Сѐ повеќе Турци бегаат во Германија
19 ноември 2022На германските граници се фаќаат сѐ повеќе бегалци и криумчари со турско државјанство. Тоа произлегува од податоците на сојузната полиција во Германија, испратени како одговор на барањето на Дојче веле.
Само во првите девет месеци од оваа година сојузната полиција уапсила 5.362 турски државјани кои нерегуларно влегле во земјата. Во текот на целата мината година, нивниот број е 2.531. А во 2020 година, кога патувањето беше ограничено поради пандемијата, тој број е 1.629 луѓе.
Според Дирекцијата на сојузната полиција во Минхен, бројот на турски бегалци од јануари до септември 2022 година е зголемен за 254 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во споредба со 2020 година, забележан е пораст од 368%.
Зголемен е и бројот на шверцери со турски пасоши. Според сојузната полиција, во првите девет месеци од годинава биле откриени вкупно 185 шверцери на луѓе со турско државјанство. Во цела 2021 година имало 111, во 2020 година само 56.
Според нивните сопствени изјави, бегалците во Германија доаѓаат преку Балканската рута. Трошоците по лице изнесуваат меѓу 6000 и 8000 евра. Зошто сѐ повеќе луѓе од Турција се одлучуваат да тргнат на ова опасно патување?
Бизнисот со надежта
Во Турција веќе една година има рапидно влошување и на политичката и на економската ситуација.Владиното мнозинство во парламентот неодамна донесе закон со кој се предвидуваат затворски казни до три години за ширење „лажни“ или „заблудувачки“ информации. Притоа, дали информацијата е лажна или заблудувачка одлучуваат провладините обвинители. За критичарите, таканаречениот закон за дезинформациие уште еден обид да се поткопа слободата на изразување и слободата на печатот - особено во пресрет на парламентарните и претседателските избори кои треба да се одржат напролет.
Во визирот на турското правосудство сѐ повеќе влегуваат и професионалните здруженија кои не се на линија на власта. На крајот на октомври, претседателката на Турското лекарско друштво (ТТБ) и добитничка на наградата за мир во Хесен, Себнем Корур Финчанчи, беше уапсена под обвинение за терористичка пропаганда. ТТБ открива прекршувања на човековите права и јасно ја критикува владата.
Освен тоа, животот на населението е отежнат и од галопирачката инфлација во земјата. Според официјалните податоци, стапката на инфлација во октомври изнесува 85,5%. Според ЕНАГ, независна група научници, таа е дури повисока од 185 проценти. Куповната моќ се намалува, многу луѓе не можат да ги задоволат ни основните потреби и покрај тоа што имаат работа.
Особено се фрустрирани младите. Според една неодамнешна студија, повеќе од 71 отсто од луѓето на возраст помеѓу 17 и 30 години не гледаат иднина во земјата. Речиси 82 отсто би ја напуштиле Турција и би живееле во странство доколку можат. Здружението на лекари ТТБ наведува дека до септември околу 2000 лекари поднеле барање за работна дозвола за работа во странство.
И Дундар Келоглу, адвокат и член на раководството на Советот за бегалци на Долна Саксонија, зборува за сѐ поголем бран бегалци од Турција. „Посебно младите бегалци ни кажуваат дека не гледаат перспектива во својата татковина и немаат надеж“, вели адвокатот во интервју за ДВ.
Шест млади Турци во Розенхајм
Во средината на септември, сојузната полиција во Розенхајм, Баварија, фати шест млади мажи на возраст од 18 до 25 години, кои платиле по околу 8.000 евра по лице за да патуваат со камион од Турција до Австрија. На полицајците им кажале дека сакаат да побараат азил и да работат и да заработат во Германија. Лошата економска состојба во земјата на потекло не е причина врз основа на која се доделува азил, но шестемина тоа не го знаеле. Никој не ги подготвил за нивната изјава пред германските власти.
Друг случај од Кројт уште појасно покажува на кое самоволие шверцерите ги изложуваат бегалците. Кројт е мал град на австриско-германската граница, каде што странците брзо паѓаат в очи. А таа група се состоела од единаесет непознати лица, пет возрасни и шест деца на возраст од една до 13 години. Тие се засолниле во ресторан за брза храна доцна во ноќта. Вработен ја алармирал полицијата. Полицијата подоцна утврдила дека станува збор за Курди од Турција кои биле внесени и оставени веднаш откако ја минале границата.
Барања за азил: Турците на трето место
Бегалските движења од Турција се гледаат и во статистиката за азил. Според Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ), од јануари до октомври 2022 година барање за азил поднесле речиси 16.000 Турци. Тоа е зголемување од 175,7 отсто. По Сирија и Авганистан, Турција е трета држава по број на лица кои поднесле барање за азил во Германија.
Тоа не е изненадување за Клара Бингер, пратеничка од Левица во Бундестагот, која редовно поставува прашања за бројот на азиланти во Германија. Според неа, бегалското движење од Турција укажува дека политичката ситуација за противниците на владата во таа земја се влошува. Репресијата се зголемува, а ситуацијата станува сѐ поопасна, особено за Курдите.
Експертите како адвокатот Дундар Келоглу претпоставуваат дека бројот на бегалци од Турција ќе продолжи да расте, бидејќи никој не очекува смирување на политичката ситуација пред изборите. На повидок нема ниту подобрување на слабата економија.