Ветрот повторно ги разгоре огнените стихии
8 август 2024Бројот на пожари коишто секојдевно ја зафаќаат територијата на Северна Македонија е алармантен, оценува првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Во средата (07.08) имаше дури 40 пожари на отворен простор. „Некои од нив се помали, некои поголеми, а имаме и еден монструм од пожар“, вели Ангелов.
Тој укажува дека и најмалите пожари за миг може да се претворат во големи огнени стихии, поради што повторно апелираше до граѓаните за внимателност.
Во последното деноноќие имало вкупно 40 пожари, од кои 25 се изгаснати, а шест се ставени под контрола. Активни се девет пожари, од кои два во општина Македонски Брод, кај селото Слатина и кај селата Тажево - Брезница и ЈП „Јасен“, во Демир Хисар, Чашка, Петровец, Студеничани, Кичево, Дебар и Охрид, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Ветрот го разгоре огнот
Ветрот кој непрекинато дува го разгоре шумскиот пожар меѓу селата Ореше и Папрадиште што од пред неколку дена беснее во реонот на планинскиот масив на Азот во Општина Чашка. Со пожарот е зафатена мешана дабова и букова шума.
Како што информира за МИА, Жаклина Гушева, директорка на Шумското стопанство „Бабуна“ - Велес во рамки на ЈП „Национални шуми“, нивни екипи со десетмина вработени завчера, деноноќно се на терен и учествуваат во гаснење на пожарот. Во гаснењето на пожарот беа вклучени и два хеликоптера од МВР и АРМ, кои полнеа вода од мобилизиран базен што го поставија активисти на Црвениот крст.
Приведен жител на Ореше
Полицијата приведе 50-годишник од селото Ореше поради предизвикување општа опасност.Тој на 6 август предизвикал пожар во реонот на селото Папрадиште кон Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица го признал делото.
Пожарот во Македонски Брод беснее 20 дена
Најтешкиот пожар со којшто се соочуваат пожарникарите е оној кај Македонски Брод, кој беснее веќе 20 дена. Во гаснење на овој пожар учествува и унгарски хеликоптер и 40 припадници на унгарската противпожарна бригада со специјални возила.
Според Ангелов, направени се противпожарни појаси за заштита на викенд населбата на езерото Козјак, но потребна е будност за да не се дозволи ширење на огнот кон населбата.
Сезона на тешки пожари
„Се работи за сезона на тешки пожари и, за жал, не се само на наша територија. Повеќе од 150 пожари има и на територија на Србија, па оттаму го повлекуваат нивниот хеликоптер и не можеме да сметаме на нивна поддршка. Пожари има и во Грција и насекаде во регионот. Апелирам до сите граѓани да бидат екстремно внимателни“, порача директорот на ЦУК.
Според него, тешко објаснива е појавата на 40 нови пожари во еден ден. „На дневна основа имаме појава на 35-40 стихии. Се сомневам дека добар дел се подметнати, бидејќи не е нормално во еден ден да имаме 35-40 пожари. Или се работи за тотална неодговорност на одредени поединци или за некаква намера“, рече Ангелов во видео-обраќањето од пожарот над викенд-населбата Брезница на Козјак.