1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се сеќавате ли на Сигурими?

15 септември 2022

Соработката со платенички екстремни агентури ја ништи нитката на патриотизмот и родољубието, спремноста за жртва и борба. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Gsem
Која е целта на заговараните лустрации
Која е целта на заговараните лустрацииФотографија: imago/Steinach

Политичката сцена во Албанија деновиве е потресена од наводни докази за наводно доушништво на извесен лик со иницијали И.М. со комунистичката тајна служба Сигурими на НР Албанија во време на диктатурата на Енвер Хоџа. Иницијалите секако алудираат на поранешниот претседател Илир Мета, кој наводно го кодошел својот близок другар пред службениците на Сигурими. Досегашните индиции укажуваат дека сепак станува збор за сосема другa личност. Како и да е, сета драмолетка послужи како шлагворт во отварањето на темата на шпионите,  влијанијата на Сигурими во пост-комунизмот и нивната лустрација.

Кусиов осврт не би бил целосен доколку не укажеме на еден интересен детаљ кој звучи познато. Слично на  нашите искуства со лустрацијата,  предводници на барањата за лустрација во Албанија денес доаѓаат од Социјалистичката партија, преполна со потомци на поранешни комунистички ем Сигурими кадри. Втората сличност е дека идентично како во Македонија, и во Албанија смислата на лустрацијата е диктирана од намерата за ништење на опозицијата од страна на владејачката партија, со премолчана согласност на надворешни фактори.

Постарите паметат (а помладите можат да гуглаат) дека името Сигурими беше редовно присутно во јавноста како составен дел на анти-албанската пропаганда, судските пресуди за стотици осудени млади Албанци врз основа на иредентизам-сепаратизам и известувања за спречени инциденти наложени или организирани од соседната тајна служба. Тој е широко присутен тренд во осумдесетите години на минатиот век и накусо по демократизацијата во Македонија и Албанија, заклучно со преименувањето во Sherbimi Informativ Kombetar (ШИК) и Sherbimi Informativ Shteteror (ШИШ). Пристапниот процес кон НАТО и засилената регионална соработка на разузнавачите стави крај на таквиот третман. Тоа е барем службената верзија. 

„Жртвени јариња“ 

Во реалноста, како и со потомствата на УДБА, КОС, СИД, ведетите и децата на комунистичкиот агентурен екстремизам продолжија да го кешираат сопственото влијание. Упатно е да се потсетиме на несреќната судбина на албанскиот деец Ремзи Хоџа од Скопје, киднапиран, измачуван и на крај убиен во Албанија од припадниците на ШИК превземени од Сигурими. Историјата ќе запише и редица други нерешени случаи на односот на тајната служба кон домашни и надворешни политички дејци, особено во пресрет на војната во Косово во 1999 година. Исто како што ќе останат забележани примерите на соработка помеѓу Сигурими и УДБА како што е случајот со младиот книжевник, пребегнат од Албанија во СФРЈ и вратен во Албанија во 1967 и на крај обесен во 1988г. по налог на Рамиз Алија и Кристаќ Рама, татко на Еди Рама. 

-Други колумни од авторот: Македонија е во НАТО, Скопје сѐуште не

Слично на  познатите искуства со УДБА  или бугарската НС Сигурност (денес ДАНС), Сигурими секако имаше сопствени вметнати или домашни агенти соработници за време и по падот на комунизмот. По истиот метод, таквите соработници биле претежно од блиската етничка заедница, но и соработници од другите етнички заедници. Најголем дел од кои биле и останале ем непознати за јавноста, ем поштедени од законски санкции, согласно премолчаните договори на братството по шпиунажно занаетчиство. Оттаму, колку и да биле раскошни во убедливо докажување вина, апсолутно најголемиот дел од осудените за соработка со Сигурими во СФРЈ и СР Македонија се невини жртви кои морале да ја исполнат квотата и бидат жртвени јариња на „повисоки интереси”. 

Таквата пракса продолжи и во демократијата. Интересно е што иако речиси буквално сите албански првенци во политиката и јавниот живот биле и сеуште се обвинети или демонизирани за Голема Албанија, делење на Македонија, „тероризам” и што ли не друго, нема да најдете една единствена реченица во која било кој од нив е обвинет за соработка со Сигурими или ШИШ. Но затоа попрво ќе најдете – низ неслужбени белешки, секако – тврдења од албански политичари и лидери во Македонија дека оној или овој политички ривал, новинар, стопанственик, професор, аналитичар е агент на ШИШ Албанија или ШИК Косово. Впрочем, скраја сите фрлени досиеја по бавчи, фотокопии на УДБА лични карти, факсимили на документи за водството на ДУИ, никој досега го нема осомничено или обвинето водството на Интегративците како соработници на Сигурими. Иако самиот лидер на ДУИ и денес не ја крие неговата вљубеност во ликот, делото и неделата на Енвер Хоџа. 

