Номинацијата на Трамп тешко може да се запре
25 јануари 2024По изборите има само победници, бидејќи секој кандидат го толкува резултатот во своја полза - како што направијаДоналд Трамп и Ники Хејли на републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир. Американската сојузна држава често изненадува нa внатрепартиските избори, но овојпат немаше изненадување - Трамп освои најмногу гласови и ја победи неговата противкандидатка Хејли. Ова покажува дека на поранешниот претседател веќе не може да му се одземе републиканската претседателска кандидатура. Тој доминира во партијата, мнозинството републикански гласачи го поддржуваат - и покрај четирите кривични случаи против него со вкупно 91 обвиненија. Никогаш претходно некој републиканец не победил на внатрепартиските избори во првите две сојузни држави без да биде избран и за претседателски кандидат.
Колку Трамп ја има својата партија под контрола го покажува и однесувањето на истакнатите републиканци. Поранешните предизвикувачи како Рон ДеСантис и Тим Скот, конгресмените како Елис Стефаник и сенаторите како Тед Круз од Тексас, ветија поддршка за Трамп. Дури и оние кои претходно го критикуваа поранешниот претседател и кои за возврат понекогаш беа омаловажувани од страна на Трамп. И на републиканците им требаа само неколку часа по гласањето во Њу Хемпшир да ја повикаат Хејли да ја прекине нејзината кандидатура. „Сега е време да се обединиме зад Трамп“, рече претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон. Притисокот врз Хејли во партијата ќе се зголеми во наредните денови и недели.
Непартиските гласачи не ѝ помогнаа на Хејли
Поранешната амбасадорка на ОН и поранешна гувернерка на Јужна Каролина му честиташе на Трамп. Таа борбено се претстави пред своите поддржувачи во Њу Хемпшир и нагласи дека трката е далеку од завршена. Таа е борец. И нагласи дека успеала да добие речиси половина од гласовите. „Каква одлична ноќ“, објави Хејли. Притоа резултатот може да се протолкува повеќе како пораз: Њу Хемпшир е сојузната држава во која стартната позиција на Хејли беше подобра отколку на кое било друго место. Бидејќи таму нејзината негатива во анкетите во однос на Трамп беше значително помала отколку во другите држави. Таа има истакнати поддржувачи таму, особено популарниот гувернер на Њу Хемпшир, Крис Сунуну. Таму Хејли вложи милиони долари во предизборната кампања. Освен тоа, во Њу Хемпшир, и непартиските гласачи можеа да учествуваат на внатрепартиските избори - како кај демократите, така и кај републиканците. Хејли полагаше надежи во тоа. Ништо од ова не ѝ помогна.
Нејзиниот поддржувач Сунуну постојано нагласуваше дека Хејли не мора да победи во Њу Хемпшир. Сѐ ќе се реши на таканаречениот „супер вторник“ на 5 март, кога републиканците ќе гласаат на внатрепартиските избори во 16 сојузни држави. Тој ден ќе бидат избрани повеќе од една третина од републиканските делегати. Сето ова е точно. Но, ако Хејли не успеа да го победи Трамп во Њу Хемпшир, тешко е да се замисли нејзина победа на внатрепартиските избори во друга американска држава. Дури и во нејзината родна држава Јужна Каролина, каде републиканските прелиминарни избори ќе се одржат на 24-ти февруари, работите не изгледаат толку добро за неа, слично како и во пресрет на гласањето во Њу Хемпшир. А многу ќе зависи од нејзините спонзори: Ако ги запрат парите, изборната кампања за Хејли ќе биде завршена, сакала таа или не.
Внатрепартиските избори на Демократската партија- споредна вест
Резултатот од внатрепартиските избори кај Демократската партија во Њу Хемпшир се чини дека е само споредна вест. Претседателот Џо Бајден не беше на гласачкото ливче како претседателски кандидат поради внатрепартиски спор меѓу демократите околу нивната почетна држава за прелиминарните избори, но беа вкупно 21 друг кандидат. Сепак, Бајден победи на изборите: гласачите можеа рачно да го внесат неговото име на гласачкото ливче. Сè друго освен победа би било срамно за Бајден. Тој е речиси сигурен како претседателски кандидат на Демократската партија. Изборните резултати во Њу Хемпшир го направија уште поверојатно новото издание на дуелот меѓу Бајден и Трамп за претседателската функција, што значително повеќе од половина Американци не го посакуваат. Ова е и причината зошто на Трамп би му било трн во око доколку Хејли продолжи да се бори: тој повеќе би сакал целосно да се концентрира на изборната кампања против Бајден. Внатрепартиската конкурентка би можела да му го отежне животот до конвенцијата за номинација на претседателскиот кандидат на републиканците во јули - ако Хејли остане во трката толку долго.