1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Проверка на факти: Митови за ХИВ и СИДА

Ута Штајнвер
1 декември 2023

За ХИВ и СИДА се знае веќе 40 години. Медицинскиот напредок е голем, но има и многу незнаење и несигурност. Светскиот ден за борба против сида, 1 декември, е прилика да се стават под лупа некои митови во врска со сидата.

https://p.dw.com/p/4ZeSq
сида кондоми безбеден секс
Кога се користат правилно, кондомите го спречуваат пренесувањето на ХИВ за време на сексотФотографија: picture alliance/Zoonar

Тврдење: Сè уште постои широко распространето мислење дека врз основа на изгледот можете да се препознае дали некое лице има ХИВ, затоа што, на пример, лицето е слабо или изнемоштено. На социјалните мрежи многу слаби луѓе се соочени со прашањето дали се заразени, а луѓето кои навистина се инфицирани во околината често слушаат дека и не изгледаат како да имаат ХИВ.

Проверка на факти на ДВ: Неточно.

„ХИВ не се гледа“, објаснува Холгер Вихт, портпарол на Германската помош за лица со СИДА: „Ако се заразите со ХИВ, во вашето тело многу години се случува нешто што не е видливо за надворешниот свет.“ Само во првите неколку недели по инфекцијата може - но не мора - да се појават симптоми слични на грип. Потоа и тие исчезнуваат.

Кај некои луѓе е видлива долга историја на болеста, вели Вихт. Тој нагласува дека порано лековите против ХИВ вирусот го менувале телото и, на пример, предизвикувале тонење на масното ткиво во образите. Сепак, тој нагласува: Сликите од лица со СИДА не треба да се поистоветуваат со инфекцијата. „СИДА е сериозна болест која се јавува кога ХИВ не се лекува. Тоа се две сосема различни работи. СИДА е последната фаза, а ХИВ е инфекција и инфекцијата не е видлива“.

УНАИДС, програмата на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, исто така нагласува: „Лице заразено со ХИВ може да изгледа здраво и да се чувствува добро, но сепак да го пренесе вирусот“. Само тест може да обезбеди сигурност.

Тврдење: Некои луѓе сè уште мислат дека сите луѓе со ХИВ се заразни. „Повеќето луѓе сè уште веруваат дека ХИВ е секогаш пренослив - односно, ако некој го има, тогаш може и да се пренесе“, вели Холгер Вихт од Германската помош за лица со СИДА.

Проверка на факти на ДВ: Неточно.

Светската здравствена организација (СЗО) појаснува: „Луѓето со ХИВ кои се на антиретровирална терапија и чие вирусно оптоварување веќе не е мерливо, не пренесуваат ХИВ на сексуални партнери“.

Лековите го спречуваат размножувањето на вирусот во телото. Ова го намалува вирусното оптоварување, понекогаш толку многу што веќе не може да се открие со помош на конвенционални тестови. Тогаш во телото нема доволно вирус за да може да ги зарази сексуалните партнери за време на сексуалниот однос. Сепак, СЗО истакнува: „Оваа состојба на потиснување на вирусот може да се смени ако некое лице изгуби пристап до лекот или не го земе како што е пропишано“.

Според УНАИДС, во 2022 година во светот живееле околу 39 милиони луѓе заразени со ХИВ. 71 процент од нив со антиретровирална терапија (АРТ) постигнале или незабележливо вирусно оптоварување, или вирусното оптоварување било толку намалено што вирусот сè уште бил забележлив, но на толку ниско ниво што Светската здравствена организација веќе претпоставува дека ризикот од пренесување преку незаштитен секс е „речиси нула или занемарлив“.

сида | ХИВ тест
Дали некој е заразен со ХИВ може да се утврди со помош на тест на крвта (архивска слика)Фотографија: Abdelhak Senna/AFP/Getty Images

Тврдење: Сѐ уште е раширено верувањето дека со вирусот можете лесно да се заразите во секојдневниот живот. 

Проверка на факти на ДВ: Неточно.

Многу добро е истражено како се шири ХИВ: меѓучовечките контакти во секојдневниот живот не се дел од тоа. „Главниот начин на заразување е преку сексуален пренос, со други зборови - близок сексуален контакт“, вели Адријан Пурен, директор на Националниот институт за заразни болести (НИЦД) во Јужноафриканската Република. Земјата е една од најпогодените од ХИВ - според УНАИДС, секое петто или шесто лице на возраст од 15 до 49 години е ХИВ позитивно.

„Инаку, инфекции се можни во ситуации кога сте изложени на крвни продукти.“ На пример, преку искористени, контаминирани игли во медицината и при употреба на дрога или, теоретски, преку трансфузија на крв. Сепак, дарувањето крв обично се испитува темелно пред крвта да се користи понатаму. Според СЗО, во земјите со високи приходи се испитуваат 99,8 отсто од донираната крв, а во земјите со ниски приходи - 76 отсто од донациите на крв.

Според Пурен, третиот релевантен пат е инфекцијата од мајка на дете. Ако жената е заразена, таа може да го пренесе вирусот за време на бременост, породување или доење. Но, и во овој случај, ризикот од инфекција може драстично да се намали со лекови што ги зема трудницата, а можеби и новороденчето. Според американската здравствена институција ЦДЦ, ризикот од пренесување тогаш може да падне на помалку од еден процент.

Според ЦДЦ, ХИВ може да се пренесе само преку одредени телесни течности. Тоа се крв, сперма, течности од вагината или ректумот и мајчиното млеко. „ХИВ не преживува долго кога е надвор од човечкото тело (на пример, на површини) и не може да се размножува надвор од човечкиот организам“, пишува ЦДЦ.

Светската здравствена организација нагласува дека зараза не е можна преку секојдневен контакт, како ракување, гушкање, бакнежи или споделување предмети, храна или вода. ЦДЦ, исто така, информира дека нема ризик од инфекција ако се јаде нешто што е обработено од ХИВ-позитивно лице. „Единствените познати случаи се кај доенчињата. До заразување доаѓа кога старателот на бебето претходно му ја џвака храната и крвта од устата завршува во храната“.

Плунката, солзите и потта не претставуваат ризик од инфекција. ХИВ вирусот исто така не се пренесува преку воздух или со седење на тоалетна шолја.


Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи