Трет човек во светот излекуван од ХИВ/СИДА
21 февруари 2023Зад Марк се наоѓаат години неизвесност. 53-годишниот електроинженер не сака да се споменува неговото вистинско име, а во науката ќе остане познат како „Диселдорфски пациент“. Истражувачите извлекоа многу сознанија од неговиот случај.
Марк добро се сеќава на моментот кога ја добил дијагнозата ХИВ: голем шок. Неговиот лекар, раскажува тој, тогаш му рекол: „Не сфаќајте го тоа толку трагично, заедно ќе доживееме ден кога ХИВ ќе може да се лекува“.
Дотолку со поголема гордост Марк сега може да каже: „Излечен сум од ХИВ“.
За разлика од други болести, ХИВ и натаму за пациентите останува стигма. И Марк на малкумина им кажал за своето заболување. Поинаку било пред три години, кога добил и леукемија. Со неа истовремено и доста полоша шанса за преживување, но барем можел да зборува за својата болест, вели инженерот.
Кризата се претворила во шанса
Она што на прв поглед изгледало невозможно, се претворило во вистинска шанса, зашто со животно опасната леукемија станала нужна трансплантација на матични клетки. А таа дејствува врз имунолошкиот систем, токму онаму каде буквално се сокриваат ХИ –вирусите. На инфектологот Бјерн Јенсен и хематологот Гидо Кобе од Универзитетската клиника Диселдорф, веќе им било познато дека во еден сличен случај,кај т.н. „Берлински пациент“, успеало излекување. Кратко потоа успех е постигнат и кај еден пациент во Лондон. „Проблемот е штоХИВ е многу вешт во тоа длабоко да се вгнезди во нашето тело. ХИВ ги напаѓа нашите долговечни имунолошки клетки, нашите имонолошки клетки способни за паметење, кои се одговорни за тоа одредени болести, како оние детските, да ги добиеме само еднаш во животот. Бидејќи ХИВ се вгнездува токму во овие имунолошки клетки, тешко е негово откривање. Меѓутоа, со транспланациската терапија против леукемија, успева токму тоа“, објаснува инфектологот: „Трансплантацијата на коскена срж која се врши всушност за лечење од малигна болест како леукемијата, во голема мерка уништува голем дел од имунолошкиот систем“, вели Јенсен.
Донација на матични клетки со генетска мутација
Со трансплантација на коскена срж, покрај имунолошкиот систем, се уништуваат и ХИ-вирусите. Но, бидејќи тие се толку добро сокриени, останува извесен број од нив, со што и пациентот останува инфициран. За да се излекува пациентот истовремено од леукемија и од ХИВ, била потребна донација на посебна коскена срж. Имено, кај одредени луѓе, првенствено во централна и северна Европа, постои една генетска мутација преку која телото е имуно на ХИВ. На нивните имунолошки клетки им недостига посебен рецептор (CCR-5 Ko-Rezeptor). А токму тоа е механизмот кој „на ХИВ му го отежнува продирањето во клетките. Така, ХИВ нема никаква шанса да го инфицира новиот имунолошки систем“, вели Кобе. Зашто, преку трансплантацијата се врши пренос на новиот имунолошки систем со генската мутација. Значи, телото на Марк било заштитено од вирусот.
Терапија само во исклучителни случаи
Марк морал да чека шест години додека лекарите не биле вистински сигурни во функционирањето на механизмот. Во 2018 година можел да ги прекине лековите против ХИВ. Четири години бил набљудуван од меѓународен истражувачки тим, а сега заклучокот е дефинитивен: Марк е излечен, па тимот научни истражувачи своите сознанија може да ги објави во научниот журнал „Природа медицина“.
Засега ова е терапија во многу редок број случаи, каде пациентот истовремено е заболен од ХИВ и леукемија, смета претседателот на Германското здружение за СИДА, Штефан Есер од Универзитетската клиника Есен. Тој самиот врши третман на други вакви пациенти, кои се заболени од ХИВ и леукемија.
Иако е многу ретка, оваа терапија е важно постигнување во истражувањето за ХИВ, но не и генерално за лекување на пациенти, истакнува инфектологот. „Зафатите кои се преземаат во овие случаи се комплексни и постои и ризик од смрт. За пациентите исходот беше добар, но терапијата не е соодветна за сите пациенти.“
Сепак, расте надежта дека во иднина и без трансплантација на коскена срж ќе може да се лечат пациенти од ХИВ, на пример со генска терапија. А за овие истражувања, случајот со „Диселдорфскиот пациент“ донесе важни сознанија.