макрон „колку чини нека чини“ за време на пандемијата, исто така, помогнала да има пораст во овој сектор - голема потрошувачка за финансирање на бизнисите и да им се помогне да ги задржат своите вработени.
Демијан Марк, извршен директор на JPB Systems, која користи паметна автоматизација и роботи за системи за заклучување за авионски мотори, рече дека владината помош му помогнала да ја надмине кризата во авијацијата, да ја задржи цела специјализирана работна сила и да ги диверзифицира производите.
„Сета оваа владина помош всушност ни овозможи да го развиваме нашиот бизнис во време кога компаниите во многу делови од светот отпуштаат луѓе“, изјави Марк за ДВ во неговата производна фабрика јужно од Париз. „Освоивме пазарен удел и се вративме посилни од кога било.
Минатата година, компанијата доби уште 1,5 милиони евра парична инјекција од владиниот план за закрепнување во вкупна вредност од 100 милијарди евра за помош на индустријата во неколку сектори. И покрај напорите, производството „сѐ уште е многу слабо“.
Експертите велат дека пандемиската криза - која ја разоткри големата зависност на Франција од странски добавувачи - исто така им даде поттик на плановите на Макрон за „реиндустријализирање“ на земјата. Компаниите се охрабруваат да инвестираат во француската индустрија, а не да зависат од Азија. Владата сега ги охрабрува стратешките индустрии како што се полупроводници, електрични батерии и проекти за водород.
„Сега постои свест дека најголемата слабост на Франција е деиндустријализацијата што ја видовме во последните четириесет години и која не можевме да ја спречиме. Важно е овој тренд да се промени во обратен правец“, вели Метју План. Сепак, тој додава дека уделот на преработувачката индустрија во француската економија, од околу десет отсто од БДП, сѐ уште е „многу слаб“.
Артус се согласува, велејќи дека производството „покажа мали знаци на подобрување“ за време на петгодишниот мандат на Макрон и покрај даночните намалувања и реформите, додавајќи дека растечкиот трговски дефицит е уште една причина за загриженост.
„Една од главните причини за слабоста во француското производство е недостатокот на вештини и висококвалитетно образование. Тоа е голем хендикеп“, изјави Артус. „Макрон се обидува да го поттикне образованието за стажирање и да ги реформира програмите за обука, но ќе биде потребно време за да се видат резултати“.
Зголемување на јавниот долг
Експертите велат дека друго прашање кое предизвикува загриженост е состојбата на францускиот буџет по огромните владини трошоци и даночните намалувања. „Оваа политика помогна да се зајакне растот и да се зголеми конкурентноста на компаниите, но тука е и прашањето како се финансираат сите овие мерки и прашањата за зголемување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, вели План.
Конзервативната републиканска кандидатка Валери Пекрес го обвини Макрон дека „провалил во касата“ и издвоил бескрајни износи на готовина за итно финансирање за време на пандемијата и го зголемил државниот долг на рекордни 115 проценти БДП.
Иако реформите на Макрон се заслужни за поттикнување на бизнисот, многумина се прашуваат дали економската добивка залудно е потрошена. Анкетите покажуваат дека најголема грижа на гласачите е падот на куповната моќ. Зголемувањето на цените поврзани со војната во Украина дополнително ја продлабочи загриженоста.
На пазарот за зеленчук во источен Париз, Изабел, самохрана мајка на три деца, вели дека сѐ повеќе го чувствува растот на трошоците. „Пораснаа цените на основните потреби и на гасот и мора да бидеме многу повнимателни како ги трошиме парите“, вели 38-годишната жена.
Запрашана за политиката на Макрон, Изабел, која работи во фризерски салон, одговара: „Не чувствуваме дека нашите животи се подобрија многу. Макрон е претседател кој спроведува реформи само за богатите“. На тој начин таа го повторува вообичаениот став поврзан со укинувањето на данокот на богатство од страна на Макрон во 2018 година.
Патрик Артус истакнува дека Франција минатата година отворила околу 700.000 работни места во приватниот сектор, но многумина биле за неквалификувана работна сила со ниски плати. „Точно е дека многу Французи кои работат во малопродажба, ресторани, одржување или логистика се сиромашни“, рече тој.
Тој додава дека податоците сè уште покажуваат оти владата потрошила огромни суми пари за да ги поддржи, а неодамна издвоила 15 милијарди евра за да го ублажи влијанието на поскапувањето на енергенсите.
Сметајќи на неговите економски резултати, Макрон неодамна рече дека ќе продолжи со реформите за преобликување на економијата, доколку добие втор мандат. Кога француските граѓани утре ќе излезат на гласање, ќе се види дали влогот на таа карта се исплател.