1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Сензација на изборите во Франција: победа за Левицата

Бернд Ригерт
8 јули 2024

Сосема неочекувано есктремната десница во вториот круг на парламентарните избори во Франција заврши на третото место. Претседателот Макрон ќе мора да постави левичар за премиер. Ризичниот маневар не функционираше сосема.

https://p.dw.com/p/4hzoi
Неверојатно славје: поддржувачите на обединетата Левица по победата на вонредните избори во Франција
Неверојатно славје: поддржувачите на обединетата Левица по победата на вонредните избори во ФранцијаФотографија: Thomas Padilla/AP/picture alliance

Наспроти анкетите и предвидувањата од изминатите недели, „Новиот народен фронт„ кој во делови е левичарски, освои најмногу места во францускиот парламент. Екстремно десничарскиот Национален собир (РН) според прелиминарните резултати од предвремените парламентарни избори, изненадувачки се најде на трето место. Неформалниот лидер на фронтот, Жан Лук Меленшон се прогласи за победник на изборите и рече дека „републиканската страст“ постигнала огромен успех. Пред само една недела се очекувала победа на РН, но „народот тоа го спречи“, рече лидерот на левичарската радикалната партија „Непокорлива Франција“. Претседателот Емануел Макрон сега мора да назначи за премиер човек од редовите на левицата. Сепак, левичарката коалиција нема апсолутно мнозинство во парламентот и веројатно ќе треба да направи коалиција со либералната партија на Макрон. „Ова е огромно олеснување за луѓето во Франција“ довикуваше Меленшон кон насобраната толпа во Париз, каде како и во многу други големи градови левичарите освоија најмногу гласови.

Воодушевен и изненаден: лидерот на радикалната левичарска партија Жан Лук Меланшон сака да стане премиер
Воодушевен и изненаден: лидерот на радикалната левичарска партија Жан Лук Меланшон сака да стане премиерФотографија: Thomas Padilla/AP/dpa/picture alliance

Фрустрираните крајни десничари

Претседателот на десно-екстремната РН, Жордан Бардела, како и основачот на партијата Марин Ле Пен, подготвуваа голема победничка прослава. Наместо тоа шампањот остана неотворен. Бројните приврзаници на партијата на изборната забава беа разочарани и едвај можеа да поверуваат дека излегоа едвај трети на изборите. Бардела рече дека РН изгубила затоа што левицата и Макрон направиле „неприродна“ коалиција. Во вториот круг Левицата и Макрон во бројни изборни единици имаа само еден заеднички кандидат, за да спречат мнозинство за РН и таквата математика очигледно беше успешна. „Гласачите се фрустрирани“, рече Бардела и оцени дека РН останува единствена алтернатива за левата и политиката од центарот. Изборниот систем базиран на мнозинство бил употребен против РН, вели Бардела.

Лидерот на партијата РН, Жордан Бардела: Големи придобивки во споредба со 2022 година, но само на третото место
Лидерот на партијата РН, Жордан Бардела: Големи придобивки во споредба со 2022 година, но само на третото местоФотографија: JULIEN DE ROSA/AFP

Партијата на Макрон втора најголема сила

Макрон, кој изборната вечер ја помина повлечен во Елисејската палата, стави се на една карта и ризичната игра на ја изгуби целосно. По разочарувачкиот резултат за неговата партија на европските избори во јуни го распушти парламентот и распиша предвремени избори, со кои сакаше да добие нов мандат од гласачите. Но, таквата математика не беше сосем успешна, бидејќи од една страна во вториот круг успеа да спречи преземање на власта од страна на екстремно десните, но сега мора да соработува со делумно екстремната левица. Неговата партија е втора по бројот на освоени гласови. Аналитичарите сметаа на историска победа на десните и тоа ќе беше прв пат во историјата на модерна Франција екстремната десница да стане најголема сила на слободни парламентарни избори. Но, тоа не се случи.

Поместена распределбата на моќта меѓу претседателот и парламентот

Со 67 проценти забележана беше рекордна излезност на изборите. Изненадувачкиот потег на претседателот ги мобилизираше гласачите кои чувствуваа дека ова се историски избори.

Палата Бурбон седиште на францускиот парламент во Париз
Палата Бурбон седиште на францускиот парламент во ПаризФотографија: Bernd Riegert/DW

Гезине Вебер, аналитичарка за Франција во тинк-тенкот „Германски Маршалов фонд“ во разговор со ДВ смета дека Макрон од доаѓањето на власт во 2017 година целосно се оддалечил од гласачите и дека „се гледа оти Французите беа целосно незадоволни со неговата политика. Неговиот пристап и план да создаде нова политичка сила во центарот и да ги заслабне маргиналните сили, воопшто не функционираше", вели таа.

Советник на претседателот во француските медиуми се цитира со зборовите дека „Макрон го предава клучот на пратениците, тој веќе не е во Елисејската палата." Очигледно до крајот на неговиот мандат во 2027 година Макрон ќе биде „безгласна буква“, а политичката архитектура во државата се менува во „кохабитација“, односно изнудена соработка меѓу претседателот и владата чие мнозинство е од друг политички блок. Макрон исклучи повлекување од функцијата. Тој останува задолжен за надворешната политика и одбраната. Внатрешната политика и економијата пак ќе може да ја одредува владата под водство на левичарски премиер.

Формирање на влада со потешкотии

Марин Ле Пен и Жордан Бардела се обидоа десно-екстремната РН да ја претстават како умерена и во првиот круг на изборите посебно гласачите во руралните делови од Франција веруваа во таквиот имиџ. Во вториот круг една недела подоцна сепак се сврте приказната, но и покрај лошиот изборен резултат РН за многу Французи стана нормална партија.

Претседателот Макрон го дава својот глас: Дали ќе бара нова коалиција со умерената Левица и Зелените?
Претседателот Макрон го дава својот глас: Дали ќе бара нова коалиција со умерената Левица и Зелените?Фотографија: Mohammed Badra/AP Photo/picture alliance

Лево и десно-екстремните добија нова сила благодарение на предвремените избори, вели Вебер за ДВ. Кој ќе биде предводник на новата влада, останува да се види. Пред изборите Макрон категорично исклучи дека ќе го назначи за премиер левичарско-радикалниот Меленшон. Неговата партија „Непокорлива Франција“ е четири пати полоша од десно-екстремните РН. Во првопласираниот народен фронт, покрај радикалната Левица, се и Социјалистите, Социјалдемократите и Зелените. Претседателот сега би можел да се обиде на брзина оформениот фронт да го подели за да соработува само со умерената Левица. На Плоштадот на републиката во Париз се собраа илјадници луѓе за да ја прослават победата на левицата. Многумина од нив беа изненадени и среќни дека десно-екстремните не дојдоа на власт.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија