„Кондомите се се‘ уште важни за заштита од СИДА“
19 јули 2015Дојче веле: Кои се во моментов главните теми кога станува збор за ХИВ/СИДА, меѓу другото и на Меѓународниот конгрес во Ванкувер?
Норберт Брокмајер: За мене и натаму главна тема е информирањето на сите слоеви на населението, пред се‘ во земјите кои се најмногу погодени. Стратегијата мора да биде двојна: луѓето мора да знаат дека може да се инфицираат и мора да знаат на кој начин може да се инфицираат. Тие мора да имаат можност, ако се инфицирани со ХИВ, да добијат лекови што е можно побрзо за заштита на здравјето. Освен тоа, лековите значително го намалуваат и ризикот од инфекција на сексуалните партнери. Оттука, ставањето на располагање лекови е многу важно и повторно е тема за која на конгресот интензивно ќе се расправа.
Какво значење има профилаксата?
Две европски студии за преекспозициона профилакса, значи третман на неинфицирани лица како заштита од инфекција со ХИВ, беа многу успешни. За нив сигурно многу ќе се дискутира на конгресот, исто како и за прашањето - дали податоците кои се добиваат во Европа може да се воопштат. Кој доаѓа предвид за профилакса? За кого е наменета ваквата заштита? Со какви тешкотии се соочуваме? Што значи ваквата преекспозициона профилакса за погодените лица? Има многу прашања, а досега само малку одговори. Меѓутоа, многу важен останува кондомот. Преекспозиционата профилакса не е замена за кондомот. Таа е само дополнување.
До каде се истражувањата на ХИВ/СИДА?
Има многу истражувања концентрирани врз влијанието на болеста врз имунолошките функции. Во меѓувреме знаеме многу повеќе за интеракцијата меѓу имунолошкиот систем и вирусот. Со тоа се овозможи развој на состма поинакви терапии. Гледаме нови можности за ефикасно вакцинирање против ХИВ. Но во тој дел мора и натаму да се истражува. Доброто е што тие истражувања не се однесуваат само на ХИВ, туку од тоа профитира целата медицинска наука. Значителна е добивката што од тоа ја има терапијата на други болести и инфекции.
Кои земји во Европа се се‘ уште особено погодени?
Во Европа е многу погодена Источна Европа, значи Русија, но и Украина. Тоа делумно се должи на економските прилики, но и на политичкиот и општествен став кон ХИВ-инфекциите. Се покажува, особено во Русија, дека ако не се приоѓа отворено кон инфекцијата, ако таа и нејзините носители се предмет на презир и се третираат како луѓе од втор ред, тогаш нема ниту стратегија на превенција. Тогаш нема ниту заштита. Тоа се покажа во Кина. Таму пред многу години ХИВ официјално не се третираше, а инфицираните беа изолирани. Потоа Кинезите почнаа со многу отворена политика која се покажа како успешна. Со овие проблеми мора да се занимаваме отворено и либерално, зашто само така може да бидеме успешни. Се‘ додека вршиме притисок, се‘ додека луѓето со репресалии се туркаат во „илегала“, се‘ дотогаш ќе губиме во борбата против ХИВ.
Проф. д-р Норберт Х. Брокмајер е директор за истражување и настава и раководител на Центарот за сексуално здравје на Клиниката за дерматологија, венерологија и алергологија на Универзитетот Рур во Бохум. Тој е портпарол на Мрежата на компетенции ХИВ/СИДА и претседател на Германското друштво за унапредување на сексуалното здравје.