1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка битка со огнените стихии: за еден месец 620 пожари

ДТЗ
7 август 2024

Најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор - поради палење на стрништа, пасишта и меѓи, но за дел од огнените стихии во тек е истрага дали се предизвикани од криминални мотиви

https://p.dw.com/p/4jCKW
пожари
Дел од огнените стихии се намерно предизвикани од криминални мотиви, посочуваат надлежните институцииФотографија: Petr Stojanovski

Северна Македонија веќе месец и половина се соочува со големи огнени стихии коишто ги пеплосаа планините. Последните десетина дена беа особено тешки за пожарникарите, коишто се соочуваа со повеќе жаришта на непристапни терени, а ветрот и топлото време им ја отежнуваа битката со огнот. Само во јули се регистрирани дури 620 пожари, а изминатите десет дена избувнаа 66 нови пожари. 

Гори на неколку локации

Вкупно 41 пожар на отворен простор низ државата се евидентирани во вторникот (06.08), од кои шест се активни, девет се под контрола, 26 се изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од активните, првиот е во општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај „Јасен“. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид - Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани.

Третиот е на територија на општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Хеликоптерот Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици на МВР во 11 циклуси исфрли над 20 тони вода, со што беа локализирани дел од жариштата.

Врз истиот пожар дејствуваше и хеликоптерот Х225 од Српското министерство за внатрешни работи, со што е спречено пожарот да се развие кон селото Папрадиште.

Четвртиот пожар е во регионот на општина Петровец, кај селата Градманци и Дивље. Активен е и пожарот во општина Кочани - место викано „Панаѓур“, кај одмаралиштата на Пониква. Последниот од наведените е во општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.

Од пожарите што се ставени под контрола, два се наоѓаат во општина Студеничани, по еден во општините Гевгелија, Охрид, Македонски Брод, Пласница, Делчево, Прилеп, како и еден што е на територија на две општини - Богданци и Дојран.

Владата на седница во вторникот ја разгледуваше информација за состојбите со пожарите во државата, при што беше истакнато дека најголем проблем предизвикува пожарот во близина на село Брезница, каде теренот е тежок и непристапен.

пожари
Првичните проценки се дека пожарите предизвикаа милиони евра штетаФотографија: Petr Stojanovski

Се сумираат податоците за штетите

Првичните проценки се дека пожарите предизвикаа милиони евра штета, особено на планата Серта, Илинска планина, Македонски брод, Дојран, Јасен, Осоговски планини, каде што изгоре огромна шумска површина. Надлежните велат дека ќе биде потребен еден век за да се поврати тоа што е изгорено. 

Но, тоа не е се. Проценките се дека штетата која што му е нанесена на еко-системот, загадувањето на воздухот и почвата, како и последиците врз дивечот и земјоделските култури се ненадоместливи. 

„Најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, заради палење на стрништа, пасишта и меѓи. Во делот на намерно предизвиканите пожари, преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат“, било посочено на владината седница, на која што бил направен преглед на досегашните активности за справување со пожарите. 

Од МВР за ДВ информираа дека од почетокот на воспоставување на оперативната акција „Пожар 2024“, односно од 17 јуни, поднесени се вкупно три кривични пријави и едно известување против четири сторители, додека во два случаи во тек е поднесување на пријава. Во мониторинг на опожарените подрачја и откривање на пироманите се вклучија и полициските дронови.

По првите поголеми пожари беше прогласена кризна состојба, по што Армијата беше вклучена во гаснење на пожарите. Домашните ресурси не беа доволни за справување со огнената стихија, поради што беше побарана странска помош, преку активирање на ЕУ механизмот за цивилна заштита. Авиони, хеликоптери и теренци од Чешка, Германија, Словенија, Србија и Шведска им се придружија на пожарникарите во Северна Македонија, за да се борат против пожарите.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи