Северна Кореја вежба нуклеарна војна
20 март 2023Војската на Северна Кореја изведе нуклеарни воени вежби со кои се симулира нуклеарен контранапад на САД и на јужна Кореја, а вежбите ги надгледувале севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и неговата ќерка.
Вежбите вклучувале лансирање на проектили од краток дострел, но необично е тоа што една ракета била испукана од закопан силос, што може да помогне во зголемување на брзината и на стабилноста во идните тестови со интерконтинентални балистички ракети.
Севернокорејската државна агенција КЦНА, пренесе дека вежбите се осмислени за да ја засилат „способноста на одвраќање од војна и нуклеарен противнапад“, со тврдење дека Вашингтон и Сеул прават „експлицитен обид за започнување војна“ против Северна Кореја.
„Вежбата имаше за цел да ја покаже нашата цврста волја да дадеме вистински воен одговор и да испратиме предупредување до непријателот кој ги проширува своите агресивни воени вежби“, пренесува КЦНА.
Повик на готовност на војската
Порано месецов, Јужна Кореја и САД извршија заеднички воздушни и морски воени вежби во кои учествуваа и американски бомбардери Б-1.
Агенцијата додава и оти за време на вежбите балистичка ракета опремена со лажна нуклеарна боева глава прелетала 800 километри пред да ја погоди целта според сценариото за тактичкиот нуклеарен напад.
Севернокорејскиот претседател, Ким Јонг Ун, рече дека вежбите ги унапредиле воените способности на војската и повика таа да биде подготвена за секој „непосреден и надмоќен нуклеарен противнапад во кој било момент“.
„Сегашната ситуација, во која непријателите стануваат сѐ поизразени во своите потези на агресија врз Демократска Народна Република Кореја, од нас итно бара експоненционално да зголемиме одвраќање од нуклеарна војна“, рече тој.