1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на УНРВА во Брисел бара пари за помош на Палестинците

Бернд Ригерт
12 февруари 2024

По обвинувањата на Израел дека вработени во Агенцијата на ОН шуруваат со Хамас, бројни држави го прекинаа финансирањето на оваа организација од која зависи животот на милиони Палестинци. Ќе продолжи ли наскоро помошта?

https://p.dw.com/p/4cI5y
Шефот на УНРВА Филипе Лазарини
Шефот на УНРВА Филипе ЛазариниФотографија: Salvatore Di Nolfi/picture alliance/KEYSTONE

Два дена пред состанокот на генералниот секретар на УНРВА, Филипе Лазарини со министрите на ЕУ за развојна помош во Брисел, израелската војска изнесе нови сериозни  обвинувања на сметка на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци.

Наводно, под седиштето на таа организација во Појасот Газа е пронајден тунел кој го користел Хамас за извршување на разузнавачки активности. Милитантната исламистичка палестинска организација Хамас од страна на ЕУ, САД и други држави е означена како терористичка организација. 

Шефот на УНРВА тврди дека не му било познато постоењето на тој тунел или негово снабдување со струја од седиштето на организацијата. Покрај тоа, зградата на УНРВА не е користена од 12 октомври, односно набрзо по терористичкиот напад на Хамас на израел на 7 октомври.

Тунел на Хамас Појас Газа
Тунел на Хамас: Израел обвинува дека вработени во Агенцијата на ОН шуруваат со ХамасФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Израелскиот министер за надворешни работи Кац бара оставка на Лазарини. Во јануари големо внимание предизвика веста за наводна соработка на дванаесет вработени во УНРВА со Хамас.

Многу прашања за Лазарини

Филипе Лазарини денеска (12 февруари) во Брисел ќе мора да се соочи со бројни прашања на министрите на ЕУ, откако некои од европските земји ја прекинаа финансиската помош за згрижување на палестинските бегалци.

Тие сакаат да знаат дали вработените во УНРВА евентуално биле вмешани во терористичкиот напад на Хамас врз Израел.

Филипе Лазарини, искусен дипломат на ОН, ја води  агенцијата УНРВА од 2020 година и веќе порано морал да одговара на незгодни прашања. Имено, неговиот претходник Пјер Кренбил поднесе оставка по бројни обвинувања за непотизам и злоупотреба на функцијата.

Откако дванаесет од околу 13.000 вработени во УНРВА во Појасот Газа беа обвинети за соработка со Хамас, ОН веднаш им даде оставка на десет од нив, додека двајца веќе не се живи.

УНРВА Појасот Газа
УНРВА обезбедува храна за луѓето во Појасот ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/AA/picture alliance

Во тек е и интерна истрага на ОН, по налог на генералниот секретар, Антонио Гутереш. Сите одговорни би требало да бидат идентификувани.

Како што наведува агенцијата на ОН, израелската влада уште не доставила никакви докази за тврдењето дека десет процентиод вработените во УНРВА се поврзани со терористите на Хамас.

Германија ја прекина помошта, Шпанија ја зголеми

Филипе Лазарини доаѓа во Брисел за да апелира до ЕУ и нејзините земји членки да продолжат со финансирањето на УНРВА. Девет држави членки, вклучувајќи ја и Германија, ги суспендираа исплатите за таа хуманитарна организација додека истрагата не биде завршена.

Останатите членки, како Ирска и Белгија, продолжуваат да плаќаат. Шпанија пак дури го зголеми својот придонес за 3,5 милиони евра, со цел да обезбеди натамошна хуманитарна помош за населението на Појасот Газа. Португалија исто така сака да уплаќа повеќе од порано.

„Мислам дека укинувањето на  финансирањето на ваква агенција  е еднакво на колективно казнување на палестинскиот народ“, изјави за Дојче веле Пабло Бустиндуј, шпански министер за социјала. „Тие луѓе се во неопислива ситуација во поглед на човековите права, затоа сум многу горд на она што го прави шпанската влада“.

Европската унија моментално не издвојува пари од својот буџет, зашто до крајот на месецот не се предвидени издатоци, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.

Дотогаш анализата на финансиските токови треба да покаже дали парите завршувале кај терористите и дали ќе продолжи соработката со УНРВА. Не постои единствен став на ЕУ и нејзините членки: „Тоа не е добро“, се пожали Борел.

Борел: УНРВА не може да се замени

По неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на почетокот на февруари, Борел нагласи дека исплатите на помош за Палестинците во Појасот Газа дефинитивно мора да продолжат.

„Секако ќе се залагаме за  проверки и контроли поради пропустите  поврзани со одговорност, но можам да кажам дека мнозинство од 27 држави членки смета дека УНРВА не може да биде заменета. Повторувам – нема замена за УНРВА!“

Според зборовите на Борел, УНРВА храни околу два милиона луѓе, не само во Појасот Газа, туку и на Западниот Брег, во Јордан и Либан. Организацијата организира и медицинска заштита и обезбедува школување.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел: Нема замена за УНРВАФотографија: Mohamed Azakir/REUTERS

„Кој би можел преку ноќ да ја замени?“, праша Жозеп Борел. „УНРВА игра клучна улога. Вистина е дека израелската влада е многу критична кон УНРВА, не само сега, туку и порано. Но, не можеме да казниме два милиона луѓе.“

Шулце: Ќе мора да помогнеме

Германија е втор најголем донатор на УНРВА  со 202 милиони долари во 2022 година. САД, кои исто така ги прекинаа своите уплати, се најголем донатор со 344 милиони долари. На трето место е ЕУ, односно заедничкиот фонд на сите држави-членки со 114 милиони долари.

По обвинувањата, покрај неколку држави членки на ЕУ, исплатите ги прекинаа и Јапонија, Швајцарија, Обединетото Кралство и Канада. Со тоа вкупно 20 земји во светот реагираа на обвинувањата. 

Германската министерка за развојна помош Свења Шулце претпоставува дека финансирањето на УНРВА ќе продолжи по истражувањето на целиот случај.

„Не можам да замислам да не продолжиме со поддршката со оглед на страдањата кои моментално владеат во тој регион. Мораме да помогнеме. И во интерес на Израел е да им се помогне на луѓето во регионот“, изјави неодамна Шулце за германската телевизија Н-ТВ.

Од март работата е загрозена

Во соопштението за јавност од минатиот четврток, УНРВА објави дека од крајот на месецот ќе има потешкотии во одржувањето на снабдувањето на населението во  Појасот Газа,  разорен од израелските воени операции.

Организацијата за помош, која веќе 75 години е одговорна за палестинските бегалци, не се финансира од редовниот буџет на ОН, туку зависи од годишни донации.

„Иако УНРВА е навикната да се справува со финансиска неизвесност, случувањата во јануари претставуваат ново ниво на ризик. Ако донаторите не продолжат да плаќаат брзо и обемно, агенцијата кон крајот на февруари би можела да стигне до крајот на своите ресурси“, стои на веб-страницата на УНРВА.

Токму тоа Филипо Лазарини сака да го спречи со својот настап во Брисел.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија