Северна Кореја тестирала нуклеарен подводен дрон
24 март 2023Пјонгјанг тестираше нов офанзивен подводен дрон со нуклеарно оружје, објавија државните медиуми. За време на тестот, новиот севернокорејски дрон се движеше под вода на длабочина од 80 до 150 метри повеќе од 59 часа и детонираше ненуклеарен товар во близина на источниот брег на земјата во четвртокот, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
„Овој нуклеарен подводен дрон за напад може да биде распореден на кој било брег и пристаниште или да се одвлече со површински брод за операција“, се вели во извештајот на КЦНА, истакнувајќи дека Ким лично го надгледувал тестирањето.
Севернокорејскиот лидер ја изрази „својата решеност да ги доведе американските империјалисти и јужнокорејскиот марионетски режим во очај поради нивниот избор“, соопшти КЦНА, додавајќи дека Ким ги предупредил непријателите веднаш да престанат со „безобзирните воени вежби против Северна Кореја“.
Пјонгјанг, исто така, соопшти дека лансирал крстосувачки ракети во средата за време на тактичката вежба за нуклеарен напад, потврдувајќи ги претходните извештаи на јужнокорејската војска.
Крстосувачките ракети биле опремени со „пробна боева глава која симулира нуклеарна боева глава“ и летале 1.500-1.800 километри, според КЦНА.
Најновите тестови на Пјонгјанг се случуваат во момент кога јужнокорејските и американските трупи во понеделникот ги започнаа своите најголеми амфибиски вежби во последните години, во кои учествуваше американски јуришен амфибиски брод.
Северна Кореја соопшти дека американско-јужнокорејските воени вежби бараат од нејзините сили „да се подготват за војна од поголем обем и да ги зајакнат своите нуклеарни сили и во квалитет и во квантитет на приоритетна основа“.
Вашингтон и Сеул тврдат дека нивните вежби се чисто одбранбени и ги критикуваат тестовите на Пјонгјанг како дестабилизирачки и како кршење на санкциите на ОН.