1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка со огновите од копно и воздух

19 јули 2024

Двата турски ер -трактори и еден хеликоптер утрово се враќаат во Турција заради тамошните пожари. Дождот вчера изгаснал неколку пожари, а од вчерашните 29, сѐ уште се активни 13.

https://p.dw.com/p/4iUwU
Пожари Северна Македонија
Битка со огновите во Северна Македонија од копно и воздух Фотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Во екстремно високите температури што две седмици ја „печат“ земјата, вчерашниот дожд помогнал да се совладаат  неколку пожари,  но невремето со силен ветер предизвикал и разгорување на други. Вчера бил формиран регионален кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци, со кој координира градоначалникот Митко Јанчев, во кој учествувале и градоначалниците на општините, Росоман, Неготино, Радовиш, Штип, Велес, Прилеп и Чашка, како и командирите на  противпожарните единици  од тие општини.

Вчерашните врнежи помогнале да се неутрализира пожарот кај селото Калањево (неготинско), но поголемиот дел од огнот кој пред десетина дена ја зафати планината Серта - и од неготинска, и од штипска страна, како и пожарите во Радовиш, Росоман, Градско, Клошевица, Мрзен, Подлес, Велес, Чашка, сѐ уште се активни.

Nordmazedonien | Waldbrände auf dem Serta-Berg bei Negotino
Поголемиот дел од огнот кој пред десетина дена ја зафати планината Серта - и од неготинска, и од штипска страна, како и пожарите во Радовиш, Росоман, Градско, Клошевица, Мрзен, Подлес, Велес, Чашка, сѐ уште се активниФотографија: Petr Stojanovski

Координативниот штаб утврдил потреба од поддршка од копно за пожарите во шест општини, сметајќи на по 20 до 30 припадници на АРМ во секоја од нив, а во Росоман на 30 припадници од полициската Единица за брзо распоредување (ЕБР). Според регионалниот кризен штаб воздушна  поддршка за гасење на пожарите  денеска (19.7.) е потребна за Штип, Чашка, Росоман и Неготино.

„Јавните претпријатија од сите општини да бидат активни и да обезбедат потребни средства за гаснење на пожарот“, се вели во заклучоците од координативниот состанок на регионалниот кризен штаб, и се потенцира дека тие  стануваат правосилни веднаш.

Градоначалникот Јанчев, кој вчера изрази надеж дека до сабота пожарите ќе бидат локализирани, посочи дека за еден од пожарите во кавадаречко има индиции дека е подметнат и за тој случај постапуваат надлежните органи. Апелираше до граѓаните да не палат огнови на отворено во период на актуелните екстремно високи температури.

Штип во чад, инфузија за Костадинов

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, синоќа го свикал општинскиот Кризен штаб, откако пожарот се доближил на неколку километри до селата Селце, Драгоево и Пиперово. А откако чад го обвил и градот Штип, до граѓаните беше испратена препорака да избегнуваат присуство на отворено, односно да останат во нивните домови.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, вчера морал да прими инфузија поради вдишан чад додека помагал во гасењето на пожарот во Струмичко. Информацијата за тоа ја објавија пожарникарите од Струмица.

„Градоначалникот Костадинов беше рамо до рамо со нас пожарникарите и несебично помагаше во гаснењето, организираше механизација, овошје, вода, електролити за сите нас. Во еден момент кога ескалираше пожарот вдишувајќи многу чад мораше да прими инфузија“, објавија тие.

Притоа му се заблагодарија на Костадинов, кој претходно објави дека секој струмички пожарникар ќе добие бонус од 10 000 денари.

„Најмалку што можам да направам за моите пожарникари кои деноноќно, посветено со последните сили се бориме против  огнените стихии.  Во името на цела Струмица ви благодарам“, објави Костадинов.

Храбрите велешки пожарникари

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов синоќа информираше дека во текот на денот биле регистрирани 29 пожари на отворено, од кои сѐ уште активни се 13.

Дождот помогнал да бидат совладани неколку пожари: кај Калањево неготинско, еден на територија на Општина Конче, големиот пожар на планината Огражден во општина Ново Село и кај селото Драгоево во насока на полигонот Криволак.

Пожари Северна Македонија
Апелира до граѓаните да не палат огнови на отворено во период на актуелните екстремно високи температуриФотографија: Petr Stojanovski

Според ЦУК, денеска  фокусот ќе биде ставен на пожарот  на Серта, но и на пожарот во околината на Битола кој од вчера земал насока кон планината Пелистер. Активни пожари има и во Градско, Росоман, Чашка, Зелениково, Студеничани и под Солунска глава.

Според Ангелов, вчера имало многу критична ситуација на територијата на Велес.

„Пожарот  се закануваше да дигне во воздух повеќе боци со гас. Благодарение на храбрите велешки пожарникари линијата на огнот беше пресечена, пред да дојдат леталата“, информираше тој.

Пожар имало  и во близина на полигонот Криволак, но ги демантираше медиумските наводи дека огнот ги зафатил магацините на Армијата.

Пожари Северна Македонија
Помалку помош за гаснење на пожарите од воздух - турските ер-трактори и хеликоптер се враќаат домаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Ангелов соопшти дека од денеска во гасењето на пожарите нема да учествуваат двата турски ер-трактори и еден хеликоптер, бидејќи  утрово се враќаат во Турција  заради потреба од интервенирање во тамошните пожари.

Штета на дистрибутивната мрежа

Пожарите вчера не беа единствениот проблем. Невремето со дожд и со силен ветер што зафати дел од општините во земјата, вчера предизвика нови проблеми. Во делови од Скопје беше предизвикана сериозна штета на дистрибутивната мрежа, по што скопските населби Аеродром и Ново Лисиче останаа без струја. Во делови од општините Аеродром и Гази Баба невремето остави и паднати дрвја, скршени гранки, оштетни возила, откорнати покриви и  поплавени улици. Невреме ја зафати и Општина Кавадарци, по што интензивно се работело на терен за расчистување на улиците од паднати дрвја и канделабри, за чистење на сливници и на големите наноси од кал и песок по градските улици.