Ракетен плотун како одговор на севернокорејскиот тест
5 октомври 2022Јужнокорејските и американските трупи истрелаа неколку ракети со краток дострел АТАКМС во морето како одговор на севернокорејскиот ракетен тест, ден претходно, соопшти генералштабот на јужнокорејската армија.
Секоја страна испалила по два проектила кои прецизно ги погодиле вежбовните цели. Со ова беше демонстрирана способноста на сојузниците соодветно да одговорат на провокациите на Северна Кореја. Во вторникот, Пјонгјанг испали балистичка ракета со среден дострел кво насока на Јапонското Море.
Последниот ракетен тест на Северна Кореја се смета за најголема ескалација на тензиите во регионот од 2017 година наваму. Проектилот од среден дострел беше првата севернокорејска ракета што го прелета јапонскиот архипелаг во речиси пет години.
Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида остро го осудија севернокорејскиот ракетен тест. Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол истакна дека ракетниот тест само ќе ја зајакне безбедносната соработка со САД и со Јапонија. Европската унија зборуваше за „неодговорна и целно провокативна акција“.
Северна Кореја тестира и тестира ...
Ракетниот тест во вторникот беше петти тест на оружје на Северна Кореја во последните десет дена. Режимот во Пјонгјанг истрела повеќе од 30 ракети оваа година. Според извештаите на државните медиуми, владетелот Ким Јонг Ун во септември се заколнал дека никогаш нема да се откаже од нуклеарното оружје. Врховното народно собрание на Северна Кореја донесе закон за државна нуклеарна политика со кој се наложува употребата на нуклеарно оружје не само за одвраќање, туку и автоматски во случај на закана од напад врз раководството на земјата.