Ситни интереси ги пеплосаа планините
17 август 2024
Стотици пожари за месец и половина ги опустошија македонски шуми. Зафатени се илјадници хектари на повеќе планински појаси во земјата, а огнените јазици пеплосаа и куќи, земјоделски површини, ниска вегетација, грмушки и трева, но и висококвалитетна борова шума. Битката со огновите се води на два фронта - и со огнот и со потпалувачите. Додека пожарникарите, месното население, војската и армијата се борат да ги скротат огнените стихии, полицијата со помош на дронови и активности на терен се обидува да открие кој и зошто ги пали македонските шуми. Граѓаните бараат да се забрани сеча на дрва во опожарените места во наредните 10 години. На тој начин сметаат дека и огнените стихии ќе стивнат и шумите ќе се спасат од најразлични бизнис интереси.
„Нема никакво оправдување за несериозното и невнимателно однесување кое предизвикува пожари и тогаш кога потпалувачите ќе бидат казнети тогаш ќе се однесуваат повниматлно и поодговорно“, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Тој најави дека ќе бара измени на законите за казнување на ваквите поведенија кои загрозуваат човечки животи, предизвикуваат еколошка, но и материјална штета.
Немир кај населението
Чадот од пожарите кој со недели се чувствува во речиси секој дел на земјата, внесе немир во многу домови, особено во планинските места. Граѓаните стравуваат за своите домови и за своите животи и изразуваат сомнеж дека виновник за пожарите не е само топлото време. Сомнежите дека зад оваа пламена катастрофа која што и се случува на земјата, се кријат „ситни интереси“ коишто предизвикуваат крупни проблеми за државата, од ден на ден се поголеми. Досега полицијата има поднесено околу дваесетина пријави на предизвикување на општа опасност, откако потпалувачите биле фатени на лице место и кај некои од нив биле пронајдени и докази коишто посочуваат дека токму тие ја запалиле првата искра, која потоа со денови и недели на одредени локации не може да се изгасне.
Пожарникарите сведочат дека додека се гасне еден пожар, веќе избувнува нов. Четириесетина пожари во еден ден на отворен простор, според првиот човек на Центарот за управувае со кризи, Стојанче Ангелов и тоа како будат сомнеж дека дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.
„На дневна основа имаме појава на 35-40 стихии. Се сомневам дека добар дел се подметнати, бидејќи не е нормално во еден ден да имаме 35-40 пожари. Или се работи за тотална неодговорност на одредени поединци или за некаква намера“, рече Ангелов во видео-обраќањето од пожарот над викенд-населбата Брезница на Козјак.
Дел од сомневањата се дека освен невнимание, дел од шумските пожари се последици од запалени стрништа, додека дел се и намерно подметнати. На пример сомнежите за пожарите предизвикани во шума со иглолисни дрвја е дека целта е да се создадат услови за појава на печурката смрчак. Исто така, сточарите и земјоделците се случува да палат стрништа и пасишта, а овие пожари, потпомогнати од силниот ветер, лесно излегуваат од контрола.
Невнимание, намера, криминални интереси?
И од подружниците на ЈП „Национални шуми“ се сомневаат дела дел од пожарите се подметнати. Заменик-директорот на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов, кој учествува во гаснењето на пожарите над Пехчево, вели дека во првиот пожар кој беснееше неодамна изгореле над 380 хектари, додека во вториот огнен бран само за еден ден се зафатени над 150 хектари.
„Вториот пожар почна онаму каде што заврши првиот. Зафатена е површина со помлада шума - но колку што е помлада шумата, толку е поголема штетата“, вели Михаилов за ДВ.
Притоа се опожарени 50 хектари квалитетна борова шума, но нанесена е огромна штета и на целиот екосистем. Во пожарите е уништено и ретко растение, коешто го има само во Малешевијата. Станува збор за многу специфично инсектојадно растение муволовка, кое живее на тресетишта на само три локации во Источна Македонија.
Михаилов вели дека допрва ќе се види дали природата ќе успее да обнови дел од автохтоните видови коишто се уништени во пожарите.
