1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Скандалот со УНРВА веројатно поголем од очекуваното

ЖА /АРД
30 јануари 2024

Веста дека вработени во Агенцијата на ОН за помош на Палестинците биле вклучени во нападот на Хамас врз Израел предизвика ужас и намалување на финансирањето. Скандалот се чини дека уште повеќе се проширува.

https://p.dw.com/p/4bpc2
УНРВА во Појасот Газа
УНРВА во Појасот ГазаФотографија: picture alliance/dpa/APA/ZUMA Press Wire

Според медиумски извештај, обемот на наводната поврзаност меѓу вработените во Агенцијата на ОН за помош на Палестинците (УНРВА) и терористите во Појасот Газа е поголем отколку што претходно се претпоставуваше. Претходно беше објавено дека  за дванаесет од нив постои сомнеж дека учествувале во  терористичкиот напад на Хамас во Израел на 7 октомври.  Но, се чини дека размерите се поголеми. Севкупно, околу десет отсто од околу 12.000 вработени во  хуманитарната организација УНРВА,  вработени во Појасот Газа,  имаат врски со Хамас  или со исламистичкиот џихад, објави американскиот весник „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на разузнавачки извештаи. Податоците се базираат на информации добиени со анализа на мобилни телефони и испрашувања на затвореници –припадници на Хамас и на документи кои биле запленети од убиените борци, пишува весникот. Американската влада била информирана за разузнавачкото досие. Обвинувањата против вработените за нивната наводна вмешаност во масакрот на Хамас предизвикаа бес низ светот. Како одговор, многу земји привремено ги прекинаа плаќањата на агенцијата за помош, вклучувајќи ги Германија, САД, Велика Британија и Франција.

Гутереш на средба со земјите донатори

Според ОН, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш сака денеска да се сретне со претставници на земјите донатори во Њујорк. Тој се залага за понатамошно финансирање на организацијата УНРВА. Неговиот портпарол Стефан Дужарик изјави дека генералниот секретар на ОН е „лично згрозен“ од обвинувањата. „Но, неговата порака до донаторите - особено оние кои ги прекинаа своите придонеси - е барем да обезбедат континуитет на работата на УНРВА“. Агенцијата на ОН за помош на Палестинците има „десетици илјади посветени вработени“ во регионот, истакна портпаролот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно повика на брзо разјаснување на обвинувањата. Агенцијата на ОН игра „апсолутно незаменлива улога во разјаснувањето дали мажите, жените и децата на кои толку очајно им е потребна помош во Газа, навистина ќе ја добијат“, рече Блинкен.

Израел повикува на реформа на хуманитарната организација

Израел повика на сеопфатна реформа на организацијата на ОН за помош на Палестинците. „Проблемот на УНРВА не се само 'неколку скапани јаболка' вмешани во масакрот на 7 октомври“, цитираше „Волстрит џурнал" изјава на висок израелски владин претставник. „Институцијата како целина е засолниште за радикалната идеологија на Хамас“, тврди функционерот.

„УНРВА одамна е под ист јорган со терористите“, изјави за „Тагесшпигел" израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор. Уште извршителите на масакрот на Олимписките игри во Минхен во 1972 година беа дипломци на училиштата на УНРВА, вели Просор. Тој го поздрави фактот на сергашното замрзнување на финансиските уплати „во голем обем“. Но, тоа може да биде само почеток. „Онаква каква што е сега УНРВА, не може да придонесе за мирот“, смета Просор.