Состанок на НАТО - за Украина само убави зборови
29 ноември 2023Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО не донесоа многу во Брисел - ниту нови милијарди помош за Украина , ниту нови воени пакети кои би можеле да и помогнат на земјата да ја преброди зимата, пишува порталот на јавниот сервис Тагесшау. По првиот ден од заседавањето, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше кус:
„На денешниот состанок, членките ја покажаа својата решеност да ја поддржат Украина на нејзиниот пат кон НАТО“. Тоа не е многу - и веројатно не важи и за сите: Турција и Унгарија сè уште не дале зелено светло за Шведска да се приклучи на воената алијанса. Зошто тогаш да го очекуваме тоа кога се работи за Украина?
НАТО лут на Турција
Фактот што Шведска сè уште не е полноправна членка на НАТО поради Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган налути многу министри за надворешни работи на НАТО. Французинката Кетрин Колона зборуваше за штетите што тоа му ги нанесува на воениот сојуз, а Столтенберг побара:
„Очекувам парламентот (турскиот итн.) да ја заврши расправата и да донесе позитивна одлука што е можно поскоро“.
Финска граница со Русија
Финците во моментов на своја кожа чувствуваат колку е ранлив северот на Европа. Тие го затворија последниот граничен премин со Русија, бидејќи оттаму постојано влегуваа нови мигранти во земјата. За Столтенберг тоа е уште еден пример како Русија врши притисок врз својот сосед.
„До сега немало барање за поголемо присуство на НАТО на границата. Заштитата на границите е работа на одделни земји, понекогаш во тоа им помага организацијата за заштита на границите Фронтекс“, соопшти НАТО за ситуацијата на финско-руската граница.
Прв состанок на Советот НАТО-Украина
Можеби министрите за надворешни работи на земјите од НАТО ги сочуваа своите конкретни најави за вториот дел од состанокот во среда (29 ноември), кога ќе се состане Советот НАТО-Украина. За прв пат ќе биде присутен и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Тој ќе разговара пред се со претставници на САД. Досега, САД беа сигурен сојузник на Украина. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повтори во Брисел:
„Ја нагласуваме нашата подготвеност да и помогнеме на Украина се додека таа се соочува со руска агресија“.
Но, колку долго и во која мера зависи пред се од исходот на изборите во САД за помалку од една година. Доколку победат републиканците предводени од Доналд Трамп, помошта веројатно ќе биде помала. Сега САД обезбедуваат околу половина од вкупната воена помош за Украина.
Бербок: „Ги исполнуваме нашите обврски“
На прашањето на странските новинари - дали Германија планира да ја намали помошта за Украина со оглед на буџетските проблеми - министерката за надворешни работи Аналена Бербок одговори:
„Никако, ние ќе ги исполниме нашите обврски, па дури ја зголемивме помошта на осум милијарди евра“.Мирот во Украина е гаранција за мирот во Европа, повторно нагласи германската министерка за надворешни работи.
Камерон е повторно тука
Но, мирот во Украина уште не е на повидок. Зимата тропа на врата, офанзивата не напредува, ветената муниција од Европа не пристигнува, а инфраструктурата е во тешка состојба. За сето ова министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат со шефот на украинската дипломатија.
И во ова избрано друштво повторно се појави познато лице. Дејвид Камерон, новиот британски министер за надворешни работи. Некогаш седеше на маса заедно со другите шефови на влади на земјите од НАТО, а потоа дојде Брегзит. Но, Британците останаа во воената алијанса - и така Камерон се врати во Брисел, но сега како министер за надворешни работи.