Бајден сака реизбор само за да го спречи Трамп
6 декември 2023Во повторната кандидатура на неговиот претходник Доналд Трамп за Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден гледа причина за кампањата за свој реизбор на функцијата.
„Ако Трамп не се кандидираше, не сум сигурен дека ќе барав реизбор“. Не смееме да му дозволиме да победи“, изјави Бајден на една донаторска конференција во Бостон.
На претседателските избори во 2024 година во прашање е опстанокот на американската демократија, зашто екс претседателот Трамп и неговите приврзаници се решени да ги уништат демократските институции, предупреди Бајден.
За време на предизборната кампања, Трамп се опиша себеси како инкарнирана „одмазда“ на неговите поддржувачи и, алудирајќи на неговите политички противници, вети дека ќе ги искорени „штетниците“ во земјата доколку се врати во Белата куќа, предупреди претседателот Бајден. Покрај тоа, неговиот претходник беше „единствениот кандидат“ во историјата на САД кој не ги прифати резултатите од изборите. Кога поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година, тој ги следеше настаните на телевизија во трпезаријата до Овалната соба и „гледаше како му се закануваат на неговиот потпретседател“, рече Бајден. Заменикот на Трамп, Мајк Пенс, во неговата тогашна улога како претседател на Сенатот го надгледуваше потврдувањето на изборната победа на Бајден во Конгресот тој ден.
Американскиот претседател го пофали „моќниот глас“ на поранешната републиканска пратеничка Лиз Чејни, која предупреди дека САД „ќе месечарат во диктатура“ доколку поранешниот американски претседател Трамп повторно се врати во Белата куќа. Трамп беше поразен од Бајден на претседателските избори во 2020 година, но до ден денес одбива да го признае својот пораз и шири лага за изборна измама. Како резултат на тоа, тој мора да одговара на суд за неколку кривични случаи – како прв претседател во историјата на САД. Минатата година тој дури повика на укинување на уставот преку социјалниот медиум што тој го основаше: „Голема измама од ваква природа и големина дозволува укинување на сите правила, прописи и членови, вклучително и оние во Уставот“.
Трамп води меѓу кандидатите за републиканска претседателска номинација со голема разлика во внатрешните партиски анкети. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека кај населението во САД се зголемуваат сомнежите за способноста на Бајден, со оглед на неговата возраст. Претседателот неодамна наполни 81 година, неговиот можен противник Трамп има 77 години. Номинацијата на Бајден за кандидат на Демократите се уште се смета за сигурна. Нов претседател ќе биде избран во САД на 5 ноември 2024 година.