Граѓаните се сомневаат дека зад пожарите би можеле да се кријат и други интереси. Поради тоа сметаат дека треба да забрани сечење на опожарените дрва и нивна понатамошна употреба за препродажна како дрва за огрев или за производство на пелети, сува смола и дрвен чипс.
Покрај шумите, гореа и бројни депонии и стрништа. Во неколку случаи беше утврдено дека пожари се настанати и поради искрење меѓу жици на бандери или далекуводи, а за дел од пожарите- потпалувачите беа фатени на лице место. Некои од нив се осомничени за предизвикување на пет - шест пожари (на пример во Македонски Брод), а често пироманите се правдале и дека огнот бил предизвикан од невинание - поради фрлена цигара или „случајно полеан бензин“.
Полициските дронови коишто од неодамна ги мониторираат опожарените појаси открија и обид за нелегална сеча на дрва за огрев токму во пределот на планината Серта, каде што ситуацијата беше и најкритична, а во моментов е активна забраната за движење во шума.
Скопјанец и неговите два сина, пак, беа фатени непосредно откако подметнале пожар кај Патишка Река во околината на Скопје. При апсењето, кај нив биле најдени уште неколку литри бензин со кои полевале за да предизвикаат шумски пожар. Опожареното земјиште е во државна сопственост, а постоела опасност пожарот да се прошири на поголемо подрачје, нискостеблеста и високо стеблеста шума, па дури да зафати и дел од Националниот парк „Јасен”. Тие добија осум дена притвор и кривична пријава за предизвикување на шумски пожар.
Според официјалните податоци, од 17 јули кога полицијата почнува со оперативната акција „Пожар 2024“ откриени се осум случаи, а кривични пријави се поднесени против вкупно 11 лица од Радовиш, Велес, Прилеп, Скопје и Свети Николе. Тие се товарат за предизвикување на општа опасност и шумски пожар. Иако Кривичниот законик предвидува казни затвор од шест месеци до пет години, судските процеси за овие дела често се одолговлекуваат и ретко имаат завршница. Потпалувачите често поминуваат и со симболични парични казни.
Можат ли поригорозни казни да ги „изгаснат“ пожарите?
Според податоците на Центарот за управување со кризи, само во јули биле евидентирани 765 пожари на отворен простор. Секодневно има по 35-40 пожари. Само во Пехчево за еден месец имаше три големи пожари. а најдраматично е во Македонски Брод каде повеќе од 20 дена трае битката за гаснење на пожарот, кој има два крака.
„За жал на места гори квалитетна борова шума“, велат од ЦУК.
Пожар веќе десетина дена пустоши и низ Галичица, а пламените јазици му се закануваа и на селото Врбен во општина Маврово и Ростуше, каде гореше смрека, сува трева и јела.
Александар Максимоски од подружницата на Национални шуми во Македонски Брод за ДВ вели дека пожарите сè уште се активни. Гори средно квалитетна шума на тешко пристапни места. Највеќе бор гори во пределите коишто веќе беа опожарени, а сега се појавија нови стихии на истите места. Дел од претпоставките дека зад пожарите се кријат пиромани и овчари кои ги палат стрништата, се обистинија откако полицијата приведе неколку лица. Но, нашиот соговорник смета дека малите казни за потпалувачите на шумите се една од главните причини зошто не може да се добие битката против нив.
Со ова се согласува и Михаилов. Тој вели дека се неопходни измени во Кривичниот законик, каде што ќе бидат предвидени построги казни за предизвикување пожар, со што ќе се спречат вакви штети во иднина.
„Имаме околу 20 фатени пиромани и уште неколку за кои се водат постапки. Меѓу нив татко и два сина, цело семејство. Цело семејство кое ќе оди во затвор. Дефинитивно мораме од корен да ја менуваме оваа триесетгодишна утопија дека создаваме нешто, а всушност, реалноста ја покажува на терен огромната нула. Да имаш по 40 и кусур пожари дневно од кои повеќето од човечки фактор, кој заедно со нас го дише истиот воздух, кој заедно со нас ја пие чистата природна планинска изворска вода, човечки фактор кој заедно со нас овде ги расте и неговите деца… Дефинитивно не сме вложиле доволно во образованието на луѓето за да ја знаат важноста на ова кое го уништуваат“, вели Михаилов.