1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Бајден сака да ѝ помогне на Украина - но како?

ЖА
4 октомври 2023

Американскиот претседател Бајден разговарал за помошта за Украина со сојузниците. Поради спорот за буџетот на САД, парите за таа намена не се одобрени во Конгресот.

https://p.dw.com/p/4X692
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден разговарал за помошта за Украина со сојузницитеФотографија: Ting Shen/Pool/abacca/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден повикал голем број клучни сојузници и партнери за да ја координираат понатамошната поддршка за Украина. Според информациите од Вашингтон, на телефонска конференција со Бајден учествувале германскиот канцелар Олаф Шолц, шефицата на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Според директорот за комуникации на американскиот Совет за национална безбедност, Џон Кирби, Бајден во разговорот јасно го истакнал своето уверување дека САД можат да опстојат на своите ветувања кон Украина и дека натпартиска поддршка за тоа ќе продолжи. Но, Кирби исто така изјави дека американскиот Конгрес сега мора да дејствува за да не престане поддршката од САД.

Според информациите од Вашингтон, во тефонската конференција биле вклучени и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, како и шефовите на држави и влади од Велика Британија, Канада, Италија, Јапонија, Полска, Романија и францускиот министер за надворешни работи. И Столтенберг и фон дер Лајен на X (поранешен Твитер) напишаа дека „разговрите биле добри“.

Бајден при консултациите ги информирал партнерите и за спорот околу буџетот во САД и за случувањата на викендот, изјави Кирби. Американскиот Конгрес во саботата усвои привремен буџет кој не предвидува дополнителна помош за Украина. Компромисот во последен момент спречи заканувачко блокирање на работата на американската влада. Во прв ред во редовите на републиканците постои отпор против натамошна  воена помош за Украина.  Бајден сега се обидува да најде најдбар можен начин да добие одобрение за дополнителна помош кон 113 милијарди долари за безбедносна, економска и хуманитарна поддршка кои САД ги ставија на располагање од руската инвазија во февруари 2022 година.

Американскиот Конгрес
Американскиот Конгрес во саботата усвои привремен буџетФотографија: Senate Television via AP/picture alliance

Бајден изјавил дека очекува претседателот на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти да го исполни своето ветување за обезбедување натамошна поддршка за Украина.

Телефонскиот разговор со водечките претставници на Г7, НАТО и ЕУ докажа дека светот посветува големо внимание на она што се случува во САД.

А колку е кревка политичката ситуација во Вашингтон - и континуираната поддршка на САД за Украина во моментов, се покажа само неколку часа подоцна, кога  МекКарти беше сменет  од револтираните републикански пратеници од десничарското крило на неговата партија, што не го доведува во прашање само одобрувањето за дополнителна помош за Украина.

Според Фон дер Лајен, ЕУ предлага дополнителни милијарди помош

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен по телефонскиот разговор соопшти дека од страна на ЕУ  е предложена нова финансиска помош во износ од 50 милијарди евра за реформи и инвестиции. Целта е до март 2024 година ЕУ да испорача еден милион парчиња муниција во Украина. ЕУ освен тоа сака да помогне во истрагата за злосторствата извршени од Русија во Украина.

Зеленски во посета на фронтот

Во меѓувреме, според официјалните информации,  украинскиот претседател Володимир Зеленски  за време на посетата на војниците во секторот Купјанск на фронтот, ги разгледал тенковите „Леопард 2“. На видеото објавено на неговиот канал на Телеграм, може да се види како Зеленски наградува војници пред борбен тенк. „Западно возило е западно возило", го пофали еден од војниците тенкот од германско производство во разговорот со Зеленски.

Покрај тенковите „Леопард“, Зеленски ги обиколил и оклопните транспортери „ЦВ-90“. И двете борбени возила беа распоредени во борбите на фронтот во североисточна Украина, на секторот Купјанск, се вели во текстот што го придружува видеото. Тенковите испорачани од Западот од оваа пролет беа наменети да ѝ помогнат на Украина да ги врати окупираните територии. Украина притоа уште минатата есен го ослободи градот Купјанск како дел од нејзината контраофанзива во регионот Харков. По последователното преминување на реката Оскил, војската на Киев првично можеше да поврати понатамошни територии во областа Луганск, но иницијативата во овој дел од фронтот сега е вратена кај руските вооружени сили.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема