Во битка со огнот со камион од 1966 година
6 јуни 2023На противпожарните служби во Северна Македонија им недостигаат околу 340 пожарникари. Пожарите се гаснат со противпожарни возила коишто во просек се стари по 27 години, но има и градови каде пожарникарите со огнената стихија се борат со возила стари и над четири децении. Таква е ситуацијата во Валандово, каде што пожарите сѐ уште се гаснат со камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години.
Слична е состојбата и со амбулантните возила - во земјата има 263 возила кои се во просек стари по 12 години. Само 30 од новонабавените возила се нови, додека другите се купени „на старо“. Ова се резултатите од најновите истражувања на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ), којшто објави бази на податоци - за сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјата.
Возила стари и по 40 години
За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. Во 34 противпожарни единици во земјата вкупно има 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.
Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјата имаше 241 возило, просечно старо 28 години. Тоа значи дека во последните три години е зголемен бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години.
Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила изнесува 27 години. Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација 29 нови возила.
Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, која има две возила, просечно стари по 39 години. Следна, со просечно стари возила од по 38 години е противпожарната едница во Кратово. 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари по 35 години.
Најнов возен парк во земјата имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.
ТАМ од 1966 година гасне пожари во Валандово
Најстаро противпожарно возило во земјата има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеса на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
Точно половина од вкупно 284 противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години. Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП, од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години. Следни се возилата Лада Нива, од кои има 28, просечно стари по 23 години. На трето место се 26 возила од марката ТАМ, просечно стари по 41 година. Потоа се 20 возила од марката ДАФ, просечно стари по 14 години и 19-те мерцедеси просечно стари по 40 години.
Недостигаат 340 пожарникари
Иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјата, со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител, сепак сè уште има 340 пожарникари помалку од законскиот минимум.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјата. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни според бројот на пожарникари што им недостигаат се, исто така, најголемите центри и тоа: Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
До 2020 година, на територијата на Северна Македонија имаше формирано 30 противпожарни единици, но со измените на законот кои стапија на сила од 1 јануари 2020 година, се додадоа уште 4 единици и сега нивниот број изнесува 34. Новоформираните противпожарни единици се: Кривогаштани, Ранковце, Македонска Каменица и Старо Нагоричане.
Амбулантните возила просечно стари 12 години
Според истражувањето за амбулантните и санитетските возила на здравствените установи, во земјата има вкупно 263 вакви возила. Санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи. Просечната година на производство на овие возила е 2011 година, што значи дека амбулантните и санитетските возила се просечно стари по 12 години.
Најстарото возило – Мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.
Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјата се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.
Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 % од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства. Најчеста марка амбулантни и санитетски возила е Рено, од која има дури 74 возила, од кои 62 возила се од моделот Трафик. Следни се Ситроен со 35 возила, како и Фиат и Фолксваген со по 26 возила.
Во споредба со истражувањето на ЦКГ од пред четири години, се забележуваат неколку разлики. Прво, за разлика од пред четири години, кога само 47 здравствени установи пријавија дека имаат амбулантни возила, сега бројот на институции со вакви возила изнесува 58, што значи 11 дополнителни институции. Соодветно на тоа, има пораст и кај бројот на амбулантни и санитетски возила. Ако во 2019 година овој број изнесувал 183 возила, сега бројката е 263, односно плус 80 возила. Постои разлика и во староста на овие возила. Пред четири години нивната просечна старост изнесувала 11 години, сега тие се за една година постари, односно просечно се стари 12 години. Сепак, од новостекнатите 80 возила, само 30 се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.