„Украинските напади врз Крим се катастрофа за Русија“
30 септември 2023Нападите на Украина врз главното седиште на морнарицата во Севастопол се многу тешки удари за Русија од две причини – прво затоа што покажуваат дека руската противвоздушна одбрана очигледно не е во состојба да пресретне западни проектили. На Крим се наоѓаат најмодерните радари и антиракетни системи со кои располага Русија, како на пример "С-400 Триумф", вели германскиот експерт за воени прашања, Маркус Којп.
Украина освен тоа не погоди само воена, туку и многу симболична цел, имено главното седиште на руската Црноморска флота, „најсветиот“ воен објект на цел Крим, укажува тој.
„Сликите кои стигнуваат до нас јасно покажуваат дека кој и да живеел таму, веројатно сега веќе не е меѓу живите и тоа за Русија е тотална катастрофа. Најновите напади даваат претстава во кој правец се движи војната - се работи пред се` за тоа Русите да сфатат дека нивната воена позиција не е одржлива, па така погледнато се демонстрација на воените способности на Украина, секако покрај психолошкото значење што го имаат. Сите воздушни напади врз Украина почнуваат од таму, од аеродромите на Крим. Многу од терористичките напади врз цивилното население како неодамнешното бомбардирање на Херсон, логистички се одвиваат преку Крим. Ако продолжи ваквиот развој во однос на Крим, тогаш и војната ќе земе значаен нов тек, најдоцна на пролет," вели експертот Којп.
Украина напредува на југот
Украина од една страна се обидува руските сили да ги навлече и на други делови од фронтот, а не само кај Роботине каде што Киев моментално ја има иницијативата и напредува во правец на југот. Русите всушност би требало да распоредат повеќе сили за да ја сопрат инцијативата, но тоа не е можно затоа што тогаш на други делови од фронтот ќе се отворат дупки. Освен тоа, Украина бележи и друг напредок, на пример во регионот Новодоњецк, Бахмут или Купјанск и потоа тука се и постојаните напади врз регионот Белгород само за да ги врзат руските сили за да не може да дојдат како засилување на фронтот кон југот, објаснува Којп.
„Војната ја доживуваме одложено"
„Ние војната ја гледаме временски одложено, но знаеме точно што се случува на теренот. Одложено затоа што снимките кои ги гледаме се објавуваат дури откако командантите на фронтот ќе го дозволат тоа. Војната е околу пет до седум дена понапред од тоа што ние го гледаме на телевизија. Но, аналитичарите кои користат отворени извори, се прилично блиску до реалните случувања на фронтот. Украина во моментов напредува во два правци во регионот околу Роботине. Целта е Токмак, односно артилеријата толку да напредне што ќе може да го контролира Токмак. Од таму би можела да биде попречена руската логистика долж целиот јужен фронт. Тоа во октомври може да игра голема улога. Ако тоа и` успее, Украина де факто го поделила рускиот јужен фронт. Во март реков дека војната во октомври за Русија ќе биде стратешки изгубена. Со тоа не мислев дека ќе престанат борбите, туку дека Русија логистички нема да може да испорача и ќе се соочи со изборот да ги повлече своите сили, или тие полека да бидат истиснувани“, истакнува Којп.
Којп вели дека средбата и разговорите на Владимир Путин со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун се добро маскиран маневар за пропаганда. „Војната треба да ја гледате од логистичката компонента. Додека Северна Кореја да испорача муниција во обем кој би им дозволил на Русите да преземат иницијатива, војната ќе заврши“, вели Којп, дополнувајќи: Русите се тие кои моментално страдаат од недостиг на муниција за артилеријата. Потрошувачката е голема, а дополнително на тоа Русите често ја поставуваат артилеријата толку блиску до фронтот што украинските дронови ја препознаваат и потоа украинската артилерија ја уништува. Украина не пука со последни сили, како што тврдат некои. Таа и натаму ја има иницијативата и Русија не е во состојба да го спречи нејзиното напредување. Ова е истрошувачка војна која функционира преку логистиката, не се работи тука примарно за освојување на територии, објаснува експертот.
Крим како центар на воената сила
Во однос на Крим, Којп истакнува дека тој е украинска територија која од 2014 година, спротивно на меѓународното право е окупирана од Русија. Русите тоа време го искористија за да направат од полуостровот воена тврдина. Таму има аеродроми, пред се за хеликоптери, како и за борбени авиони и антиракетни штитови. Крим не е само логистички центар, туку и воен центар на целата руска операција и затоа таму ќе биде и големото финале на војната и можеби и побрзо отколку што се очекува. Ако и` успее на Украина да ги блокира пешадијата и воздушните напади, тогаш Крим е логистички изолиран. Почнувајќи од тој момент, Русија всушност веќе не е во можност и натаму да ја води војната, смета Којп.
И натаму страдање на цивили
Систематското уништување на украинската енергетска мрежа на Русија нема да и` успее ни оваа година, убеден е Којп: „Минатата година Русија систематски се обидуваше да ги уништи украинската енергетска и електродистрибутивна мрежа, што тогаш не и успеа и уште помалку ќе и успее годинава. Украина можеше да ја поправи мрежата, а и да ја подобри антиракетната одбрана која сега веќе опфаќа важни пунктови од електричната мрежа. Но, секако дека не можат да ја штитат целата земја и секој поединечен објект. Затоа таквите терористички напади врз цивилното население веројатно ќе продолжат. И Меѓународниот суд во Хаг има листа на воени злосторства која станува се` подолга. Вината е огромна и секој кој на Запад се изјаснува проруски, сноси своја вина за таквите злосторства“, заклучува Маркус Којп.
Маркус Којп од 2013 година предава на Воената академија ЕТХ во Цирих. Како воен економист се занимава меѓу другото и со темите трговија и логистика во војна.