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Митови и реалност 

Деконспирацијата и деконструкцијата на крвавото наследство на комунистичкиот агентурен екстремизам не може да биде изведено доколку претходно не се хуманизира севкупната карактерна природа на припадниците на тие служби. Било да е збор за Невзат Хаснедари (Сигурими), Александар Ранковиќ (СФРЈ), Томо Чкартов (Македонија), конструираниот имиџ на таквите злотвори секогаш бил намерно обвиен со аура на мистериозност, ингениозност, интелигенција и проникливост. Унисекс шпионски модел безмалку копиран од романтичните описи на МИ6 Агентот Џорџ Смајли од перото на Џон Ле Кар. Во реалноста, пак, станувало збор за безмалку банални ликови на провинциски кодоши на КГБ или ЦИА, исфрустрирани провинцијални силеџии и хејтери со параночни предиспозиции и садистички пориви. Да беа барем трунка од Смајли, мислите дека СФРЈ би се распаднала на така лесен начин а  Бугарија или Албанија би го доживеале колапсот  од 1990 и 1997 година? Митот е мит, но поведенијата на наследниците на агентурниот екстремизам по падот на комунизмот се потврда за нивната баналност и недокваканост. Искажана и докажана низ колапсот на нивните држави во слуганскиот интерегнум помеѓу газдите од комунизмот и шефовите од капитализмот. 

-Други колумни од авторот: Религиозен секстремизам

Најголемиот успех на Сигурими, УДБА, КОС, ДАНС во пост-комунистичкиот прото-демократски период беше умешноста сопствената битност да ја цементираат како судбински рбет на народно-етничкиот интерес. За за сосема набргу истиот да го напуштат и еволуираат во судбински “рбет на евро-нато интеграции, државни реформи и партнери од ексклузивна доверба на американските, германските, француските, британските и кој-плаќа-подобро и кој-мижи-по-слепо западни дипломати. Спремноста на Вашингтон, Париз, Лондон, а до скоро и Берлин и Брисел, во име на стабилноста да ја жртвуваат отчетноста е реал-политичката позадина на доминацијата на комунистичката агентура низ сите главни градови на регионот. Чие влијание нема да биде прекинато низ компромитирани лустрации, туку единствено низ политичка одлука на САД и ЕУ за целосна елиминација на истите од политичкиот и особено економскиот крвоток. Благодарение на скорешните иницијативи, се чини дека ЕУ и Германија се чекор поблиску до таквата одлука. За разлика од САД, Франција, Велика Британија за кои логиката на наслонување врз „ѓаволи кои ги познаваш 60 години" и доктрината „екстремистите полесно соработуваат” е сеуште окосница на обезбедување евтино влијание врз државите по цена на руинирање на земјите. 

Соработка со „стариот систем“ 

Бесполезно и нелогично е да се бара од ЕУ да инвестира во медиуми, НВО, академија, сѐ додека истите се дискретно контролирани од експонентите на службите и најнискиот можен именител на нивната доминација вплетена во стратегијата на САД за обезбедување стабилност по мерка на комунистички агентурни екстремисти и цена на пустошење на земјата од сопствениот народ и младина. Дека не станува збор за некакви етнички карактеристики или ендемски култури, најдобар пример и илустрација е Косово. Делумно благодарение на традиционалниот анти-комунистички отклон и култура на отпор, но пред сѐ и над сѐ благодарение на темелното градење на сосема нов административен, институционален, политички и економски систем според западни диктати, координати, контрола и надвор од пипците на старите естаблишменти, е причината за рапидниот подем на Косово. Како во поглед на демократските вредности, така и од аспект на економскиот развој и владеењето на правото. 

-Други колумни од авторот: Запишано во Куранот: Светот ќе биде Запад

Токму настаните во Украина, поточно колапсот на руската армија заснована врз бруталност, кодошење и страв (слично со искуствата од арапскиот свет на БААТ) ја потврдува фаталната деструктивност по безбедноста поради инсистирањето на соработка со „стариот систем”. Соработката со платенички екстремни агентури ја ништи нитката на патриотизмот и родољубието, спремноста за жртва и борба, онака како што храбрите Украинци катадневно порачуваат дека „бој не бие светло оружје, туку срце во јунакот”. Затоа, време е на партнерите од САД, Велика Британија, Франција да им се укаже јавно и јасно дека нивната определба и предодредба за фаворизирање и наслонување врз стари структури е директна, видлива и отворена закана по безбедноста на земјата. 

Отворете било кој сериозен медиум во Тирана, Скопје, Белград, Софија, Подгорица, Сараево, Загреб и нема да потрошите многу време за наоѓање на искази од сериозни набљудувачи кои во првите минути на интервјуто нема да укажат на деструктивната моќ на старите есктремистички агентури врз современата национална политика и економија. Проследено со доскора срамежливи, а сега веќе отворено цинични забелешки за улогата на западната дипломатија во дослух со таквите агентури, како капиталистички наследства на социјалистичките ПолитРук кадровици. Од друга страна, западните медиуми полни со детали за крвавата улога на КГБ, едвај дека ќе ги спомнат балканските кгб-еовштини без притоа да не понудат саракстични клештења и забелешки за „балканските паранои”.

Компромитацијата на гласно најавуваната американска Бајденова стратегија на антикорупција преку нејзино користење во дневно-политички подметнувања во Србија, Албанија и Македонија укажува дека САД немаат искрена намера да стават крај на соработката со екс-комунистичките екстремни агентури во регионот. Причина повеќе за Брисел и Берлин да заземат уште потврд и поургентен став за отварање на архивите на тајните служби од СФРЈ и Албанија. И според препораките на Прибе, истиот став го заклучат и цементираат како приоритетно прашање и капитален услов во сите пристапни преговори за членство во ЕУ. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач