Пјонгјанг демантира дека испорачува оружје за Русија
8 ноември 2022Северна Кореја денеска соопшти дека никогаш не соработувала со Русија во врска со вооружувањето и оти нема такви планови, откако САД изнесоа тврдење дека Пјонгјанг ѝ испорачува на Москва артилериски гранати за војување во Украина.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, порано рече оти артилериската муниција од Северна Кореја во Русија доаѓа како скриена пратка за Блискиот исток или за Африка и дека станува збор за „значителен број артелирски гранати“.
Претставникот на севернокорејското Министерство за одбрана ги нарече овие обвинувања „неосновани гласини“ и рече дека Пјонгјанг „никогаш немал трговија со оружје со Русија“ и оти „нема план тоа да го стори во иднина“.
Во соопштението се наведува оти Пјонгјанг ги гледа таквите „гласини“ како дел од „непријателскиот обид САД да го извалкаат имиџот на Северна Кореја во меѓународната арена“.
Каква било помош во вооружување би значела дополнително продлабочување на односите меѓу Пјонгјанг и Москва, чија изолација поради војната против Украина се засилува, а Северна Кореја е една од ретките земји која ја призна независноста на отцепените украински региони и изрази поддршка за нивно присоединување со Русија.