САД и Јужна Кореја започнаа големи воени маневри
22 август 2022Во услови на зголемени тензии на Корејскиот полуостров, јужнокорејските и американските воени сили ги спроведуваат своите најголеми заеднички летни маневри во последните пет години. Портпаролот на јужнокорејското Министерство за одбрана изјави дека вежбите започнале според планираното.
Властите во Сеул не дадоа никакви информации за бројот на вклучени војници или за воената опрема. САД имаат стационирано 28.500 војници во Јужна Кореја за одвраќање против заканата од самопрогласена нуклеарна сила. Северна Кореја.
Маневрите ќе траат до 1 септември
Под името „Улчи фридом шилд“, до 1 септември треба да бидат комбинирани тренинзи со компјутерски симулации, заеднички теренски вежби и голема вежба за цивилна заштита на Јужна Кореја. Во Сеул се стравува од остра реакција на Северна Кореја на единаесетдневните маневри.
Режимот во Пјонгјанг редовно ги обвинува САД дека нивните маневрисо Јужна Кореја служат како подготовка за напад. Вашингтон и Сеул го негираат ова, нагласувајќи дека вежбите се наменети за подобрување на одбранбените способности.
Тензиите во регионот повторно ескалираа годинава по серијата тестови на Северна Кореја на проектили способни да пренесуваат атомски боеви глави. Во последниве години, САД и Јужна Кореја од дипломатски причини го намалија опсегот на неколку вежби или целосно ги откажаа.