Мејн го исклучува Трамп од прелиминарните избори
29 декември 2023Највисоката изборна служба во американската сојузна држава Мејн го исклучи републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп од учество на предизборите за трката за Белата куќа во САД следната 2024 година. Политичарката одговорна за изборите во Мејн, државниот секретар Шена Белоус, донесе одлука да се отстрани името на Трамп од гласачкото ливче, наведувајќи ја како причина неговата улога во упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година. Трамп поттикна бунт изнесувајќи лажни тврдења за изборна измама на претседателските избори во 2020 година, а потоа ги повика своите поддржувачи да маршираат кон Капитол за да ги спречат пратениците да го потврдат гласањето, образложи демократката Белоус во нејзината изјава.
Повикување на 14-тиот амандман на Федералниот устав
Противниците на Трамп во неколку сојузни држави се повикуваат на 14-тиот амандман на Федералниот устав, кој датира од времето на граѓанската војна. Тој им забранува да извршуваат функции на луѓе кои учествувале или поттикнале „бунт“ против уставот, а дале заклетва дека ќе го штитат. Критичарите на Трамп ја сметаат за докажана неговата вмешаност во упадот во Капитол. Белоус во изјава од 34 страници напиша дека својата одлука не ја донела лесно „Свесна сум дека ниту еден државен секретар никогаш досега не му забранил на претседателски кандидат да учествува на избори според третиот член од 14-тиот амандман. Но исто така, свесна сум дека ниту еден претседателски кандидат никогаш досега не учествувал во бунт."
Жалба против одлуката
Меѓутоа, Белоус го нема последниот збор, нејзината одлука може да биде обжалена во судовите во Мејн. Портпаролот на предизборниот тим на Трамп веднаш најави дека ќе преземат мерки против одлуката. Изборниот тим на Трамп ја опиша одлуката на Белоус, меѓу другото, како „обид за кражба на избори“. Мејн е втората сојузна држава што го исклучува поранешниот претседател. Минатата недела Врховниот суд во Колорадо донесе сензационална одлука со која на републиканецот нема да му биде дозволено да учествува на претседателските прелиминарни избори на неговата партија во државата поради неговата улога во упадот во Капитол и спречување на мирен трансфер на власта. Судските инстанци во државата Мичиген пак одлучија поинаку. Републиканците во Колорадо ја обжалија одлуката оваа недела, а самиот Трамп најави дека ќе поднесе жалба до Врховниот суд на САД.
Трамп е јасен фаворит меѓу републиканците
Прелиминарните избори на Републиканската партија почнуваат на 15 јануари во државата Ајова, а прелиминарните избори во Мејн и Колорадо се закажани за 5 март. Победникот на првичните избори ќе се соочи со актуелниот шеф на државата Џо Бајден од Демократската партија на претседателските избори на 5 ноември 2024 година. Бајден го победи Трамп на претседателските избори во 2020 година, но Трамп одбива да го признае својот пораз и изнесе наводи за изборни измами кои беа во повеќе наврати побиени. Крстоносната војна на десничарскиот популист против неговиот изборен пораз резултираше со напад на радикалните поддржувачи на Трамп врз Конгресот, каде изборната победа на Бајден требаше конечно да биде потврдена на 6 јануари 2021 година. Непосредно пред нападот, Трамп ги повика своите приврзаници да маршираат до Капитол и да се борат „без разлика на сѐ".