Турција го заостри законот за медиуми
14 октомври 2022Турскиот парламент донесе закон со кој се казнува ширењето „лажни информации или информации кои водат во заблуда во врска со внатрешната и надворешната безбедност на земјата“. Со законот се опфаќаат и пораки „кои можат да му наштетат на јавното здравје, да го нарушат јавниот ред и да шират страв или паника меѓу населението“.
Мнозинството пратеници гласаа за тоа судовите да можат да осудат акредитирани новинари, но и обични корисници на онлајн мрежите на неколку години затвор. Во екстремни случаи се закануваат три години затвор.
Предлогот на владејачката АКП и нејзиниот партнер, ултранационалистичката партија МХП, наиде на остри критики во земјата и во странство. Здруженијата на новинарите предупредија дека законот може да доведе до еден од најстрогите механизми за цензура и автоцензура во историјата на Турција. „Овој закон ѝ објавува војна на вистината“, рече пратеничката Мерал Данис Бекташ од прокурдската опозициска партија ХДП.
Пратеникот Бурак Ербај од секуларната ЦХП истакна дека новиот закон особено ја ограничува комуникацијата на младите. Тие комуницираат преку онлајн мрежи како Инстаграм и Фејсбук, истакна тој: „Ако законот помине овде, во парламентот, можете да си го искршите телефонот“, додаде Ербај, кршејќи го својот мобилен телефон на пленумот со чекан што го донесол со себе.
Активистот за медиумски права Вејсел Ок објаснува дека со правилата што сега се донесени може да се гонат сите критичари на власта - „опозицијата, невладините организации, правните здруженија, новинарите и обичните граѓани“.
Советот на Европа, чија членка е Турција, на почетокот на октомври ја критикуваше нејасната дефиниција за „дезинформации“ во законот. Заканата со затворски казни, која е поврзана со тоа, може да резултира со „зголемена автоцензура“, особено во поглед на парламентарните избори во јуни 2023 година. Се проценува дека тоа може да бидат најтешките избори за претседателот Реџеп Таип Ердоган досега. Рејтингот на неговата партија АКП се намалува поради галопирачката инфлација и монетарната криза.
- повеќе: Турција: 27 години затвор за Џан Дундар
Невладините организации постојано ја критикуваат ерозијата на слободата на медиумите во Турција. На актуелната листа на организацијата Репортери без граници, Турција е на 149. место д вкупно 180.