Северна Кореја испали ракета со дострел до САД
18 ноември 2022Северна Кореја повторно лансираше интерконтинентална ракета која теоретски може да стигне до САД. Демонстрацијата на моќ од страна на севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун го засени Азиско-пацифичкиот самит во Бангкок, каде е најавена итна седница на САД, Јужна Кореја и други држави.
Интерконтиненталните ракети (ИЦБМ) се сметаат за најважни носачи на атомско оружје. Владите во Сеул и Токио денеска (18.11) ја обвинија Северна Кореја за сериозна провокација. Националниот совет за безбедност на Белата куќа во Вашингтон го осуди тестирањето на „балистичка ракета со долг дострел“ и го повика Пјонгјанг на сериозни преговори. „Вратата на дипломатијата не е затворена, но Пјонгјанг мора веднаш да запре соакциите на дестабилизација и наместо тоа да се одлучи за дипломатски ангажман“, изјави портпаролката на американскиот Совет за безбедност, Едриен Вотсон.
По лансирањето од регионот околу Пјонгјанг, ракетата летнала во насока на исток, кон морето, соопшти генералштабот на Јужна Кореја. Ракетата, како што соопшти јапонскиот премиер Фумио Кишида, најверојатно паднала во ексклузивната економска зона на Јапонија во морето, на околу 300 километри пред брегот.
Резолуциите на ОН ѝ забрануваат на Северна Кореја тестирање на секаков вид балистички ракети, кои, зависно од начинот на којшто се направени, може да имаат и нукеларна боева глава. Кон ИЦБМ ракетите се вбројуваат ракети кои имаат дострел од најмалку 5500 километри.
- повеќе: Има ли Северна Кореја хиперсонична ракета?
Развојот на стратешки ракети со голем дострел од страна на Северна Кореја е насочен особено против САД. Пјонгјанг ги обвинува САД за непријателска политика. Со последните ракетни тестови, според набљудувачите, Северна Кореја, освен што следи свои воено-технички цели, се обидува и да испрати јасен сигнал кон САД.