1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силниот ветер го шири огнот - евакуација во Дојран

ДТЗ
30 јули 2024

Поради силниот ветер огнот брзо се прошири, предизвикувајќи огромни штети. Дел од жителите во обид да ги спасат своите домови, одбивале да ги напуштат куќите, поради што евакуацијата се одвивала отежнато.

https://p.dw.com/p/4iu9z
пожари
Пожари ја пеплосаа Источна Македонија - евакуација во ДојранФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Високите температури и силниот ветер донесоа нови стравувања од големи пожари во Северна Македонија. Во земјата се активни околу 30-тина пожари, меѓу кои и огнената стихија која што што избувна кај депонијата во Дојран. Се врши евакуација на локалното население и засега нема повредени лица. Поради ветрот, огнот брзо се шири кон околната населба. Зафатени се неколку куќи, коишто се оштетени. 

Топлото време и силниот ветер го отежнуваат справувањето од пожарите, коишто и покрај нивното локализирање, повторно избувнуваат. Со цел да се спречи поголема катастрофа, земјата повторно побара помош однадвор за воздухоплови, со цел да се справи со пожарите. Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов апелираше до граѓаните коишто се наоѓаат во близина на опожарените места итно да се евакуираат и да не чекаат огнот да дојде до нивното село. 

Пет лица „заробени“ во куќа во Светикоколско

Ангелов информираше дека пет лица се блокирани во куќа во село Строиманци, Светиниколско, и се прават обиди да бидат извлечени. Но, поради огнот во селото тоа е многу тешко. „Упатен е еден полициски хеликоптер кој треба да фрли вода околу куќата, која што засега не е зафатена од огнот, за да можат луѓето да бидат извлечени“, вели Ангелов. 

Огнената стихија која што ја зафати Источна Македонија направи пустош во одредени места. Околу 40 куќи се пеплосани од големите пожари коишто во понеделникот попладне (29.07) ги зафатија селата Малино, Немањици и Орел. Поради силниот ветер огнот брзо се прошири, предизвикувајќи огромни штети. Дел од жителите во обид да ги спасат своите домови, одбивале да ги напуштат куќите, поради што евакуацијата се одвивала отежнато. 

Ангелов вели дека дел од пожарите се подметнати, а имало и појава на пожари од искрење на електрични жици. Тој апелираше до земјоделците да прекинат со палењето на стрништа и пасишта. 

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, за агенцијата МИА вели дека засега нема опасност огнот да влезе во населени места, но горат површини со земјоделски култури. Во текот на ноќта брзо е интервенирано од страна на сите сили и огнот од селото Ерџелија е држен на растојание од околу еден и пол километар. Во Светиниколскиот регион во текот на денот се интервенира и од копно и од воздух. Под контрола е ставен и пожарот во Прилеп.

Спасен манастирот во Прилеп

Според Центарот за управување со кризи, територијата на фронтот на пожарот во Светиниколско е многу широк, но во овој момент населените места не се во опасност. Во Свети Николе на терен се пожарникарите, а во приправност има и припадници на Армијата кои се вклучуваат по барање на локалните командири. Од воздух ќе делува еден армиски хеликоптер Ми 17 и три ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот над Прилеп во голем дел е ставен под контрола. Доцна во ноќта спасен бил манастирот. Позади сртот на Маркови кули пожарот е поделен во два крака и во моментов се интервенира да се стават и овие жаришта под контрола и да се изгаснат, има доволен број на луѓе на терен, а воздушна подршка засега не е потребна, велат од ЦУК.

пожари
Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека дел од пожарите се подметнати, а имало и појава на пожари од искрење на електрични жици. Фотографија: Petr Stojanovski

Во понеделникот беа регистрирани 46 пожари на отворено и шумски пожари, од кои 14 се активни.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов апелира до сите сопственици на куќи и викендици во планински и напуштени села, да направат противпожарен појас околу имотите.

„Ги повикувам сите жители на селата кои можат да бидат зафатени од пожари, да направат противпожарни појаси околу селата, широки по 10 - 20 метри, ораници направени со трактори и некаде да се исчисти со булдожер. Не можеме да претпоставиме каде ќе избие новиот пожар. Проблем е силниот ветер, за жал прогнозите се дека ќе продолжи да дува и понатаму. Сувата вегетација и високите температури ќе придонесат за нови пожари“, вели Ангелов.

Жителите не сакаат да ги напуштат домовите

Ангелов на социјалните мрежи објави видео од евакуација на жители во светиниколското село Немањица, каде беснееше огнена стихија.

„Во многу села очајните сопственици не сакаат да ги напуштат своите домови, бидејќи се сè што имаат тие. Но, сепак животот и здравјето секогаш треба да бидат на прво место. Останувањето во куќа околу која беснее оган може да доведе до трагични последици. Вакви примери имаше на повеќе места, вклучително и во светиниколското Немањица“, напиша Ангелов.

Во понеделникот едно лице загина во пожарот кој го зафати кумановското село Кокошиње.